Регион

Oпсадата на Сараево: Како сторителите на смртоносните напади над граѓаните, останаа неказнети

Иако од почетокот на опсадата на Сараево поминаа дваесет и седум години, досега им се судеше само на неколку команданти, додека за снајперските напади и гранатирањето на овој град, босанските обвинители до денес немаат поднесено ниту едно обвинение

Вкупно 1.601 момче и девојче ги загубија животите за време на опсадата на Сараево. Еден од нив е и Мирза Имамовиќ.

Неговата мајка, Златка Имамовиќ, се сеќава како дента слушнала експлозија и со сопругот истрчале надвор од куќата, викајќи по Мирза, кој си играл надвор.

„Имаше чад … Не можевме да видиме низ него, не знаевме што се случува, се стрчавме по скалите, не знаејќи што се случува и го викавме Мирза”, вели Златка.

„Во одреден момент го видов мојот Мирза како лежи на скалите, мртов … Со тој момент во мојата глава заспивам и со тој момент се будам, секое утро, цел мој живот”.

Станислав Галиќ и командантот на сараевско-романискиот корпус кој бил после него назначен, Драгомир Милошевиќ, Хашкиот трибунал ги осуди на казна затвор за тероризирање на населението во Сараево, за време на опсадата.

Но, досега босанското државно обвинителство не поднело ниту едно обвинение за убиства и ранување на илјадниците луѓе во градот, од 1992 до 1995 година.

Никој во Босна и Херцеговина не е осуден за смртта на Мирза Имамовиќ и на другите деца.

Обвинителството на БиХ соопшти дека води неколку истраги во врска со злосторствата извршени за време на опсадата, но одби да објасни зошто од своето формирање во 2003 година, па до денес, не е поднесено ниту едно обвинение за овие злосторства.

Правните експерти, сепак, тврдат дека поради хиерархиската структура на ВРС и имајќи ги предвид доказите презентирани во Хашкиот трибунал, можно е да се идентификува големиот број на директни сторители.

„Изгледаше како руски рулет”

Сараевска населба Фото: Викимедија комонс

Поранешниот политички водач на босанските Срби, Радован Караџиќ, и нивниот воен лидер, Ратко Младиќ, со првостепени пресуди беа осудени за водење кампања на терор врз цивилите во Сараево, спроведен со снајперски оган и артилериски напади. Конечната пресуда на Караџиќ ќе му биде изречена овој месец, додека конечната пресуда на Младиќ, се очекува да му биде изречена следната година.

Со пресудите на Хашкиот трибунал беше утврдено дека единиците на сараевско-романискиот корпус намерно ги напаѓале цивилите, спроведувајќи кампања на терор која траела три и пол години. Целта на оваа кампања, како што беше речено, била да се изврши притисок врз сараевските власти да ги прифатат мировните договори што ќе го легализираат етничкото чистење на силите на босанските Срби.

Новинарката на федералното радио, Ирена Антиќ, имала 16 години кога ја раниле во Сараево. Таа била погодена од снајперски куршум додека носела дрво за огрев.

„Не знаевме кој нема да биде со нас кога ќе се сретнеме следниот пат”, се сеќава Антиќ. „Се шегувавме дека на секоја граната и куршум стои напишано нечие име. Единственото прашање беше само кога ќе ги погодат … “

Таа им сведочела на двата масакри на отворениот пазар Маркале во Сараево, во 1994 и 1995 година, кога голем број цивили беа убиени од гранатите на ВРС.

Таа, исто така, му сведочела и на масакрот во улицата „Васа Мискин“ во Сараево во 1992 година, кога 28 луѓе беа убиени додека чекаа ред за леб и била во близина кога се случил смртоносниот минофрлачки напад на градската пиварница, каде луѓе чекаа во ред да наполнат вода.

„Кога се случи масакрот кај пиварницата, бев на одалеченост од околу 100 метри, држејќи ги своите канистри за вода. Некако, сето тоа ми изгледаше како руски рулет. Кога дојде мојот ред, почувствував дека е тоа“, вели таа.

Опсадата на Сараево, во пролетта 1992 година, ја започна четвртиот корпус на Југословенската народна армија, ЈНА, и единиците на територијалната одбрана, кои беа предводени од Срби.

Откако југословенските власти одлучија од Босна и Херцеговина да ја повлечат ЈНА, која беше контролирана од Белград, Народното собрание во Република Српска, донесе одлуката за формирање на ВРС, која беше војска на босанските Срби.

Сараевско-романискиот корпус на ВРС, во војната имал помеѓу 6 и 13 бригади.

„Сите бригади беа директно подредени на командантот на корпусот. Најважната директна командна одговорност за сето она што се случи во зоната на одговорноста на корпусот, лежеше на командантот на сараевско-романискиот корпус“, објаснува Алија Козљак, поранешен бригадир во повоените вооружени сили на Босна и Херцеговина.

