Извештај

Општините без правила ангажираат адвокати

За една година над милион евра за адвокатски услуги

Општините, лани, на големо користеле адвокатски услуги, покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Дури 417 адвокати им давале правни услуги на општините.

Наодите од истражувањето покажуваат дека нема правила како општините ги избираат адвокатите, бидејќи одамна адвокатските услуги не се избираат на тендер. Истото важи и за министерствата.

За тоа како избираат адвокат, општините одговориле дека е со: „непосредна спогодба“, „по слободен избор“, „го избрал градоначалникот“, „од именикот на адвокати“, „врз основа на нивниот углед и искуство, во поглед на природата на предметите“, „лесно достапни до општината, кои имаат канцеларија во истата општина“ и „врз основа на сознанија за стручноста и компетенциите на адвокатите, и врз основа на добиени препораки за нивната досегашна работа.“

Само две општини одговориле дека спровеле некаква постапка за избор, но за тоа немаат процедура. Од трите министерства што лани ангажирале адвокати, само едно спровело постапка на избор со три понуди.

Според наодите на ЦГК, општините и министерствата заедно трошат за адвокатски услуги повеќе од 2 милиони евра годишно.

А за адвокатски услуги, ако се суди според бројките на ЦГК, општините имале голема потреба. Од 81 општина, 72 имале вакви исплати во 2023 година. Адвокати не ангажирале само помали општини, како Босилово, Градско, Зрновци, Јегуновце, Карбинци…

Ангажирањето адвокати, според ЦГК, лани ги чинело општините околу милион евра.  Околу 40 отсто од нив се за адвокати што општините самите ги ангажирале за правни услуги.

Според истражувањето на Центарот, четвртина од општините му исплаќаат месечен паушал на некој адвокат или друштво, во ист или во приближно ист износ.

Неприкосновен рекордер во користење адвокатски услуги е Град Скопје, но пари давале и другите општини, како Битола, Куманово, Кичево…

Системот Отворени финансии покажува дека општините, и во минатото, и сега, често имаат омилен адвокат или aдвокатско друштво што го ангажираат секоја година.

Поранешни политичари – омилени адвокати на општините

Општините секоја година ангажираат исти адвокати | Фото: БИРН

Ивица Коневски, до 2017 година беше градоначалник на скопски Аеродром. Од 2018 отвори адвокатска канцеларија и се занимава со адвокатура. Меѓу клиентите има три општини: Град Скопје, Ресен и Кисела Вода.

Токму од Кисела Вода, тој, во изминатите три години, добил над 33 илјади евра за правни услуги.

Од Општина Кисела Вода, со која раководи кадар од партијата ВМРО-ДПМНЕ, чиј градоначалник своевремено беше Коневски, за БИРН велат дека адвокатската канцеларија Коневски е ангажирана за „правни консултации, но и за застапување на општината, училиштата и градинките“, како и за „медијациски процеси.“

Посочуваат дека адвокатската канцеларија добива месечен паушал „во висина од една плата, со вклучени придонеси, која се дава за целиот адвокатски тим од повеќе искусни адвокати“.

Задоволни се од соработката со Коневски. Велат дека преку нивното добро застапување, лани општината добила судски спорови во вредност од над 200 илјади евра.

Адвокатскиот тим следел над 150 предмети. Велат дека, за разлика од минатото, сега на адвокатската канцеларија ѝ плаќаат помалку. Споредуваат дека за првите три години од мандатот на претходниот градоначалник Филип Темелковски, биле исплатени 45 илјади евра, што е околу 15 илјади евра повеќе споредено со ангажманот на Коневски.

Лани, општината, покрај Коневски, ги ангажирала и адвокатското друштво Тошиќ и Јевтиќ и Владимир Атанасовски.

Адвокатски услуги, откако замина од политиката, дава и поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров. Тој, министерската функција ја извршуваше до јуни 2017 година. Во 2018 година отвори адвокатска канцеларија, кога Општина Кавадарци за првпат го ангажира како адвокат.

Слично како и со Кисела Вода, Тодоров беше од иста партија, од која е и актуелниот градоначалник на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.

Од 2018 до годинава, Тодоров има постојан адвокатски ангажман во општината за давање правни услуги. За тој период, според јавнодостапните податоци на Министерството за финансии, од Општина Кавадарци наплатил над 33 илјади евра.

Од општината не одговорија на прашањата на БИРН за какви постапки бил ангажиран Тодоров.

Општина Aeродром, една од поголемите скопски општини, од 2019 до 2024 година постојано го ангажира адвокатското друштво Китановски. Вкупно за адвокатски (правни) услуги му исплатила над 50 илјади евра. Оттаму велат дека станува збор за „застапување, правни и адвокатски услуги за конкретни предмети, како и за застапување во судски процеси“. За начинот како е избрано токму тоа друштво, одговориле неопределено – „за веќе отпочнати предмети.“

Меѓу скопските општини што користеле адвокатски услуги е и Општина Сарај. Најмногу ја ангажирале адвокатската канцеларија Бегова. За тригодишните услуги што им ги давала, ѝ платиле над 42 илјади евра. Oд поголемите општини низ државава, вакви трошоци има и Општина Куманово, која лани ангажирала адвокати за кои потрошила над 50 илјади евра пари на граѓаните.

И во двата случаи, ангажираните адвокати се избрани без процедура. Од ниту една од двете општини не добивме одговори на прашањата за што биле ангажирани адвокатите.