Истражувањa

Општините со блокирана сметка кршат закони и создаваат нови долгови

Секоја година, судовите ги блокираат сметките на околу третина од општините. Вкупниот долг на блокираните општини се проценува на најмалку 50 милиони евра. Општините со блокирани сметки прават нови долгови и дури работат и незаконски

Ако се имаат предвид долговите на општините и бројот на жителите, тогаш произлегува дека општинските раководства ги задолжиле штипјани со по 40 евра по жител, а жителите на скопски Карпош со по 137 евра. Рекордер во оваа смисла е Охрид со долг од повеќе од 600 евра по жител. Со оглед на висината на општинскиот долг од триесетина милиони евра, на оваа локална самоуправа би ѝ требале цели шест години за да го врати, под услов да нема никакви расходи.

И многу други општини во државава, без разлика на нивната големина и политичката припадност на градоначалникот, се наоѓаат во тешка финансиска положба, па за да излезат од неа чекаат помош од Владата. Ако ова не претставува толку голем проблем за општините управувани од градоначалници од владејачките партии, тоа секако е проблем за неколкуте „опозициски општини“, додека опстојувањето како посебни единици на локалната самоуправа на голем број мали, рурални општини е речиси целосно условено од милоста на Владата.

ЗЕЛС: Последната анализа што ја правевме во 2008 година откри дека една третина од општините имаа блокирана сметка, а нивниот вкупен долг изнесуваше околу 50 милиони евра. Оттогаш немаме направено ново истражување, но градоначалниците постојано се жалат дека им недостигаат пари, па не би требало да има голема разлика и денес

Уште поголем проблем од висината на долговите и состојбата на сметките на општините е тоа што постојат сериозни индиции за незаконско однесување на голем број од општинските администрации, за кои дури и надлежни државни институции нотирале дека кршат низа закони од сферата на финансиското работење, но и матичните закони за локалната самоуправа.

„Последната анализа што ја правевме во 2008 година откри дека една третина од општините имаа блокирана сметка, а нивниот вкупен долг изнесуваше околу 50 милиони евра. Оттогаш немаме направено ново истражување, но градоначалниците постојано се жалат дека им недостигаат пари, па не би требало да има голема разлика и денес“, велат од Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС.

Ако се има предвид дека 80-те општини имаат вкупен буџет од преку 500 милиони евра, тогаш произлегува дека нивниот вкупен долг е 10 отсто од вкупниот буџет на општините, ако, се разбира, се прифати проценката оти нивниот долг изнесува околу 50 милиони евра.

Иако ги поседува сите податоци, Владата не го открива целиот долг на општините туку дава само парцијален податок, а воедно не го објавува и податокот за општините кои работат со блокирана сметка, повикувајќи се на законски одредби за тајност на ваквите податоци, иако дел од стручњаците сметаат дека овие одредби се косат со други закони, но пред сѐ – со духот на Уставот.

Сметките на општините се тајна

Гошев смета дека законските решенија за тајност на сметките се спротивни на други закони, но и на духот на Уставот и затоа треба да се укинат / Фото: Томислав Георгиев

Гошев смета дека законските решенија за тајност на сметките се спротивни на други закони, но и на духот на Уставот и затоа треба да се укинат / Фото: Томислав Георгиев

Ниту Министерството за локална самоуправа, ниту Министерството за финансии одговорија на барањата за пристап до јавни информации кои се однесуваат на бројот на општини со блокирани сметки и износот на нивните долгови во последните три години.

Од Министерството за локална самоуправа идентично одговорија на двете барања дека немаат ажурирани податоци, затоа што тие се менуваат од ден во ден, иако се бараа последните податоци што ги поседуваат, независно кога се ажурирани. Понатаму, од ова министерство упатуваат кон Министерството за финансии, бидејќи општините и нивните градоначалници имале законска обврска токму на оваа адреса да ги доставуваат сите договори за заем, извештаите со образложение за извршување на буџетите, финансиските планови, како и да пријавуваат доспеани неподмирени обврски. [Одговорот на Министерството за локална самоуправа на барањето врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер за висината на долгот и состојбата на сметките на општините 1 и 2.]

Меѓутоа, и ова министерството одговори негативно, со објаснување дека Секторот за трезор при Министерството за финансии е посебен носител на платниот промет за буџетските корисници, кој мора да ја обезбедува тајноста на податоците за состојбата на трансакциските сметки, согласно Законот за платен промет и Упатството за начинот на трезорско работење.

Од друга страна, пак, закони што го регулираат функционирањето на државната управа забрануваат давање податоци кои само ја засегаат државната и национална безбедност, како и личните податоци за граѓаните, ама не и податоците за финансиското работење на институциите, додека Законот за буџет го нагласува начелото на транспарентност при планирање и трошење на јавните пари.

