Оставките во правосудството вообичаено се последниот чекор пред разрешување, како начин да се избегне формална дамка во биографијата.
Но, оставката на Ленче Ристоска не е таква.
Нејзиното заминување не е тивко, како што тоа го правеле нејзините претходници, за кои имало отворено дисциплински постапки, туку гласно отфрлање на системот што веќе не може да се издржи.
Ристоска e прва обвинителка, која отворено кажа дека се повлекува затоа што долго се соочува со притисоци, опструкции и одлуки, кои директно го нарушуваат нејзиниот професионален интегритет.
И токму затоа оваа оставка е поважна од самата функција.
Ристоска реши да ја напушти институцијата, која практично ја негира смислата на правната држава. Откако ѝ пропадна големиот предмет за прислушувањето „Таргет тврдина“, поради застарување и судско-бизнис дилови, ѝ остана да ги води двата предмети „Талир“ за ВМРО-ДПМНЕ, кои Ристоска ги води од 2017 година. Заклучно со 1 април 2026.
Тие се меѓу последните активни предмети на поранешното СЈО, кои „живуркаат“ во судот, сè додека целосно не згаснат.
Овие предмети не се само бројчиња од обвинителски случаи, како што тврди новиот државен обвинител Ненад Савески. Тие се тест за тоа дали политичката моќ во Македонија некогаш ќе биде и правно одговорна.
Чашата ја прелеа токму неговата одлука во првите денови од мандатот, да ѝ ги одземе овластувањата за да ги застапува токму овие предмети.
„Талир 1“ се води речиси седум години и за него ниеднаш нема донесено пресуда. Што поради промена на судии и поротници, што поради измените на Кривичниот законик. Во тој предмет со над 500 сведоци и над 12 илјади уплатници како докази, само едно беше константа – одлагањата и опструкциите. Кога стана јасно дека ќе се менува политичката гарнитура, сведоците ги менуваа исказите.
Вториот, „Талир 2“ е пред пресуда и целосно застарува во август. И овде наместо случајот да е трипати пресуден, е „осуден“ на бавно распаѓање.
Со повлекувањето на Ристоска, тие предмети нема формално да згаснат. Но, го изгубија нивниот главен застапник, а речиси извесно е дека ќе се загубат во правта на судските депоа.
Само додека Савески и неговата претходничка одлучуваа дали ќе ја изземат Ристоска од постапување за овие предмети, зашто тоа го побараа обвинетите, одложени беа четири судски рочишта.
На крајот, наместо обвинителска и општествена сатисфакција – Ристоска доби професионален замор, а одлуките на Савески само го забетонираа впечатокот дека таа нема што повеќе да прави во обвинителството.
Трипати политички елиминирана
Но, не се проблем само предметите. Уште додека беше едно од главните лица на поранешното СЈО, Ристоска стана медиумски таргет за дезинформации. Од тоа дека Зоран Заев ѝ бил на гости, до тоа дека била фатена пијана и слични будалштини.
За новиот државен обвинител, тоа било нормално и во рамки на службата, затоа што и за него имало таков линч. Не, не е нормално. Уште понесфатлив е молкот на Здружението на јавните обвинители, во чија мисија е „заштитата на достоинството и угледот на носителите на јавнообвинителската функција“, ниту, пак, Советот на обвинители, кој, според закон, ја обезбедува и ја гарантира самостојноста на јавните обвинители, не се огласија да реагираат на потегот на Ристоска.
Тие молчеа. Како и обично. Тие се само администратори на институционалниот молк.
Ристоска важеше за амбициозен обвинител. Конкурираше за неколку позиции. Двапати за виш јавен обвинител, за државен обвинител и за судија во Европскиот суд за човекови права. Но, секогаш наидуваше на политичка елиминација, независно од тоа која партија е на власт.
Кога во јануари годинава конкурираше за државен обвинител, премиерот Христијан Мицкоски побрза да изјави дека таа не во игра, уште додека седницата на владата не беше закажана.
Во изборот на кандидати за судија, за судот во Стразбур, беше предложена како една од тројцата кандидати. Но, владата без образложение го поништи огласот, а Мицкоски како едвај да чекаше да соопшти дека таа „не е во игра.“ Впечатокот на дел од јавноста е како да беше поништен огласот само затоа што Ристоска успеала да биде на листата од тројца кандидати.
Во 2021 година, за време на владеењето на СДСМ и ДУИ, Ристоска не беше избрана во повисокото, Вишо скопско обвинителство. Истото се случи и во 2023 година. Причините зошто не е е избрана беа поради нејзината младост и породилното отсуство.
Ова не е серија на случајности, туку образец, кој, по којзнае кој пат, потврдува дека системот не избира според заслуги, туку според политичката подобност.
Во нејзината кариера се случи нешто што ретко или речиси никогаш не му се случило на нејзин колега. Тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески вмеша прсти, односно направи упад и го повлече нејзиното барање за притвор за Сашо Мијалков, додека тој не беше достапен на органите, па се појави за да добие куќен притвор.
Ристоска важеше за обвинител, чии критики и јавни прозивки отвораа дебата во јавноста. Така беше со критиките за измените на Кривичниот законик во 2023 година. Но, наидуваше на политички притисок.
Беше под закана, за неа да расправа етичкиот совет, затоа што на научна конференција во 2023 година кажа дека оваа институција е агрегат на тргување со влијание и треба да се реформира.
Сама против системот
Во потрага по институционален одговор, нема врата на која не чукна. Првин доби одлука во нејзина полза дека е дискриминирана, како и судскиот спор против одлуката на Советот на јавните обвинители.
Прва од јавните обвинители го искористи новиот механизам на Советот на обвинители да пријави надворешно мешање во нејзината работа од премиерот. Но, залудно. Ова тело со мрзелива дискусија утврди дека не било јасно на кого се однесува тоа што го кажал премиерот. За тоа дека нема простор за одлука гласаше и новиот државен обвинител. Тој не изусти ниту збор за Ристоска. На брифингот со новинарите кажа дека со материјалите се запознал непосредно пред да почне седницата.
Наместо заштита, Ристоска го доби она што со години го испорачува ова тело – празен процедурализам и формалност.
Поднесе и тужба за клевета и навреда против ВМРО-ДПМНЕ во граѓанскиот суд. Иако Мицкоски не ја спомна со име Ристоска, во интервју говореше за медиокритет и потврдуваше дека е дел од „политичко-клиентелистичка матрица.“
И затоа нејзината оставка не е изненадување, туку логичен исход.
Ристоска беше прва македонска обвинителка за врски со Европравда, Агенцијата за соработка на ЕУ од 2018 година. Но, никогаш не замина во Хаг. Причината за тоа е повторно политичка. Власта не ги усвои измените на Законот за платите на јавните обвинители.
Во оваа држава, домашната политика може да блокира дури и меѓународна функција.
Освен тоа, во извештаите за работата на канцеларијата од минатите години, Ристоска јавно се жалеше дека нејзината работа ја попречува одделението во републичкото обвинителство за меѓународна соработка.
По нејзината оставка, следуваше жалење од државниот обвинител дека очекувал оти со нејзиното „повеќегодишно драгоцено искуство ќе даде придонес кон зајакнување на капацитетите на оваа институција“, иако во соопштението нема ниедна реченица дека повлекувањето на Ристоска е загуба за обвинителството и за граѓаните.
Сево ова не е само приказна за една оставка, туку уште една потврда дека во Македонија интегритетот се казнува, а не се вреднува.