Станислав Галиќ беше назначен за командант на сараевско-романискиот корпус во септември 1992 година. Тој остана на оваа позиција до 1994 година, кога го замени Драгомир Милошевиќ. Во првите месеци од војната, според документите на Хашкиот трибунал, командантот бил Томислав Шипчиќ.

Достапните податоци покажуваат дека на позиции околу Сараево, од сараевско-романискиот корпус биле поставени повеќе од 1.700 хаубици, топови, минофрлачи со краток дострел, ракетни фрлачи и јуришни топови, плус над 100 тенкови, околу 150 оклопни транспортери и повеќе од 500 парчиња противавионско оружје и митралези, кои секој ден за време на опсадата, беа користени за отворање оган врз градот.

Објавени имињата на српските трупи кои го држеа Сараево по опсада

Предупредувачки знак во Сараево, „Пази, снајпер“, во 1996. Фото: Викимедија комонс/Паалсо

Експертот за балистика, Берко Зечевиќ, за Хашкиот трибунал состави анализа, која покажува дека проектилите, во 70-те инциденти на гранатирање, биле испукани од територијата контролирана од сараевско-романискиот корпус.

„Тие дефинитивно не беа испукани од територијата под контрола Армијата на БиХ, тие сигурно дојдоа длабоко од територијата контролирана од ВРС”, изјави Зечевиќ.

Според Козљак, гранатирањето го вршеле разни единици на сараевско-романискиот корпус – првата сараевска механизирана бригада од Лукавица, втората пешадиска бригада од Лукавица, втората моторизирана бригада од Соколац, првата илиџанска лесна пешадиска бригада од Лукавица, првата лесна пешадиска бригада Илијаш, игманската лесна пешадиска бригада и кошевската лесна пешадиска бригада.

Козљак вели дека секоја од единиците имала сопствена зона на одговорност, како дел од прстенот околу Сараево и оти тие го гранатирале градот директно од нивните борбени позиции.

„Релевантните команданти на бригадите беа директно одговорни за сите активности што ги преземаа нивните бригади во нивните зони на одговорност, кои беа јасно наведени”, објаснува тој.

Кориестејќи ги доказите од Хашкиот трибунал, како и бројните сведочења на поранешните припадници на сараевско-романискиот корпус, новинарката Џенана Каруп-Друшко, објави список на трупите кои за време на војната беа позиционирани околу градот.

„Името на лицето кое било одговорно за сите снајперисти во градот е наведено во документацијата. Познати се точните локации на снајперските гнезда, од кои беа убиени  најголемиот број граѓани. Сите овие луѓе се на слобода“, истакнува Каруп-Друшко.

„Ги објавив имињата без да прејудицирам нечија вина или одговорност. Но, ако сараевско-романискиот корпус го држеше градот под опсада три и пол години, и ако луѓето секојдневно беа убивани, тоа значи дека некој мора да биде одговорен за сето тоа“, додаде таа.

Анализата на Козљак покажа дека мешаниот полк од Лукавица на сараевско-романискиот корпус бил одговорен за индиректно и директно гранатирање на Сараево со 155 милиметарски и 105 милиметарски хаубици, како и 128 милиметарски ракетни лансери.

Тој нагласува оти полкот бил одговорен за случајните и намерни целења на населението во градот.

Што се однесува до снајперистите, Козљак истакнува дека тие биле дел од баталјоните и четите и оти командантите кои ги распоредиле, можат да бидат идентификувани.

„Командантите на баталјоните, како и командантите на четите и одредите кои беа дел од тие баталјони, беа директно одговорни за нивните акции, бидејќи имало наредби (за снајперите] и извештаи за нивната употреба”, додава Козљак.

Обвинителството на БиХ поднесе вкупно 12 обвиненија против поранешни припадници на воените, полициските и паравоените единици на босанските Срби, обвинувајќи ги за злосторства во и околу Сараево за време на опсадата, но ниту еден од нив не е обвинет за гранатирање или снајпериски оган.

Зечевиќ нагласува дека бил „шокиран” затоа што никој никогаш не побарал од него да помогне во ниту една истрага.

„Никој никогаш не ме контактирал за да помогнам да се утврди некој од командантите на единиците или за да се идентификуваат поединците кои ракувале со индивидуалното оружје или артилеријата, од кои беа испукани смртоносните проектили”, нагласува тој.

Златка Имамовиќ, чиј син е убиен во опсадата, вели дека е болно да се гледа колку е правдата спора во справувањето со злосторствата извршени за време на опсадата во 90-тите, бидејќи многу родители на деца кои загинале, во меѓувреме починале, без да дочекаат, одговорните за злосторствата, да се најдат пред суд.

„Ако продолжи на овој начин, се плашам дека тоа ќе биде заборавено и дека никому нема да му се суди за она што го направија … Тоа е тажно и боли”, истакнува таа.

Златка објаснува дека нејзин сон е да го погледне во очи човекот кој ја испукал гранатот што го прекинала животот на нејзиниот син, Мирза.

„Сакам да го погледнам и да му кажам што ми одзел, да му покажам фотографии што одзел”, додава таа.

„За мене, дури и тоа ќе биде доволно”.