Регион

Ослободени обвинетите за палење на амбасадата на САД во Белград

Филип Рудиќ, Белград

Седиште на Апелацискиот суд. Фото: Апелациски суд на Србија

Апелацискиот суд на Србија, ги ослободи од обвиненијата четирите лица, на кои претходно им беа изречени условни казни, за палење на американската амбасада во 2008 година, за време на протестите против независноста на Косово. Судот, исто така, им ја потврди ослободителната пресуда на уште три лица.

Со одлуката, донесена на 17 декември, а објавена во среда, од обвиненијата беа ослободени Дејан Вучковиќ, Драган Маринков, Марко Новитовиќ и Милан Томас, на кои Вишиот суд, во ноември 2017 година, им изрече условни казни.

Судот соопшти оти обвинителството не дало доволно докази, дека обвинетите го предизвикале пожарот.

Поради недостиг на докази, ослободителната пресуда им беше потврдена и на Ѓорѓе Томин, Никола Косановиќ и Филип Баковиќ. Одлуката на Апелацискиот суд е конечна.

Во претходниот судски процес, во 2015 година, на деветмина обвинети им беа изречени условни казни од 5 до 10 месеци, но со новата пресуда старата беше поништена, со образложение дека е „контрадикторна“.

Амбасадите на САД, Германија и на Хрватска, беа нападнати на 21 февруари 2008 година, во немирите што избувнаа откако Косово прогласи независност.

Разлутената толпа се собра пред амбасадата на САД, кои се моќен сојузник на Косово, при што се обиде да упадне во зградата, фрлајќи факели и други запаливи средства и кршејќи врати и прозорци. Во пожарот загина 20-годишниот Зоран Вујовиќ, од Нови Сад.

Владите на САД и Германија, побараа од Србија да ги гони и оние лица, кои дозволиле нападот да се случи и покрај големото полициско присуство.

Владите на двете земји изјавија дека наоѓањето на сторителите е еден од главните приоритети на српската влада, додека Берлин, во неколку наврати, ја предупреди Србија, дека нејзиниот напредок кон ЕУ, ќе зависи од резултатите од истрагата.

Работна група на српското Министерство за внатрешни работи ги истражуваше тврдењата за немарно однесување на официјалните лица во текот на нападите и таа идентификува неколку полициски генерали како осомничени.

Извештајот на оваа работна група беше завршен во 2014 година, а во 2015, врзано за овој случај, беа сослушани неколку полициски генерали. Сепак, понатамошни активности не беа најавени.

Се верува дека другите осомничени се високи државни функционери поврзани со кабинетот на тогашниот премиер, Воислав Коштуница.

Србија соопшти оти никогаш нема да ја признае независноста на Косово, кое националистите го сметаат за „лулка“ на средновековната српска држава. Сепак, повеќето земји членки на ЕУ и САД, ја признаа неговата државност, пред повеќе од десет години.