На сослушувањето што во вторник се одржа пред Окружниот суд во Сплит, поранешниот офицер на ЈНА, Милан Павловиќ, ги призна наводите од обвинението, како дел од договорот за признавање на вината.
Павловиќ, кој има 73 години, е поранешен поручник на ЈНА. Обвинет е за воени злосторства извршени врз цивили во регионот околу Шибеник, во септември 1991 година.
Заедно со други, наводни сторители, на кои не им се суди заедно со Павловиќ, тој, како командант на артилериска единица, се товареше за учество во напади врз цивили и цивилни и културни објекти во Шибеник.
За време на нападот, еден цивил бил тешко ранет, додека во голема мера биле оштетени градската катедрала, које е знаменитост на Шибеник, околните цркви, објекти кои се сметале за културно наследство и други градби.
Иако Павловиќ на прелиминарното сослушување во февруари изјави дека не е виновен, тој го смени својот исказ, како резултат на договорот меѓу обвинителството и одбраната, за признавање на вината, за казна затвор од четири и пол години.
Минималната казна предвидена за воени злосторства е пет години, но судот може да донесе одлука за изрекување на помала казна под посебни услови – кога станува збор за признавање на вината, кога обвинетиот е стар или во лоша здравствена состојба.
„Признавам“, рече Павловиќ, кога судијата Владимир Живалиќ го праша дали ги признава наводите во обвинението против него.
„Жал ми е за сето она што се случи, тоа не требаше воопшто да се случи“, додаде тој.
Обвинителството наведе дека собрало доволно докази, со кои, доколку судењето продолжеше, ќе беше потврдена вината на Павловиќ. Освен документи, обвинителството предложи и 50 сведоци – поранешни припадници на ЈНА, хрватски војници, членови на семејствата на загинатите лица и други цивили, кои биле сведоци на гранатирањето.
Завршните зборови и читањето на пресудата се закажани за 4 мај.
Црногорската полиција го уапси Павловиќ врз основа на потерница од Интерпол, во март минатата година, на граничниот премин во Бијело Поље, кога од Србија сакал да влезе во Црна Гора.
Црногорскиот Апелациски суд во мај 2017 година донесе одлука за негова екстрадиција, а во Сплит беше екстрадиран во јули.
Обвинителството во Шибеник го обвини Павловиќ и шест други офицери на ЈНА, за злосторства извршени во 1992 година. Окружниот суд во Шибеник го прогласи Павловиќ за виновен и го осуди на 15 години затвор во отсуство.
По екстрадицијата, Павловиќ побара повторно судење и ова барање му беше одобрено.
Меѓу другите обвинети во овој случај е и Ратко Младиќ, тогаш командант на 9-тиот корпус на ЈНА, чија база беше во Книн. Во негово отсуство, Младиќ беше осуден на 20 години затвор.
Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг, во ноември минатата година, го прогласи Младиќ за виновен за геноцид во Сребреница и за други злосторства.