Регион

Реакции за непристрасноста на Специјалниот суд на Косово

Адвокатот Аријанит Коци, на вечерата во Приштина, на која бил присутен и судијата Владимир Микула. Фото: БИРН

Судиите на ССК, пред кои треба да им се суди на поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кои ќе бидат обвинети за воени и повоени злосторства, треба да внимаваат со кого се среќаваат, за да го задржат доверието на сите оние кои се вклучени во истрагите и судењата, соопшти Фондот за хуманитарно право (ФХП) Косово.

Реакцијата на ФХП Косово доаѓа откако судијата, Владимир Микула, кој е назначен за судија на ССК, е виден на вечера со косовскиот адвокат, Аријанит Коци, во ресторан во Приштина.

Коци е адвокат на поранешните команданти на ОВК, Рустем Мустафа и Сами Луштаку, кои беа сослушани пред СОК во Хаг, за злосторства кои може да бидат предмет на кривично гонење.

„Без разлика дали се работело за обична или вечера за дружење, судијата со неговото однесување надвор од судот треба да ја штити и да ја јакне довербата на јавноста и странките (вклучени во случаите) во неговата непристрасност и во правосудството во целина“, вели за БИРН, Амер Алија, од ФХП Косово.

Алија додаде дека судиите на ССК треба да ги избегнуваат сите активности што можат да влијаат врз функцијата што ја вршат во судот.

Меѓутоа, ‘инцидентот со вечерата’, „не треба да ја доведува во прашање непристрасноста на судот“, истакна Алија.

ССК потврди дека Микула е на листата на меѓународни судии.

Сепак, од ССК објаснуваат дека судиите што се на листата, „вршат судска функција само на барање  и кога ќе ги распореди на одреден предмет, претседателката (на ССК Екатерина) Трендафилова“.

„Претседателката Трендафилова не го распоредила судијата Микула и затоа не сме во позиција да дадеме понатамошни коментари“, изјави Ангела Грип, началничка на службата за јавно информирање и комуникации на ССК.

Трендафилова во средата издаде соопштение во кое се наведува дека Микула не бил распореден на ниту еден предмет, па оттаму тој нема пристап до доверливи информации за активностите на ССК и СОК.

„Нагласувам дека СВК имаат мандат да се грижат за безбедно, независно и непристрасно водење на постапките. СВК се цврсто посветени на исполнувањето на тој мандат и постапуваат во согласност со тоа“, нагласува Трендафилова.

„Заштитата на сведоците е и ќе остане од суштинско значење за ССК и СОК“, додава таа во соопштението.

Од Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, ни изјавија оти Микула моментално ја извршува функцијата – судски надзор, во оваа организација.

Затоа, „во согласност со актуелниот мандат на ЕУЛЕКС, тој нема извршна функција“, велат од ЕУЛЕКС.

Од мисијата додаваат оти не се во позиција да ги коментираат приватните ангажмани на Микула.

Адвокатот, Аријанит Коци, за БИРН изјави дека бил на јавно место со својата сопруга, нејзините пријатели и нејзиниот тренер од вежбалницата, и дека не знаел оти Микула ќе биде на истата маса.

„Имаше над 15 луѓе, група на поединци кои секое утро вежбаат во истата сала во која оди и мојата сопруга Мерита“, додаде Коци.

Задача на Специјализираното обвинителство на Косово, со седиште во Хаг, е да спроведе истраги за лицата осомничени за воени злосторства, кои вклучуваат убиства, киднапирања, незаконско апсење и сексуално насилство. Досега јавно не е објавено ниту едно обвинение.

Специјализираниот совет и Специјализираното обвинителство на Косово, како што е официјалното име на новиот специјален суд, се дел од судскиот систем на Косово, со седиште во Холандија, во кои е ангажиран меѓународен персонал.