Регион

Ослободен полициски командант обвинет за учество во геноцидот во Сребреница

Ламија Гребo, Сараево

Горан Сариќ во судница. Фото: Суд на БиХ.

Судот на Босна и Херцеговина, во петок го ослободи Горан Сариќ, поранешен командант на специјална полициска бригада, обвинет дека учествувал во геноцидот во Сребреница во јули 1995 година.

„Од презентираните докази, судот не можеше, надвор од разумно сомнение, да утврди дека обвинетиот знаел за геноцидните намери на главните извршители”, изјави председателот на судскиот совет, судијата, Станиша Глухајиќ.

Глухајиќ истакна дека обвинителството не ги докажало наводите од обвинението, кое, меѓу другото, го товареше Сариќ дека бил свесен за постоењето на планот за убиство и раселување на населението.

Тој додаде дека доказите не покажуваат оти Сариќ бил во контакт со членовите на заедничкиот злосторнички потфат, кој имал за цел протерување и убиства на бошњачките цивили во Сребреница, Ратко Младиќ и Радован Караџиќ.

Сариќ беше ослободен и од обвиненијата дека давал упатства за масакрите и дека вршел контрола на заменикот, Љубомир Боровчанин, кого Хашкиот трибунал го осуди на 17 години затвор за злосторства во Сребреница.

Според одлуката на судот, нема докази дека Сариќ му издавал наредби на Боровчанин, ниту на офицерите на специјалната полициска бригада од понизок ранг.

Боровчанин беше ослободен во 2016 година, откако отслужи две третини од казната.

Сариќ беше ослободен и од обвинението дека им помагал на членовите на здружениот злосторнички потфат во вршењето на геноцидот, во кој биле убиени повеќе од 7.000 лица, а околу 40.000 биле раселени.

Тој беше ослободен и по обвинението за сторени воени злосторства во областа на Зворник.

Според судскиот совет, немало докази дека обвинетиот ги видел заробените или убиени лица.

Судењето на Сариќ траеше околу четири години.

На оваа пресуда може да биде поднесена жалба.