Регион

Австриската црква ја забрани мисата во Блајбург

Споменик на ѓртвите од Блајбург Извор: Википедија

Католичката црква на Корушка, го одби барањето на Хрватската бискупска конференција, во мај да одржи миса на Љобашко поле крај Блајбург, бидејќи, како што образложи, овој настан се користи за промоција на националистички идеи.

„Мисата на полето крај Блајбург стана дел од манифестацијата која политички се инструментализира и е дел од политички-национален ритуал, кој служи за селективно доживување и толкување на историјата“, се вели во писмото потпишано од секретарот на бискупијата во Клагенфурт, Енгелберт Гугенбергер, во кое се објаснува одлуката.

Во писмото се вели дека овој настан ѝ нанесува штета на репутацијата на католичката црква.

Симболите на усташко движење се вообичаена појава на годишните средби на хрватските десничари во Блајбург во Австрија, со кои се одбележува годишнината од смртта на припадниците на фашистичките хрватски сили и цивили, убиени од страна на партизаните во 1945 година.

Во Блајбург во 2018 година, австриската полиција уапси седум лица и поднесе девет пријави за кршење на законот со кој се забранува глорификацијата на фашизмот во оваа земја.

„Како и секоја година, Хрватската бискупска конференција мора да побара дозвола да одржи богослужба во Блајбург. За разлика од претходните години, сегашниот привремен бискуп Гугенбергер … не дозволи одржување на богослужба“, изјавија за БИРН од австриската антинационалистичка организација АК Плиберк/Блајбург.

„Тој наведе дека минатогодишните услови (за одржување на миса на овој настан), како што е отсуството на националистичка пропаганда, а кои ги постави епархијата на Корушка, организаторите на собирот во Блајбург не ги исполнија и дека собирот му штети на угледот на бискупијата“, додаваат од АК Плиберк/Блајбург.

Во мај 2016 година, хрватскиот парламент реши повторно да биде покровител на овој настан, откако во 2012 година покровителството беше укинато, поради загриженоста дека собирот се користи за рехабилитација на усташката идеја.

Во февруари оваа година, Министерството за внатрешни работи на Австрија забрани два симбола на хрватското усташко движење, буквата У, која се наоѓа околу сребрена граната од која се појавува црвен пламен и грбот со шаховницата на Независната Држава Хрватска, од Втората светска војна.

Забраната стапи на сила на 1 март, а казните за прекршување на забраната ќе бидат до 4.000 евра или 10.000 евра за оние што ќе го повторат делото, пишуваат австриските медиуми.

На листата на забранети симболи се најдоа и симболите на Хамас, Курдистанската работничка партија (ПКК), организацијата Муслимански браќа и турската ултранационалистичка организација Сиви волци. Со ова се прошири веќе постоечката забрана за употреба на симболите на Ал-Каида и ИДИЛ.