„Станува збор за институции чие работење треба да се заснова на јавност и транспарентност, особено што извираат од народот, од кого произлегува суверенитетот, а власта е само посредник. Оние законски решенија за тајност на сметките се спротивни на други закони, но и на духот на Уставот и затоа треба да се укинат“, смета Петар Гошев, поранешен министер за финансии и поранешен гувернер на Народната банка.

Познат само делумниот долг на локалната самоуправа

ладата ги објавува долговите на општините за кои им издала гаранција кај банки и други кредитори, но не и долговите кон добавувачи. Извор: Министерство за финансии, Народна банка на РМ, Државен завод за статистика

Владата ги објавува долговите на општините за кои им издала гаранција кај банки и други кредитори, но не и долговите кон добавувачи. Извор: Министерство за финансии, Народна банка на РМ, Државен завод за статистика

Што се однесува до барањето за висината на долгот на општините, од Министерството за финансии посочуваат дека годишни податоци од аспект на задолжувањето на општините како носители на јавниот долг се веќе објавени на нивната интернет-страница. Според објавениот извештај за состојбата на јавниот долг, заклучно со 2014 година, вкупниот долг на општините е 16.100.000 евра, но тоа не е целокупниот долг на општините. „Владата ги објавува долговите на општините за кои им издала гаранција кај банки и други кредитори. Меѓутоа, долговите кон добавувачи за струја, нафта и разни набавки на стоки ги нема во официјалната бројка на јавен и државен долг“, објаснува економскиот аналитичар Кире Наумов, кој воедно е претседател на Комисијата за економија на опозициската СДСМ.

Охрид има долг кој е двојно поголем од вкупниот долг на општините што го наведува Министерството за финансии. Тоа покажува дека локалните самоуправи најголеми долгови не прават кон кредиторите туку кон добавувачите.Инаку, само општината

Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер ја уважи жалбата против ваквото решение на Министерството за финансии, бидејќи тоа е спротивно на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Од Комисијата објаснуваат дека министерството не ја споделило бараната информација за вкупниот и поединечните општински долгови туку го упатила барателот на информацијата на својата интернет-страница каде информацијата не е споделена, иако ја поседува. [Решенија од Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер 1 и 2]

Заради управување на финансиските средства на буџетите на општините, Министерството за финансии отвора трезорска сметка во Народната банка како носител на платниот промет, но и од централната банка велат дека не можат да ја споделат оваа информација без да бидат овластени од надлежна институција.

Оттука, како што Министерството за локална самоуправа ја префрла топката кон Министерството за финансии, нагласувајќи дека оттаму тие ги обезбедуваат потребните податоци, така Министерството за финансии упатува кон општините, бидејќи тие го хранеле со податоци.

Меѓутоа, потрагата од општина до општина дополнително ја отежнува фактот што најголем број од локалните самоуправи не ја исполнуваат обврската да ги објавуваат податоците за финансиската состојба и за финансиското работење, а најголем дел од нив ги игнорираат новинарските прашања за финансиското работење и долговите.

„Делумни податоци за долгот можат да се најдат во буџетските документи кои општинските власти треба да ги објавуваат јавно во службените гласници и на веб-страниците на општините, но тоа ретко се случува“, вели Слаѓан Пенев од Форум – Центар за стратешки истражувања, кој заедно со уште десет граѓански организации го спроведуваат проектот за буџетски мониторинг на општините.

Реализираат проекти наместо да ги вратат долговите

Коцевски вели дека општините со блокирана сметка можат да трошат само за тековни неопходни работи, а не за проекти / Фото Фејсбук

Коцевски вели дека општините со блокирана сметка можат да трошат само за тековни неопходни работи, а не за проекти / Фото Фејсбук

Инаку, доколку сакаат да реализираат проекти, но немаат самостојна финансиска сила, општините можат да се задолжат кај кредитор дома или во странство, но само ако Владата се јави како гарант дека средствата ќе бидат вратени. Голем е бројот на општини што се задолжувале кај кредитори за разни проекти, најчесто со владина гаранција, меѓу кои Велес, Прилеп, Гостивар…

Една од нив – Штип, враќа три кредити кон странство, чија месечна рата, како што може да се види во билансот на расходи, изнесува 65.000 евра. Општината се соочувала со долг од 2.000.000 евра по сите основи.

„Имаме три кредити кон странство, кон Светска банка, кон Европска банка за поддршка и развој и кон јапонска агенција. Тоа што не враќале други, а земале пари, ние враќаме“, посочува градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.

Покрај ваквите задолжувања, долгот на општината го прават долговите кон добавувачи за испорака на стоки, давање на услуги и вршење на работи. Под вакви долгови се сметаат паричните обврски наведени во деловен договор или фактура.

