Ако охридскиот регион се прогласи за светско наследство во опасност, тој статус може да се надмине за неколку години или за неколку децении, покажуваат искуствата од локалитетите што ги надминале ризиците и биле вратени на незагрозената листа на УНЕСКО.
Конференцијата на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО е во тек веќе четири дена, а од македонската делегација составена од владините претставници Едмонд Адеми и Андреј Жерновски и од градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, очекуваат дека одлуката за охридскиот регион ќе се донесе утре.
Тие не коментираа какви се очекувањата за тоа што ќе биде одлучено за Охрид. На дневниот ред на конференцијата е точката регионот да се премести од листата на светско наследство на листата на наследство во опасност, каде што се наоѓаат педесетина локалитети во светот. Такви предлози на оваа конференција има и за природни резервати во Бангладеш и во Мексико, долината на Катманду во Непал и за стариот град Несебар во Бугарија.
Има губење, но има и враќање
Прогласувањето на регионот за светско наследство во опасност не значи дека тој целосно ќе го загуби статусот на подрачје на УНЕСКО. Постојат повеќе примери во кои откако државите, со помош на експертите од светската организација, презеле енергични мерки, ги вратиле своите локалитети на листата на незагрозено природно или културно наследство.
На годинешната конференција се очекува црквата на Христовото раѓање во Витлеем, како и еден стар рудник во Чиле да бидат тргнати од загрозената листа. Директорката на Центарот за светско наследство, Мехтилд Рослер, на прес-конференција во Баку изјавила дека заедно со владите на Израел и на Чиле направиле сѐ за подобро да ги заштитат овие места.
Минатата година, коралниот гребен на Белизе бил тргнат од листата на загрозено наследство, откако властите, заедно со локалните граѓански организации, вложиле многу труд за да го намалат загадувањето и прекумерниот риболов.
Претходно, на конференцијата во Краков, во 2017 година, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одлучи да ги тргне од листата на загрозени локалитети националните паркови Симиен во Етиопија и Комое во Брегот на Слоновата Коска. За двете држави било наведено дека значително го подобриле управувањето со овие национални паркови, ја зајакнале борбата против криволовот и вовеле одржливо одгледување добиток, а во Етиопија бил изграден и обиколен пат за да се намали сообраќајниот метеж во паркот.
Но, требало многу време за да се постигне напредокот. Паркот Симиен бил прогласен за загрозен во 1996 година, а Комое во 2003, што значи дека им биле потребни 15-20 години за да ги вратат загубените вредности.
Има и пример на брзо враќање. Паркот Каитос во Колумбија, кој бил наследство во опасност од 2009 до 2012 година. Толку време ѝ требало на колумбиската влада да го подобри управувањето и да ги намали сечата на шумите, бесправното градење, криволовот и рибокрадството.
Познатите оризови тераси на Филипините биле прогласени за светско наследство во 1995 година, но само шест години подоцна биле преместени на листата на локалитети во опасност бидејќи околу 50 отсто биле уништени, како резултат на беспланското управување. На филипинските власти им требало 11 години да ги реставрираат и да им го тргнат загрозениот статус.
Управувањето е клучно во сите случаи
Сите овие места го вратиле својот првичен статус откако властите почнале подобро да управуваат со нив. Токму управувањето со охридскиот регион како светско наследство е една од најпроблематичните области според извештајот на реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година. Овој извештај, како и одговорите од Владата на забелешките во него, се клучните документи според кои ќе се донесе одлуката дали регионот ќе го задржи сегашниот статус или ќе биде преместен на листата на загрозени локалитети.
Во извештајот се вели дека, иако уште во 2010 година со закон било определено да се направи план за управување со регионот, такво нешто сѐ уште не постои. Последниот нацрт направен во 2015 година повеќе личел на план за регионален развој отколку на документ со кој треба да се заштити светското природно и културно наследство. Владата на седница минатиот месец ги задолжи министерствата за култура и за животна средина да направат нов план до декември.
Но, иако нема план, постои комисија за негово спроведување од 23 члена, претставници на различни институции и на локалните самоуправи. Претседателот Зоран Павлов во изјава за БИРН изјави дека, иако немаат план, работат според општите начела за заштита на природното и културното наследство.
„На минатите состаноци, главно, разгледувавме урбанистичка планска документација. Над 40 планови ни беа дадени на разгледување, од кои позитивно мислење дадовме за девет, а другите ги вративме“, додава Павлов.
Тој смета дека планот би обезбедил подобра заштита и попрецизни критериуми, според кои, комисијата ќе може да одлучува дали некоја одлука или активност го загрозува светското наследство во регионот или не.
Има и Национална комисија за УНЕСКО, составена од петмина министри и од уште 20 експерти од областа на заштитата на природата и културата, која во целиот период од реактивната мисија на УНЕСКО во Охрид во 2017 до денес, кога се очекува да се постапи според заклучоците на таа мисија, не одржала ниту еден состанок. Дел од членовите за БИРН изјавија дека се разочарани од оваа неактивност, а некои сакаат и да се повлечат поради тоа.
Неактивноста го загрози статусот
Создавањето добар и ефикасен систем за управување со регионот е клучно затоа што за неговата заштита се надлежни повеќе од 20 различни институции, министерства, управи, заводи, локални самоуправи и други. Нивните надлежности се испреплетуваат, па затоа и УНЕСКО повикува на подобра координација преку комисија што ќе има посилни капацитети.
Покрај постојните две комисии, Владата назначи и трета, вонредна, која ја предводи вицепремиерот Кочо Анѓушев. Таа беше формирана три недели пред почетокот на конференцијата во Баку, а две години откако УНЕСКО објави што сѐ го загрозува статусот на охридскиот регион – прекумерната градба, загадувањето, недоволната заштита на природата, плановите за развој, ски-центарот во Галичица, наносот од реката Сатеска, несоодветното управување со отпадот и со отпадните води итн.
Минатата година, владата ги запре проектите на претходната влада за ски-центар и за експресен пат до Пештани, но од задачите што требаше да се сработат досега не исполни ниту една. Напротив, продолжи деградацијата со зголемен број дивоградби, палење трска, несправување со контроверзни објекти, како хотелот во Лагадин и дивоградбата кај Чинарот итн.
Поради сето тоа, две години откако УНЕСКО ги објави забелешките, го стави на дневен ред и предлогот за охридскиот регион да се прогласи за светско наследство во опасност.