Регион

Осамена битка против етничката омраза на хрватски пратеник

Кога Јуре Зубчиќ, пратеник во Градското собрание на Задар, забележа дека во неговиот роден град е испишан антисрпски графит, тој реши да не го толерира говорот на омраза и да преземе конкретни активности

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Јуре Зубчиќ, 29-годишен пратеник во Градското собрание на Задар, стана познат по тоа што антисрпскиот графит, „Убиј со Србинот“ („Уби Србина“), го менуваше во „Бакни го Србинот“ („Пољуби Србина“).

Иако анонимно лице поднесе кривична пријава против него, тој лично верува дека неговите постапки имаат позитивно влијание.

„Сега полицијата во Задар, откако двапати го сменив графитот, им наложува на општинските службеници да ги избришат графитите. Мислам дека ова е напредок“, изјави за БИРН, овој млад пратеник од Социјалдемократската партија (СДП) на Хрватска.

„Членовите на мојот одбор никогаш не би го сториле тоа, но тие ме поддржуваат затоа што ја разбираат пораката“, истакнува Зубчиќ.

Сепак, тој верува дека другите пратеници во Задар, претежно од владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), веројатно сметаат дека неговите постапки се глупави.

„Но, јас не мислам (оти се глупави), затоа што најдов начин да испратам порака и да ги натерам институциите да го направат она што треба да го направат“, додава тој.

Анонимна пријава

 

Графитот „Убиј го Србинот“, е сменет во „Бакни го Србинот“. Фото: Јуре Зубчиќ

Кога Зубчиќ, во декември 2018 година, прв пат го сменил антисрпскиот графит, тој отишол во полиција и ја објаснил ситуацијата. Овој разговор поминал добро.

„Тие беа навистина коректни. Немав проблеми со полицијата, но (подоцна) добив анонимна кривична пријава“, вели Зубчиќ.

„Анонимно лице ме пријавило за две кривични дела. Едното е уништување на туѓ имот, а другото е, ќе парафразирам, затоа што тука го немам тој документ, навреда нанесена со давање лажна слика дека членовите на хрватската јавност се ксенофобични“, потенцира тој.

Зубчиќ додава дека со медиумите не разговарал за неговиот прв неформален разговор со полицијата, затоа што тие добро се однесувале кон него, но по вториот разговор, кој се случил поради анонимните пријави, тој разговарал со новинарите, со цел да го повика поднесувачот на пријавата, јавно да истапи и да поразговара со него на оваа тема.

„Ако некој мисли дека сум сторил кривично дело, нека се соочи со аргументи, без гнев, омраза или нетолеранција“, вели Зубчиќ.

Поднесувачот на пријавата не му се јавил. Тој претпоставува дека случајот е отфрлен, бидејќи за ова не слушнал ништо повеќе од полицијата.

Зубчиќ потсетува на случајот со човекот кој нацрта срп и чекан на споменикот на поранешниот хрватски претседател, Фрањо Туѓман. Тој беше уапсен и сега му се суди. Зубчиќ истакнува дека овој инцидент нагласува дека постојат двојни стандарди во Хрватска.

„Имаме ситуација во која полицијата веднаш реагира на уништувањето на споменикот на првиот хрватски претседател, а во Задар полицијата не реагираше на говорот на омраза, сè додека не тоа не стигна во јавноста“, вели тој.

Слаби реакции на судството, на злосторствата од омраза

 

Фотографија на Јуре Зубчиќ

Српскиот народен совет (СНВ), кој ги претставува интересите на српското малцинство во Хрватска, во својот годишен билтен „Историски ревизионизам, говор на омраза и насилство врз Србите во 2018 година“, објавен во мај оваа година, забележува дека имало 33 графити и симболи кои содржат говор на омраза и етничка нетрпеливост во 2018 година. 35 вакви инциденти имало во 2017, 24 се забележани во 2016 и 14 во 2015 година.

Тензиите што меѓу хрватското мнозинство и српското малцинство, постојат од војната меѓу хрватските сили и силите на Југословенската народна армија и побунетите хрватски Срби, и денеска се видливи, при што е зголемен говорот на омраза кон Србите, на што, во 2018 година, предупреди и Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата на Советот на Европа (ЕКРИ).

Неколку насилни инциденти се случија во Хрватска ова лето. Последните два беа напади на хрватски Срби, кои се случија кога напаѓачите упаднаа во две кафулиња каде што Срби од селата Уздоље и Ѓевреске, на телевизија гледаа фудбалски натпревар во кој играше клубот Црвена звезда. При тоа пет лица, меѓу кои и еден малолетник, се полесно повредени.

На прашањето, дали нетолеранцијата кон националните малцинства во Хрватска го достигнала својот врв, Зубчиќ вела дека „тој навистина се надева дека е така“, но оти сепак „стравува дека тоа можеби и не е така“.

„Се плашам, затоа што гледам слаба или никаква реакција од судството (на ваквите кривични дела)“, истакнува тој.

Зубчиќ е свесен дека нетрпеливоста кон другите националности не е само проблем на Хрватска. Тој дал интервју и за српскиот јавен сервис, РТС, на 2 ноември, при што, како што рече, дел од разговорот бил исечен – делот каде што вели дека во интерес на владејачката ХДЗ во Хрватска и владејачката Српска напредна партија (СНП) во Србија е домашните медиуми да ја подгреваат омразата.

Кога станува збор за родниот град, Задар, тој посочува дека имало неколку случаи на говор на омраза и насилство.

„Постои ова малцинство, сакам да верувам во тоа, што не само што испишува (антисрпски) графити, туку и ги извикува на (спортски) натпревари или на разни јавни настани“, истакнува тој.

Сепак, Зубчиќ додава: „Од друга страна, јас би рекол дека што се однесува до мнозинството, оваа нетолеранција не постои. Не сите, но огромното мнозинство (не мрази луѓе од друга националност)“.