Општина Карпош има вкупен долг од 8.000.000 евра, од кои, според завршната сметка, над една третина, или 3.000.000 евра, се за неплатени фактури кон добавувачи.

„Според расположливите податоци, најголеми задолжувања Карпош имала до 2009 година во време на владеењето на СДСМ, од приближно 8 милиони евра“, велат од Карпош.

Без разлика кој е виновен за долговите – актуелното или претходното раководство, при неисполнување на договорените обврски, компаниите ги тужат општините, чија сметка може да биде блокирана по судска пресуда сè додека не се наплатат.

Но, и покрај тоа што се блокирани, тие можат да функционираат, бидејќи судот им дозволува лимит на средства кои можат да ги трошат врз основа на членот 211 од Законот за извршување, кој предвидува дека извршувањето на парични средства на сметка на единиците на локалната самоуправа „не може да се дозволи доколку тие средства се неопходни за вршење на нивните основни задачи“.

„Тоа значи дека општините со блокирана сметка можат да трошат само за тековни неопходни работи, како сметки за вода и струја, исплата на плати, односно за функционирање на администрацијата, а не за проекти како што прават најголем дел од нив, бидејќи немаат расчистено со доверителите, кои во меѓувреме можат да банкротираат“, вели Аце Коцевски, експерт за локална самоуправа и поранешен градоначалник на Велес.

Наспроти тоа, податоците од Електронскиот систем за јавни набавки (1, 2, 3, 4, 5, 6), покажуваат дека најзадолжената општина која долги години работи со блокирана сметка – Охрид, само за доградба на управната зграда во 2014 и во 2015 година склучила неколку договори вредни вкупно 130.000 евра. Воедно, општината реализирала и низа јавни набавки за изградба на комунална инфраструктура, како изградба на улици, патеки…

Трупање долгови, префрлување на одговорноста

Охрид со долг од триесетина милиони евра е убедливо најзадолжена општина во земјава, па дури и пошироко / Фото: Томислав Георгиев

Охрид со долг од триесетина милиони евра е убедливо најзадолжена општина во земјава, па дури и пошироко / Фото: Томислав Георгиев

Оваа општина, која е една од најатрактивните туристички дестинации во земјава, заштитена од УНЕСКО, функционира со блокирана сметка уште од 2002 година, а непрекинато од 2005 година наваму. Општината со основен буџет од 8 милиони евра, без владините трансфери за финансирање на конкретни надлежности наведени во Законот за локална самоуправа, главно во образованието, моментално има долг од околу 30 милиони евра, кој е создаван многу години наназад, кога ја воделе градоначалници и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ.

„По смената на општинското раководство во 2013 година, долгот изнесуваше 36 милиони евра, а оттогаш не е создаден нов туку тој е намален. Против општината се водат петстотини судски процеси, што значи дека долгот може да се зголемува“, велат од општина Охрид.

Наспроти тоа, претседателот на партиската организација на СДСМ во Охрид, Томислав Тунтев, вели дека кога Александар Петрески од оваа партија станал градоначалник на Охрид во 2005 година се оперирало со цифра за долг од 15 милиони евра. Ако тоа е точно, во неговите два мандата едноставно е дуплиран долгот што го наследил.

„Ние побаравме спецификација која точно ќе утврди кои од долговите кога се направени. Не велиме дека во претходните два мандати не се зголемил долгот, ама голем дел од долгот е направен и врз основа на судски процеси што започнале пред 20 години за изградба на патишта и објекти“, коментира Тунтев.

Веднаш откако екс-градоначалникот загуби на последните локални избори пред две години, тој, заедно со неговите некогашни соработници во општината, беше уапсен поради тоа што, според полицијата, ја оштетиле општинската каса за 2 милиони евра.

Овие настани дојдоа дури по поразот на Петрески на локалните избори, како и цели три години откако Државниот завод за ревизија во 2011 година се посомнева во објективноста на финансиските извештаи на општината.

Ревизорските извештаи покажуваат дека во 2012 година 40 отсто од приходите на Охрид се реализирани преку договори со пресметка, односно по пат на компензација, цесија и асигнација, што значи дека не влегле во платниот промет на трезорскиот систем.

Ревизорите децидно наведуваат дека тоа е спротивно на Законот за платен промет, кој предвидува дека учесник во платен промет со блокирана сметка не може да врши плаќање со пресметка, како и на Законот за сметководство на буџетите и буџетските корисници, кој го наметнува како императив сметководственото начело на парично искажување на приливите.

Ревизорите и во извештај за финансиското работење на општина Богданци објавен во тековната 2015 година, исто така, нотираат дека општината противзаконски извршила дел од трансакциите (36 отсто од вкупните приходи) со пресметка во текот на 2013 година, додека општината била со блокирана сметка.

