Истражувањa

Студени училници – полна администрација

Секоја зима македонското образование ја раскажува истата приказна. Со првите студени денови, медиумите се преплавени од изјави на родители и ученици од сите краеви на државата кои се жалат дека децата учат во студени училници, бидејќи дел од училиштата немаат обезбедено греење

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Дел од училиштата во Македонија немаат обезбедено греење, иако грејната сезона е започната. Зошто овој навидум банален проблем, не може да се реши со години и дали неможноста на општините и државата да обезбедат греење открива сериозна системска слабост на образовниот систем поврзана со недостигот на пари потребни за нормално функционирање на училиштата.

Јавно достапните податоци покажуваат дека 80% од парите што државата ги исплаќа на општините за основното образование завршуваат за плати. Кај средното образование, пак, за плати завршуваат 70% од парите што општините ги добиваат од централниот буџет, а пресметките покажуваат дека на образованието годишно му недостигаат по 60 милиони евра.

Септемвриски мрак за учениците, блокирани сметки на училиштата

„Дури 90% од парите што ги добиваме како наменска блок-дотација за образованието завршуваат за плати, а само 10% за тековни трошоци, што е помалку од доволно”, вели градоначалникот на Струга, Зијадин Села / Фото: 24 Вести

„Дури 90% од парите што ги добиваме како наменска блок-дотација за образованието завршуваат за плати, а само 10% за тековни трошоци, што е помалку од доволно”, вели градоначалникот на Струга, Зијадин Села / Фото: 24 Вести

Од јуни 2015 година поради неплатени сметки за електрична енергија во основното струшко училиште „Браќа Миладиновци“ беше исклучена струјата. Три месеци подоцна, без струја почна и учебната сезона 2015/2016 година. Ова училиште е едно од деветте основни училишта во Струга кои оваа училишна година ја почнаа со блокирани сметки. Во Струга, од вкупно 11 училишта, девет ја почнаа годината со блокирани сметки, а во седум од нив, учениците седнаа во клупите во темница, бидејќи во објектите на почетокот од училишната година немаше струја.

Дел од родителите на струшките ученици велат дека не паметат кога состојбата во училиштата била толку лоша. Димче Шипинкароски, родител на ученик во ова струшко училиште, раскажува дека состојбата е далеку од нормална.

„Во 21 век цел септември учениците во училиштето посетуваа настава без струја, која беше исклучена уште на 18 јуни. Прашање е зошто досега не е најдено решение за проблемот. Училиштето, според информациите со кои располага Советот на родители, за струја има долг од девет илјади евра. Имаме уште еден проблем, воопшто нема превоз за децата кои живеат подалеку од два километри од училишната зграда, иако тоа законски им следува“, вели Димче Шипинкароски, родител на ученик од струшкото училиште „Браќа Миладиновци“ и член на Советот на родители.

Од општина Струга велат дека до септември доспеаниот долг на деветте основни училишта по основа на неплатени сметки за струја изнесува 102.439 евра, поради што училиштата во септември осамнаа со блокирани сметки и без електрична енергија. Но, во меѓувреме веќе се создал нов долг од два милиони денари или 32.520 евра кои веќе доспеале за плаќање. Општината се обврза дека и овој долг ќе го плати од општински пари.

Градоначалникот на Струга вели дека проблемот со оваа општина е многу длабок и сериозен.

„Дури 90% од парите што ги добиваме како наменска блок-дотација за образованието завршуваат за плати, а само 10% за тековни трошоци, што е помалку од доволно. Од друга страна, клучен критериум за поделба на средствата е бројот на ученици. Во овој регион бројот на ученици се намалува, а трошоците се исти или растат. Решението треба да се бара во намалување на наставниот кадар за да останат пари за тековно функционирање на училиштата. Но, проблем не се само парите за греење туку и за превоз. Ние дневно имаме трошок поголем од три илјади евра за превоз на ученици. За сето ова ги информиравме во ЗЕЛС“, објаснува градоначалникот Села.

