Анализи

Оставки, меници и триаголници го крепат ВМРО-ДПМНЕ

Шемата на условување на пратениците и на членството на ВМРО ДПМНЕ не е фабричка грешка во системот туку дополнително инсталиран метод во мандатот на владејачката партија.

Се потврдија шпекулациите дека пратениците од владејачкото мнозинство се условени со бланко-оставки / Фото: Rennett Stowe / Foter

Се потврдија шпекулациите дека пратениците од владејачкото мнозинство се условени со бланко-оставки / Фото: Rennett Stowe / Foter

„Имаат тие писмени оставки поднесено. А да почнеме да си ги активираме?“

Ова реченица од разговорот, во кој според опозицијата се гласовите на премиерот Никола Груевски и поранешната координаторка на прaтеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, ги потврди шпекулациите дека пратениците од владејачкото мнозинство се условени со бланко-оставки, кои можат да им бидат активирани во секое време и без нивно знаење.

Разговорот му дава потврда и на неодамнешното признание на пратеник од владејачкото мнозинството, кој анонимно изјави дека „тројството“- меница на одредена сума, потпис од гарант за меницата и бланко оставка на пратеничката функција, се трите клучни потписи со кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со години ја обезбедува монолитноста на неговото мнозинство во Парламентот.

Дека оваа „шема“ не е вградена фабричка грешка во повеќепартискиот Парламент на независна Македонија туку „дополнително инсталиран метод“, потврдува пратеничката од првиот парламентарен состав, Ѓулистана Марковска.

„На такви уцени и условувања никој и не помислил во времето на првиот парламентарен состав кој беше најдобриот и најдемократскиот досега. Такви уцени немало ни во Владата на Љубчо Георгиевски. Сето ова е ‘инсталирано’ многу подоцна. По 2006 година“, вели Марковска.

Таа смета дека пратениците не се плашат од активирање на бланко-оставките само заради нивната функција туку затоа што колатерална штета ќе бидат сите оние за кои тие издејствувале вработување или други привилегии.

Само кучето не е на список!

Разговор Бонева-Груевски

Н.Г. А да почнеме да активираме ние оставки?

С.Б. Па може и тоа. Претераа.

Н.Г. Имаат тие писмени оставки поднесено, да почнеме да си ги активираме.

С.Б. Јас во претходниот состав, еднаш кога ми беше пукнат филмот, им реков: Немојте да мислите дека писмени оставки џабе напишавте, на неколку луѓе што се правеа многу важни. Мислам дека вие сега треба сите да ги соберете и да им кажете дека имаат писмени оставки и ако не им се работи дека веднаш ќе им бидат активирани. Може е безобразно што ова го зборувам, возрасна жена сум, но еднаш им кажав: Јас кога бев пратеник од 2002 до 2006 година, ем бевме опозиција, само во два часот одев во ве-це. Кога ќе заѕвонеше ѕончето. Дотогаш не смеев да станам од столчето. На што личи ова, велам, на секоја минута да одат да пушат цигари, на секоја минута да одат пијат кафе, да се шатаат нагоре надоле?

Н.Г. Може ли после да ја повлечеме измената, ако ја пуштиме?

С.Б. Кој, пратеникот ли?

Н.Г. Да.

С.Б: Епа ако не му е срам пред народот. Но, може и тоа да прават. Да дојдат на седница и да кажат – јас не…

Н.Г. Ние можеме и поинаку да направиме. Може на пат да отиде, па тогаш да ја завршиме работата. Па тогаш нека дојде и нека каже…

С.Б. Може и тоа. Може и седница да има. Може и така.

Во таков страв живее и поширокото членство на партијата. Методите се различни, но целите се исти.

Сите ние, на некој начин, си имаме „потпишано“ бланко оставки или откази, вели В.Б. (68), пензионерка од скопско Драчево. Живее под „притисок“ од денот кога во 2008 година за првпат влегла во месната канцеларија на ВМРО-ДПМНЕ, за да се распраша за можностите за вработување на нејзиниот син. Така ја посоветувала нејзината сосетка, чија ќерка се вработила „преку партијата“.

„Тетке, ни тебе ни синот ве нема во компјутерот. Не сте евидентирани како наши“, бил првиот укор, по кој таа ги дала бараните податоци. Конечно, влегле во компјутерот. Нејзиниот син добил работа, но по четири години, откако претходно, во два изборни циклуса, морале да ја докажат нивната лојалност кон партијата.

„Се јавуваат пред избори и велат – мора да најдеш 15 нови, сигурни гласачи за нас. Да ни доставиш список со име, презиме, адреса, телефон… Тие мора да бидат само твои. Ако фигурираат и на друг список, ништо од работата. И мора да излезат на гласање до 11 часот. Гледај да биде така, за да не мора пак да се јавуваме, оти после друг ќе биде муабетот“.

Не броела на колку врати чукнала, на колку роднини и пријатели се јавила и колку непознати луѓе молела, додека ја обезбедила потребната квота од нови, дотогаш „незафатени“ гласачи.

„Срамот беше голем, ама стравот е уште поголем. Јас дури 17 луѓе ставив на список, од страв дека двајца можеби нема да излезат на гласање, затоа што со здравјето беа падни-стани. И синот обезбеди 15 луѓе. Сите што можевме ги ставивме на список. Единствено кучето ни остана непријавено како сигурен гласач за партијата“, се шегува соговорничката на сопствена сметка.