Иако и во овој случај тие јасно навеле дека тоа е противзаконски, никој од оваа општина, раководена од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и владејачката коалиција во последните два мандата, не одговара за прекршување на законот. Од Општината Богданци не одговорија на прашањата поврзани со оваа тема.

Од аспект на законските прекршувања во работењето на општините, ревизорите утврдиле и неколку случаи кога општините лошо менаџирале со општинските пари и потфрлиле во буџетските проекции кај приходите, но не ги коригирале промашувањата со ребаланси, како што налага Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.

Имено, таков е случајот со Кичево, која во 2013 година остварила само 75 отсто од планираните приходи, но не била исполнета законската обврска уредно да се направи ребаланс на буџетот доколку планираните приходи не се остваруваат во планираниот обем.

„Кичево се соочува со големи финансиски проблеми, но тоа поради долгови правени долги години наназад, кога јас не сум бил градоначалник“, коментира актуелниот кичевски градоначалник Фатмир Дехари.

Поддршка за своите, бојкот за туѓите општини

Дамјановски се жали дека Владата ја игнорира и бојкотира неговата општина само затоа што тој доаѓа од редовите на опозицијата / Фото: Томислав Георгиев

Дамјановски се жали дека Владата ја игнорира и бојкотира неговата општина само затоа што тој доаѓа од редовите на опозицијата / Фото: Томислав Георгиев

Она што е очигледно е промена во односот на владата кон Охрид по локалните избори во 2013 година, кога Никола Бакрачески беше избран за градоначалник како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

Во поткрепа на тоа, владиниот министер за финансии Зоран Ставрески најави дека во Охрид ќе се реализираат десетина капитални проекти во износ од 4 милиони евра, исклучиво со владина помош, а општината обезбеди поволен кредит во износ од 2 милиони евра токму преку Министерството за финансии.

Кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски, пак, се жали дека Владата ја игнорира и бојкотира неговата општина само затоа што доаѓа од редовите на опозицијата. Една од ретките „опозициски општини“, која има 100.000 жители, преку две години функционира со блокирана сметка поради, како што обвинува Дамјановски, три чудни судски пресуди за денационализација на земјиште, кои вкупно тежат околу три милиони евра.

„Во Куманово не е направена ниту една капитална инвестиција од централната власт. За 9 години нема изградено ниедна градинка, училиште, нема економска зона, каква што има, на пример, во Ранковце, нема автопат, регионален пат, пруга, а ние сме 7 отсто од РМ. Немаме добиено согласност од Министерството за финансии за кредитно задолжување веќе 5 години“, вели Дамјановски.

Наспроти тоа, податоците од Министерството за финансии покажуваат дека од 2010 до 2014 година издале гаранции за заем на неколку општини. На Градот Скопје му била издадена гаранција за кредит во висина од 8.500.000 евра за изградба на две катни гаражи. Потоа, ваква гаранција добиле Општина Илинден за кредит од 570.000 евра, како и општините Делчево, Старо Нагоричане – сите управувани од градоначалници од владејачките редови.

Интересно, во два наврата во овој период гаранција добила и Општина Центар за вкупно кредитно задолжување од 5.500.000 евра, но тоа се случило пред градоначалничката смена во 2013 година, кога општината ја водеше кадар на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

На работ на опстанокот

Исмаил Јахоски: Загрозен е опстанокот на Пласница, бидејќи општината нема како да ги враќа долговите / Фото: Јутјуб

Исмаил Јахоски: Загрозен е опстанокот на Пласница, бидејќи општината нема како да ги враќа долговите / Фото: Јутјуб

Поголемите општини кои како побогати локални самоуправи можат полесно да издржат со блокирана сметка, бидејќи судот им дозволува повисоки лимити кои, според градоначалниците, не се доволни за да реализираат развојна програма, но доволни се за да функционира барем општинската администрација. За разлика од нив, помалите, претежно рурални општини се жалат дека многу тешко ја поднесуваат ваквата ситуација.

Класичен пример за тоа е општината Пласница, која е една од најмалите и воедно најсиромашни општини, заедно со Лозово, Ранковце, Росоман, Арачиново… Со годишен буџет од 230.000 евра оваа општина со 6.500 жители веќе петта година функционира со блокирана сметка поради долг од половина милион евра.

„Сето време ќе се вртиме во круг со камати и долгот ќе остане засекогаш, доколку не добиеме помош од Владата. Ако нешто не се направи, ние само формално ќе постоиме и ќе се викаме општина“, вели Исмаил Јахоски, кој по четврти пат беше избран за градоначалник како кандидат на ДУИ.

„Општините мора да се трудат да покажат стабилно финансиско работење, без блокирани сметки и ребаланси, поради тоа што тоа го создава нивниот кредитен рејтинг“, вели Александра Максимовска – Велјановска, професорка на Правниот факултет при Универзитетот во Скопје, која учествувала во многу проекти поврзани со локалната самоуправа.