Во мај годинава и родители од Битола во медиумите се пожалија дека училиштата немаат доволно пари за секојдневните потреби, па тие од свои пари купуваат материјали за потребите на образовниот процес. Во тој период, според извори од општината, од вкупно 17 училишта во Битола, десет работеа со блокирана сметка, а вкупниот долг на битолските училишта достигна два милиони евра по различни основи: за превоз на ученици, за струја, вода, огрев, комуналии.

Пратеникот на СДСМ од Битола, Васко Ковачевски, вели дека проблем со пресметките на долговите е нетранспарентноста и обидот на локалните власти да ги скријат сумите.

„Факт е дека најголем број директори ги прикриваат долговите на своите училишта во завршните сметки на училиштата, а некои директори, како на пример во ОУ „Таки Даскало”, завршната сметка не ја објавуваат на огласна табла во училиштето, иако тоа е законска обврска, со коментар дека сметките на училиштето биле деловна тајна“, вели Ковачевски.

Според Ковачевски, комисијата за образование при Советот на општина Битола тврди дека долговите на основните и средните училишта сега се околу 50 милиони денари. Меѓутоа според пратеникот тој долг е 80 милиони денари, а најголеми должници се средното општинско училиште „Таки Даскало“ и медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“.

Според дел од локалните советници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, презадолженоста на училиштата се јавила како последица на мерка која требало да го олесни животот на учениците.

„Овој проблем датира од 2008 година со воведувањето на бесплатниот превоз за учениците. Како и секој нов проект така и овој, додека се имплементираше се јавија одредени недостатоци, но не можам да се согласам дека не се преземаат мерки за надминување на финансиските проблеми во училиштата“, изјави Соња Карапашовска, советник на ВМРО-ДПМНЕ.

Долговите на Струга и Битола „слика“ на состојбата во целата држава

Ученици во средно училиште / Фото: 24 Вести

Ученици во средно училиште / Фото: 24 Вести

Според последните податоци што ги објави ЗЕЛС, на крајот од 2014 година во земјава вкупниот долг на сите училишта врз основа на неплатени сметки за комуналии, струја и за превоз на ученици изнесувал 16,2 милиони евра. Но, сега од ЗЕЛС велат дека веќе не водат статистика за долговите на училиштата и за конкретни податоци упатуваат кон Владата.

„ЗЕЛС нема информација за вкупните долгови на општините по сите основи. Тоа е менлива категорија на информации, а за нејзина евиденција е задолжено Министерството за финансии, како и секоја единица на локална самоуправа поединечно“, велат од ЗЕЛС.

Една од комисиите во рамките на ЗЕЛС, Комисијата за образование и спорт, која ги третира токму проблемите на локално ниво, на една од своите седници констатираше дека проблем не се веќе само старите долгови туку и неможноста на училиштата да ги плаќаат тековните сметки.

„Постојано се акумулираат нови долгови во оваа област, а не се исплаќаат ниту старите на кои се таложат и каматите, поради што многу училишта се со блокирани сметки и не можат да обезбедат греење и превоз за учениците. Најизразени се состојбите во општината Струга и во општината Кичево, каде што краткотрајно беше бојкотирана наставата поради неможноста да се обезбеди греење на училниците“, оценија од Комисијата за образование.

Дури 80% од парите за образование одат за плати

Со процесот на децентрализација, општините добија финансиска независност, но во тој процес не им се избришаа старите долгови, што во состојба на немање доволен приход на единиците на локална самоуправа, создаде појава на акумулирање и на нови долгови.

Парите од централната до локална власт се префрлуваат преку ставката блок-дотации во кои спаѓаат дотации за образованието, за културата, за социјалната заштита и наменски дотации.

Според податоците од завршната сметка на буџетот, во последните четири години преку ставката „вкупни блок дотации“ на име на општините по сите основи биле префрлени 1,1 милијарда евра. Од нив, повеќе од 90% се наменски дотации за образованието кои, преку Министерството за образование, стасуваат на сметка на општините, од каде што се распределуваат на училиштата.

Но, дел од поранешните министри за образование сметаат дека овие пари не се доволни за да се обезбеди функционален образовен процес.

„Овој модел на префрлување пари од централно на локално ниво, а оттаму на сметките на училиштата, може да се опише како „недостатокот на пари најдете си го самите“, односно барајте проекти, донации а од друга страна, училиштата не можат да ги обезбедат елементарните услови за работа“, вели универзитетскиот професор Ненад Новковски, поранешен министер за образование.