Во нејзиното маало, кое важи за „вмровско“, луѓето го научиле редот. Не се изненадуваат кога на телефон ќе ги повикаат задолжително да дојдат на митинг, контра-митинг или партиска трибина. Ништо не прашуваме, само ги спроведуваме наредбите, вели нејзиниот сосед (48), вработен преку партијата како портир во една државна установа.

„Како што вели поговорката, ‘паричка даваш да се фатиш на орото, а после сакаш две да дадеш само за да излезеш од него’. Ама не можеш. Кога ќе ти кажат – ќе те отпуштиме од работа или ќе ти ја укинеме стипендијата за детето, да не кажам и некои потешки зборови, што да правиш? На пример, ќе те викнат ноќе да одиш ‘спонтано’ да се потпишеш за кандидатурата на Иванов. Нема дискусија. Мора да одиш“, признава тој.

Геометриски докази

Тригалникот, квадратот и правоаголникот се доказ дека сите се во кругот - на лојалноста

Тригалникот, квадратот и правоаголникот се доказ дека сите се во кругот – на лојалноста

Извори во партијата велат дека еден од начините да се потврди дали членството ги исполнува задачите, е начинот на заокружување на гласачкото ливче. Ако не се сигурни дека некој ќе обезбеди 15 нови гласачи, му велат дека луѓето од неговиот список треба да ја закружат бројката на гласачкото ливче во форма на триаголник, квадрат или правоаголник.

Кога се бројат гласовите, претставникот на ВМРО-ДПМНЕ евидентира дали навистина има толку триаголници (гласачи) колку што биле побарани и ветени. Тоа се потврдува и со еден разговор, кој според опозицијата го водел министерот за транспорт, Миле Јанкиески, со неименуван соговорник. Соговорникот го информира министерот дека на некои лица, кои биле вработени од ВМРО-ДПМНЕ, а кои на Фејсбук му ставале „лајкови“ на Жерновски, им се заканил дека по изборите „ќе метат заедно со Циганите!“.

„Речи му, со триаголниче ќе гласаш. Ќе ти го провериме ливчето, ако не гласаш, ќе те избркаме од работа“, вели гласот, за кој опозицијата тврди дека е на министерот Миле Јанакиески.

Триаголникот, квадратот и правоаголникот се доказ дека сите се во кругот на лојалноста. За оние во Парламентот, условите не се мерат со бројка на мобилизирани гласачи туку со други бројки – на пари и имот.

Пратеникот кој призна дека потпишал меница на 300.000 евра во денарска противвредност, вели дека сумата ја одредува партијата, со образложение дека толку ќе чинат нејзините трошоци за неговата изборна кампања. За пратеници кои доаѓаат од помали, неразвиени места и имаат послаба имотна состојба, сумите биле помали.

Оние пратеници, пак, кои немале имот на свое име, потпишувале договори со кои се обврзувале дека одреден процент од пратеничката плата ќе го префрлаат на сметка на партијата. Ако пратеникот ѝ откаже послушност на партијата, со меницата е обврзан веднаш да ѝ ги врати парите, а во спротивно се соочува со тужба.

Ниеден пратеник досега не се осмелил да ја тестира власта како ќе се однесува во таков случај. Пред сѐ, за да го заштитат гарантот на меницата, кој заради дискреција на постапката, по правило е член на потесното семејство или партиски колега. Ако пратеникот сака да избегне активирање на меницата и формално си остане во партиските редови, но од говорницата почне да застапува ставови поинакви од партиски договорените, тогаш се соочува со можноста да му ја активираат бланко оставката, која се чува во партијата.

Доволно е да задоцни на седница, да најави дека тој ден нема да дојде или да отпатува во странство, партијата може веднаш да ја достави бланко оставката до претседателот на Собранието, тој ќе соопшти дека пратеникот писмено доставил оставка, ќе ја стави на гласање и таа ќе биде усвоена. Тоа пратеничко место ќе биде пополнето со следниот од листата.

Во разговорот Бонева-Груевски, двајцата оценуваат дека е најдобро да ги активираат оставките кога извесните пратеници ќе заминат на пат.

Лидерот на НСДП, Тито Петковски, во 2009 година предложи измени во Законот за пратеници, со кои извршувањето на функцијата пратеник не смее да биде ограничено со материјална или финансиска гаранција кон политичката партија или коалицијата од чија кандидатска листа е избран пратеникот. Силвана Бонева побара предлогот да биде повлечен.

„Ова не е во функција на јакнење на пратеничката функција и довербата на граѓаните кон Парламентот. Уставот веќе ја гарантира независноста на однесувањето на пратениците. Овој предлог е сериозна навреда за пратениците. Ние сме самостојни и градиме еден дом кој доликува на едно европско собрание“, рече Бонева.

Подоцна и други обиди на опозицијата во истата насока, завршија без успех.

Стојан Андов, претседател на првото повеќепартиско Собрание во независна Македонија, досега неколкупати сугерираше дека пратениците мора сами да стават крај на таа недемократска практика.

„Оваа криза ќе се разреши кога ќе биде разрешен Груевски. Но, ако пратениците не се ослободат од срамната обврска, тие нема да гласаат за негово разрешување. Условите немаат правна валидност, но ги држат пратениците во страв. Затоа, треба да предложат закон со кој тие условувања ќе бидат прогласени за ништовни“, рече Андов.