Регион

Се бара повисока казна за злосторството во Брчко

Менсур Ѓакиќ (стои) во судница. Фото: Суд на БиХ

Обвинителството на БиХ поднесе жалба на пресудата со која Мансур Ѓакиќ беше осуден на две години затвор, а припадникот на ХВО, Бегзад Кајтази, беше ослободен.

Обвинителот, Мирослав Јањиќ, пред Апелацискиот совет на Судот на БиХ, рече дека двогодишната затворска казна за Ѓакиќ е под законскиот минимум.

„Вакви казни се изрекуваат во општинските судови за кражба … Мислам дека оваа казна е минимизирање на обвинителската работа и минимизирање на чувствата на жртвите“, нагласи Јањиќ.

Во врска со Кајтази, тој истакна дека фактичката состојба била погрешно и нецелосно утврдена.

Ѓакиќ, во септември 2018 година, беше прогласен за виновен, дека мирно набљудувал припадник на 108 бригадата на ХВО со која командувал, како убива три заробени лица од српска националност, во селото Буквик, во Брчко, во септември 1992 година, при што не презел неопходни и разумни мерки да го казни сторителот.

Судот утврди дека заробените босански Срби биле ранети и лекувани во една куќа во Буквик, кога биле убиени.

Во пресудата се вели дека сите тројца биле неспособни за борба и оти биле убиени пред Ѓакиќ, кој не сторил ништо во врска со тоа.

Судијата изјави дека Ѓаќиќ имал законска обврска да го казни сторителот.

Кајтази, со истата пресуда, беше ослободен од обвинението за убиство на две жени од српска националност, за време на воената акција во селото Буквик.

Судот утврди дека во текот на акцијата, навистина биле убиени две лица од српска националност, но не можеше да утврди, надвор од разумно сомневање, дека тие убиства ги извршил Кајтази.

Адвокатот на Ѓакиќ, Осман Мулахаиловиќ, изјави дека во текот на судењето кривичната постапка била значително повредена, додека адвокатот на Кајтази, Мирсад Исламовиќ, побара жалбата на обвинителство да се отфрли како неоснована.

Апелацискиот совет на Судот на БиХ, одлуката ќе ја донесе дополнително.