„Овој модел на префрлување на пари од централно на локално ниво, а од таму на сметките на училиштата може да се опише како `недостатокот на пари најдете си ги самите`“, вели универзитетскиот професор Ненад Новковски

„Овој модел на префрлување на пари од централно на локално ниво, а од таму на сметките на училиштата може да се опише како `недостатокот на пари најдете си ги самите`“, вели универзитетскиот професор Ненад Новковски

Она што се гледа од ставките на буџетот е пак дека најголем дел од парите наменети за образованието завршуваат за плати. Така, во најновиот извештај, Државниот завод за ревизија обелодени дека 80% од парите што општините ги добиваат завршуваат за таа намена.

„Блок дотациите за основното/средното образование кои се распределуваат на општините не ги задоволуваат потребите на единките, корисници. Од анализата на податоците добиени од општините утврдивме дека 80% од нив се наменети за плати на вработените, додека останатиот дел од 10 до 20 отсто е наменет за покривање на материјалните трошоци кај основното образование, додека кај средното образование 65-70% од блок-дотацијата е наменета за плати, останатиот дел 30-35% е наменет за покривање на материјалните трошоци“, се посочува во извештајот на Државниот ревизор посветен на процесот на спроведување на децентрализацијата.

Овие податоци беа потврдени и од Комисијата за образование и спорт при ЗЕЛС.

„Од блок-дотациите за образование, општините за исплата на платите за вработените во училиштата користат 67%, па дури и до 96%“, соопштија од Комисијата за образование на еден од состаноците на ЗЕЛС посветени токму на финансиските проблеми во училиштата.

Од ЗЕЛС велат дека темата поврзана со долговите на општините во однос на образованието е честа тема на состаноците на Управниот одбор на ЗЕЛС, но и на состаноците на Генералното собрание. Бидејќи проблемот датира од крајот на 2009 година, направени се неколку анализи, организирани се средби со надлежните министерства, барано е да се промени тарифата за плаќање на парно греење и електрична енергија. Анализите на ЗЕЛС покажуваат дека оваа проблематична област може да се надмине на неколку начина.

Еден од начините, секако е зголемување на блок-дотациите за општините, но како дополнителни фактори можат да се јават и рационализацијата на бројот на вработените во училиштата, затворање на дел од училиштата и слично. Како позитивен показател во насока на подобрување на состојбата со оваа надлежност, секако е голем број на реновирани училишта, на кои преку енергетско ефикасни проекти, значително им се намалени трошоците. Дел од општините почнаа затоплувањето да го организираат со гас, што исто така доведе до намалување на вкупните трошоци. Дел од општините купија сопствени комбиња за превоз на ученици. Неколку пати на општините со најголеми долгови Владата им додели нафта од државните резерви со што се надмина моменталната блокирачка состојба, објаснуваат од ЗЕЛС.

Елена Ивановска, раководител на Секторот за основно и средно образование во Министерството за образование, пак, дел од проблемите со финансирањето префрлува на самите општини, кои треба да достават навремени податоци до Министерството.

„До крајот на јуни се планира буџетот на министерството кој се доставува до Министерството за финансии. Блок-дотацијата се темели на бројот на ученици, затоа е потребна поголема сериозност во рационализирањето на училишната мрежа, бидејќи се утврдени голем број вишок паралелки, што предизвикува висока искористеност на средствата од блок-дотациите за плати за наставници. Аналогно на тоа на училиштата им остануваат помалку финансиски средства кои треба да се насочат за спроведување на образовниот процес”, објаснува Ивановска.

Професорот Новковски, пак, проблемот го гледа како целина и вели дека со големи трошоци за плати, сегашниот модел на финансирање на образованието на локално ниво го доведува во прашање целиот систем.

„Со сегашниот модел на финансирање на образованието на локално ниво целосно е загрозено основното функционирање на училиштата. Од една страна, ние гледаме како Владата промовира бесплатни учебници, а од друга страна училиштата немаат пари да платат струја или парно, немаат средства за основно функционирање“, вели Новковски.

