Регион

Ослободен хрватски свештеник што ја величел НДХ

Свен Милекиќ, Загреб
 

Лука Прцела за време на својата проповед во мај 2016 година. Фото: Јутјуб

Јасенка Павловиќ, судијка на Судот за прекршоци во Сплит, го ослободи свештеникот, Лука Прцела, од обвинението дека во својата проповед ја величел НДХ.

Имено, во својата проповед емитувана во живо на Хрватската радио телевизија (ХРТ) во мај 2016 година, Прцела ја критикувал изјавата на хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, дека НДХ „не бил независна и оти била злосторничка”.

Прцела рекол дека „не може да ѝ прости на Колинда Грабар-Китаровиќ” за овие зборови и додал: „Кој тоа вели дека денешната хрватска држава е повеќе независна од онаа од 1941 до 1945”.

Тој нагласи дека усташите не „фрлале бомби врз Хирошима и Нагасаки”.

Како што додаде, НДХ била легитимна, меѓународно призната држава и не убивала надвор од своите граници.

Кривичната пријава против Прцела ја поднесе новинарката, Наташа Шкаричиќ.

Државното обвинителство заклучи дека, иако неговите изјави не претставуваат кривично дело, Прцела треба да биде обвинет за нарушување на јавниот ред и мир, за што е предвидена максимална парична казна од 100 евра.

Сепак, судијката Павловиќ пресуди дека неговата изјава не може да биде санкционирана, бидејќи припаѓа на уставно загарантираната категорија – слобода на мислата.

Таа се согласи дека „проповедта предизвикала осуда на дел од јавноста”, но дека тоа претставува „изразување на поединец, загарантирано со член 38 од уставот, кој гарантира слобода на мислата и изразувањето”.

Свештеникот има „заштитено право на слобода на изразување во едно демократско општество, што подразбира и изнесување на ставови кои не се општо прифатени”, објасни Павловиќ.

Обвинителството поднесе жалба, па случајот сега ќе се разгледува од страна на повисок суд.

НДХ владееше под покровителство на силите на Оската од 1941 до 1945 година и генерално се памети само по злосторствата извршени врз Србите, Ромите и левичарите, од кои најмалку 80.000 починаа во концентрациониот логор Јасеновац, иако нивниот точен број и денес е контроверзен.

НДХ како држава не беше призната надвор од земјите на Оската, па дури ни од Ватикан, кој ги одржуваше односите со НДХ преку свештени лица, а не преку амбасадори.

Сепак, одреден број свештеници во Хрватска продолжија отворено или да го величат и бранат усташкото движење или да ги минимизираат неговите злосторствата, делумно и поради непријателството кон комунистичкиот режим, кој владееше по 1945 година.