„Наместо, со текот на времето, да се намали, негирањето на геноцидoт, во последниве години, стана поподмолно“, се вели во предговорот на новиот извештај на Меморијалниот центар Сребреница – Поточари, објавен минатата недела.
Во извештајот се анализираат активностите на официјалните институции и na поединци во Босна и Херцеговина и во Србија, кои се однесуваат на прикривање на геноцидот и детално се истражуваат националистичките наративи кои го негираат неговото извршување, како и бројот на жртви убиени од силите на босанските Срби во јули 1995 година.
Авторот на извештајот, Моника Хансон-Грин, за БИРН изјави дека еден од најважните заклучоци на овој извештај е дека негирањето на геноцидот има реални и опасни последици.
Според нејзе, ако општеството дозволува негирање на фактите и манипулација со историјата, со цел да се оправда насилството врз една група, тогаш се поставува сцена за повторна виктимизација.
„Негирањето на геноцидот, не само што им нанесува незамислива болка на оние што го преживеале, туку и на оние што ги загубиле најблиските, а воедно е и еден од најсигурните знаци на предупредување за идно насилство“, вели таа.
Хикмет Карчиќ, истражувач на геноцидот, кој учествувал во изработката на овој извештај, за БИРН нагласува дека два клучни меѓународни случаи покажале дека негирањето на Сребреница и на историските факти за војната во БиХ, се префрлиле во одредена академска и литературна сфера на меѓународно ниво.
Тој објасни дека се работи за случајот на Петер Хандке, добитник на Нобеловата награда за литература и апологет на Слободан Милошевиќ, како и за книгата на американскиот научник, Џесика Стерн, за Радован Караџиќ, „Мојот воен злосторник“, која, според критичарите, премногу лесно ги прифаќа аргументите на Радован Караџиќ.
„Во последно време се случува, ова негирање да влегува во разни пори на општеството во Србија и во Република Српска, и тоа станува доста прифатливо од страна на одредени академски кругови на запад“, објаснува Карчиќ.
Во извештајот се наведува дека Хандке се обидува да ја „преработи историјата“ и се признава дека Стерн ги прифаќа пресудите на Хашкиот трибунал, оти ги осудува негирањето на геноцидот во Сребреница и доделувањето на Нобеловата награда на Хандке, но дека нејзината книга за Караџиќ е „флагрантен обид да се хуманизира еден од извршителите на геноцидот во Сребреница“.
„Алтернативни факти“ и теории на заговор
Погреб на дел од жртвите на масакрот во Сребреница. Фото: Јуники Сан, Викимедиа комонс
Според судските пресуди, повеќе од 7.000 мажи и момчиња биле убиени во серијата масакри во Сребреница во јули 1995 година, а повеќе од 40.000 жени, деца и стари лица биле протерани.
Досега, пред Судот на Босна и Херцеговина и пред Хашкиот трибунал, за овие злосторства се осудени 40 лица, на околу 700 години затвор и четири доживотни затворски казни.
И Меѓународниот суд на правдата (МСП) донесе одлука дека масакрите во Сребреница претставуваат геноцид. Сепак, политичките лидери на Република Српска и на Србија, постојано одбиваат да ја прифатат оваа дефиниција.
Според извештајот, тактиките и наративите кои најчесто ги користат негаторите на геноцидот се, оспорување на бројот на жртви во Сребреница, историските ревизионистички наративи кои ги величаат воените злосторници и јакнењето на српскиот национализам, како и меѓународните антисрпски теории на заговор, кои се користат за поткопување на довербата во легитимноста на меѓународните судови.
„Најчестиот пристап се заснова на измислени теории на меѓународен заговор и антисрпски предрасуди во рамките на овие правни институции и, воопшто, во меѓународната заедница. Негаторите го отфрлаат и меѓународниот правен консензус, искористувајќи ги воочените нејаснотии во Конвенцијата на ООН за геноцидот, со намера да ги дискредитираат наодите за геноцидна намера и централниот фокус на операцијата Сребреница, се вели во извештајот.
Постојат обиди да се намали бројот на жртви на геноцидот во Сребреница, и покрај судските докази и правниот консензус во БиХ и во Хаг, и фактот дека во Меморијалниот центар постојат гробови на повеќе од 6.600 жртви на геноцидот.
Ревизионистите, исто така, го негираат утврдениот идентитет на жртвите и околностите на нивната смрт, се објаснува во извештајот.
„Водачите на РС, како што е Милорад Додик, често цитираат произволни бројки до 2.000 жртви и користат бројни теории на заговор за да ја објаснат разликата помеѓу нивните пресметки и меѓународниот консензус“, се вели во извештајот.
Новата комисија, која по иницијатива на Додик, беше формирана од Република Српска, со цел „истражување на страдањата на сите народи во регионот на Сребреница во периодот 1992-1995 година“, според извештајот, е уште еден обид за негирање на геноцидот. Извештајот на оваа комисија се очекува оваа година.
Меѓу инцидентите е и изборот на негаторот на геноцидот, Младен Грујичиќ, за прв српски градоначалник на повоена Сребреница, што „ги зајакна националистичките српски елементи, кои се занимаваат со негирање на геноцидот во локалната заедница“, се вели во извештајот.
Според извештајот, Грујичиќ во повеќе наврати го довел во прашање бројот на жртвите во Сребреница, тврдејќи дека многу гробни места во Меморијалниот центар се лажни.
Негаторите треба „да ги разоткриваме, дискредитираме и исмеваме“
Басма Наџи, преживеана припадничка на Јазидите, во јули се сретна со жена што го преживеала геноциот во Сребреница. Фото: ПАКС
Каричиќ вели дека негирањето, во пресрет на 25-годишнината од геноцидот која се одбележува во јули годинава, станало нормална работа.
„Ваквата реторика влезе во сите пори на ова општество, едноставно, утврдените историски факти веќе не се важни, пресудите не се важни, сведочењето на жртвите не е важно“, вели тој.
Хансон-Грин наглаува дека во Србија и во Република Српска, повеќе од кога и да е, негирањето на геноцидот станало раширено и општествено прифатливо.
„Лицата што се занимаваат со негирањето, го прават тоа во јавноста без никаков срам или страв дека тоа би можело да има општествени последици“, вели таа.
Карчиќ истакнув дека БиХ треба да донесе закон за санкционирање на негирањето на геноцидот, со посебен акцент на едукацијата на луѓето за воените злосторства.
„Да се продолжи со процесирањето на воените злосторства транспарентно – судските пресуди да бидат достапни, доказите што се користеле пред судовите да бидат достапни, да добиеме пристап до доказите што судовите ги користеле, а не судските органи да не ни дозволуваат да добиеме копија од конечната пресуда“, вели Карчиќ.
Во извештајот се даваат пепораки до актерите на политичкото и на граѓанското општество „да го искористат своето јавно влијание и да се залагаат за вистината за Сребреница, како и да го осудуваат негирањето на геноцидот во секоја прилика“.
„Политичарите, научниците, новинарите, невладините организации и верските авторитети, мора да ги засенат лагите и дезинформациите што ги шират ревизионистите“, се вели во извештајот.
Негирањето на геноцидот, според Хансон-Грин, отсекогаш постоело, но оти можеме и мора да се бориме против тоа.
„Не можеме да ги искорениме негаторите на геноцидот, но она што можеме да направиме е да ги разоткриваме, дискредитираме и исмеваме, сè додека нивниот триумфализам не се претвори во срам и додека не се повлечат во сенка“, заклучува Хансон-Грин.