Од ЗЕЛС додаваат дека постои проблем и со ненавремено и нецелосно префрлување и на оние пари кои општините треба да ги добијат.

„Во изминатите години сме имале неколку пати ситуација во која општините се јавуваат жалејќи се дека не ја добиле месечната блок-дотација. Се разбира, ние веднаш пишуваме дописи до министерствата, барајќи блок-дотацијата да се исплати што поитно. И тоа се случувало. Единствено една година општините останаа без последната, дванаесетта рата од блок-дотацијата. Односно, добија пари само за вработените, но не и за материјалните трошоци.“

Топката се префрлува меѓу централната и локалната власт, проблемот ќе станува посериозен

Секоја зима македонското образование ја раскажува истата приказна / Фото: 24 Вести

Секоја зима македонското образование ја раскажува истата приказна / Фото: 24 Вести

Практиката покажува дека актуелниот модел на финансирање на основното и средното образование на локално ниво не само што не обезбедува елементарни услови за работа, туку состојбата има тенденција на влошување.

Според Уредбите за методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок-дотации во основното и средното образование за 2016 година, парите се делат според следниве критериуми: основна сума по општини, број на ученици во општината, број на ученици во предметната настава, број на ученици со посебни потреби, густина на населението и сл.

Во последните три години, според увидот што го направил Државниот завод за ревизија, не се променети критериумите за поделба на блок-дотациите за основното и средното образование, иако Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините дала препораки дека се потребни измени, посочува државниот ревизор.

Комисијата предложила висината на блок дотациите за образованието да се усогласуваат со порастот на трошоците за живот и со стапката на инфлација, подобрување на постојната мрежа во училиштата во насока на рационализација на трошоците и намалување на трошоците за превоз на ученици врз основа на измена на Законот за средно образование.

„Со увид во документацијата на општините, како и според податоците добиени од надлежните министерства, утврдивме дека висината на блок-дотациите по години наназад е непроменета (2012, 2013 и 2014) што има за ефект потреба од дополнителни средства од основниот буџет на општините, а од друга страна забележително е зголемување на неплатените обврски кај дел од општините“, посочува државниот ревизор.

Поранешниот министер за образование вели дека сегашната распределба на парите и неможноста на самите општини од кои дел се заглавени во долгови да го покриваат недостатокот од пари ја доведува во прашање функционалноста на образовниот систем.

„Самиот сооднос за тоа како се трошат парите за образованието е алармантен. Ако пред десетина години 90% од средствата се трошеа за плати, но и за тековни трошоци во образовниот циклус, сега 90% се само за плати. Јасно е дека поголемиот дел од општините имаат сериозни финансиски проблеми и тие не можат од општинските каси да го финансираат образованието, а самите училишта пак, тешко доаѓаат до донации или сопствени приходи“, вели Новковски.

Извори од ЗЕЛС, пак, велат дека според нивни необјавени анализи, Владата префрла 30% помалку пари за образовниот процес на локално ниво, односно дека е потребно зголемување за една третина на парите кои општините ги добиваат од централниот буџет за нормални училишни денови за учениците. Општините, пак, од своја страна треба да направат рационализација и подобра поделба на паралелките за да се постигне оптимален број на ученици со потребните ресурси. Или со други зборови, да се избегнат настави со малку или премногу деца во дадено училиште или одделение и да се направи подобра организација. На тој начин може да се намалат трошоците на училиштата, пред сè во делот на струјата, греењето, превозот на учениците, но и на наставниците и професорите.

Од вкупно 80 општини, плус Градот Скопје, во 56 општини има основни и средни училишта, додека во 44 општини има само основни училишта, а освен посочените Струга, Кичево и Битола, големи долгови за училиштата имаат и Тетово и Куманово, а покритична е состојбата во општините во кои се намалува бројот на ученици, а трошоците растат.

Вкупно, од 2011 до 2015 година, за образованието на локално ниво од Министерството за образование била префрлена една милијарда евра. Според оценките на градоначалниците, експертите и претставниците на ЗЕЛС, за нормално функционирање на образовниот процес се потребни уште 30% од оваа сума, или годишно недостигаат по околу 60 милиони евра, пари потребни за обезбедување на комплетниот образовен процес.