Регион

Обвинителството на БиХ побара построга казна за убиствата во Приедор

Миќо Јуришиќ, пред Судот на БиХ. Фото: Марио Иличиќ/БИРН

Обвинителството на БиХ побара построга казна за поранешниот припадник на резервниот состав на милицијата во Тукови, при Станицата за јавна безбедност во Приедор, Миќо Јуришиќ, во својата жалба против првостепената пресуда, со која тој беше казнет на 11 години затвор, за злосторства против човештвото, вклучително и неколку убиства, извршени во областа на Приедор, во 1992 година.

Обвинителот, Изет Одобашиќ, рече дека доказите не биле доволно и внимателно ценети и побара делумно укинување на пресудата, повторно судење и повисока казна.

Во април годинава, Судот на Босна и Херцеговина го осуди Јуришиќ по пет точки од обвинението, кое го товареа за прогон, убиства, обид за убиство и нечовечки третман.

Со истата пресуда, Јуришиќ беше ослободен по три точки од обвинението, за прогон, злоупотреба и за убиство.

Тој објасни дека тоа што обвинетиот бил семеен човек во моментот на извршувањето на кривичното дело, не може да се смета за олеснителна околност, бидејќи станува збор за дело – злосторство против човештвото.

„Обвинетиот повеќето дела ги извршил токму против членови на семејства на други лица, а особено против малолетни лица“, истакна тој.

„Веруваме дека не е во ред да го сметаме за олеснителна околност и тоа што тој не бил претходно осудуван. Не е прифатливо да се сметаат овие околности за олеснителни“, додаде обвинителот.

Од друга страна, адвокатот на обвинетиот, Светозар Давидовиќ, побара ослободителна пресуда или помала казна, истакнувајќи дека во првостепената пресуда, „се дадени општи причини за директна умисла“.

Обвинетиот Јуришиќ се обрати пред судот, велејќи дека тој не сторил ниту едно од горенаведените обвиненија.

„Никому не сум наштетил, дури не сум ни помислил“, рече Јуришиќ низ солзи.

Апелациското одделение на Судот на БиХ, дополнително ќе се изјасни по жалбите.