И покрај дождот, на комеморацијата за жртвите на усташкиот концентрационен логор од Втората светска војна во Јасеновац, имаше околу 2.000 присутни.
Присутните прво се собраа во Меморијалниот музеј Јасеновац, а потоа колоната помина покрај земјените насипи, кои ги симболизираат гробовите на убиените и логорските објекти.
Претставници на антифашистичките групи и на српската, ромската и еврејската заедница во Хрватска, одржаа говори кај големиот споменик посветен на жртвите, наречен „Камен цвет“.
„Додека ‘За дом спремни’ не се тргне од употреба, нема да учествуваме на официјалната комеморација”, изјави претседателот на Координацијата на еврејските заедници во Хрватска, Огњен Краус, опишувајќи го логорот како „најмрачното место во хрватската историја”.
По настапот на хорот, беа прочитани сведоштва на затвореници на логорот и беа одржани кратки верски комеморации.
На денешната комеморацијата присуствуваше и делегација на хрватската главна опозициска партија, Социјалдемократската партија, СДП, предводена од нејзиниот претседател, Давор Бернадет.
Според списокот на спомен-подрачјето Јасеновац, кој содржи имиња и презимиња на жртвите, усташкиот режим, во периодот од август 1941 до април 1945 година, во логорот убил 83.145 Срби, Евреи, Роми и антифашисти.
Комеморацијата во Јасеновац се организира во знак на сеќавање на последниот пробој на затворениците, извршен на 22 април 1945 година, по што логорот беше уништен, а усташкиот режим симнат од власт.
Четврта година по ред, претставниците на еврејската и на српската заедница во Хрватска, како и претставниците на антифашистите, ќе ја бојкотираат официјалната државна комеморација во Јасеновац, која ќе се одржи на 14 април.
Во март, премиерот Андреј Пленковиќ ги повика Сојузот на антифашистички борци и антифашисти на Република Хрватска, и претставниците на Евреите, Србите и Ромите, заедно со државните функционери, да одржат комеморација за жртвите на овој усташки логор.
Но, Краус за медиумите изјави дека „ништо не се сменило за една година, ништо ново не се случило“, што би го оправдало нивното присуство на заедничката државна комеморација оваа година.
Антифашистичкото здружение, како и лидерите на еврејската и на српската заедница изјавија дека државата не ги презела неопходните мерки за запирање или барем за намалување на негирањето на холокаустот и на геноцидот во Втората светска војна.
Пратеникот на ромското малцинство, Вељко Кајтази, во март изјави дека се залага за заедничка комеморација за жртвите на Јасеновац, но дека тој, сепак, ќе оди и на двете, „иако ние Ромите, сеќавањето на нашите жртви од логорот Јасеновац, го одбележуваме на 2 август“, додаде Кајтази.
Усташите беа на чело на Независната Држава Хрватска, НДХ, од 1941 до 1945 година, која беше сојузник на нацистите и иако немаа целосна контрола врз нејзината територија, во која беше вклучена и БиХ, тие водеа кампања на масовни убиства на Евреите, Србите и левичарите. Беа поразени од партизаните предводени од Јосип Броз Тито, кои во 1945 година целосно ја презедоа контролата над Југославија.