Регион

Офицер на косовските безбедносни сили повикан во Хаг на сослушување

Седиштето на специјалниот суд во Хаг. Фото: Европол

Специјализираното обвинителство на Косово, го повика поранешниот командант на ОВК, Петрит Бојаџиу, да дојде во Хаг и да одговори на прашања за неговите активности за време на војната.

Бојаџиу во моментов е капетан во косовските безбедносни сили (КБС).

Организацијата на воени ветерани од Драгаш, издаде соопштение во кое го осуди повикот.

„Ние остро реагираме на оваа неправда што специјалниот суд им ја прави на нашите соборци“, се вели во соопштението, во кое се потврдува дека Бојаџиу ќе одговори на повикот. Тој треба да се појави пред обвинителите на 25 септември.

Од минатата година, обвинителството сослуша повеќе од 40 поранешни припадници на ОВК, меѓу кои и неколку актуелни високи политичари.

Специјализираното обвинителство на Косово е основано во 2015 година и има задача да спроведе истраги за злосторствата, наводно, извршени од припадниците на ОВК, од почетокот на 1998 до крајот на 1999 година, кои вклучуваат убиства, киднапирања, нелегални апсења и сексуално насилство.

На оние, против кои ќе биде поднесено обвинение, ќе им се суди пред Специјализираните совети. Досега јавно не е објавено ниту едно обвинение.

Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство (пошироко познати како специјален суд) на Косово, се дел од правниот систем на Косово и функционираат во согласност со косовското право, со ангажман на меѓународни судии и обвинители. Во Косово нашироко постои негативен став кон овој суд, бидејќи многумина ја сметаат ОВК за војска која ги ослободила од српското владеење.