Извештај

Отежната соработка на Канцеларијата на Европравда во Македонија

Закочено е заминувањето на обвинителката Ленче Ристоска во Хаг

На веб-страницата на Јавното обвинителство, објавен е годишниот извештај на обвинителката за врски, Ленче Ристоска, за работата на канцеларијата на Европравда во Македонија за 2024 година.

Ристоска беше именувана на функцијата пред една година, но наместо да работи во седиштето на организацијата во Хаг, таа работела во Македонија онлајн.

„Основна причина за ваквото функционирање беше немањето финансиски и административни услови за упатување на јавниот обвинител за врски во седиштето на Европравда во Хаг, Холандија“, стои во извештајот.

Според извештајот, причина за тоа е што не се донесени измените на Законот за плати на јавните обвинители, со што би се овозможило обвинителката да работи во Хаг.

Министерството за финансии, за таа намена му одобрило пари на Јавното обвинителство, но без законските измени, не може да заврши постапката. „Постои објективна неможност да се реализира упатувањето јавен обвинител за врски во седиштето на Европравда во Хаг“,  констатира извештајот.

Oд Министерството за правда велат дека лани во септември го испратиле предложениот закон до Владата, а минатиот месец добиле согласност од Министерството за финансии.

„ЈОРСМ на 28.02.2025 година извести дека се обезбедени финансиски средства за извршување на функцијата на јавен обвинител за врски, кој треба да биде упатен на работа во странство“, изјавија за БИРН од ресорното министерство.

Странците со ургенции барале информаци за предмети | Фото: БИРН

И во овој извештај, како и во претходниот за 2023 година, пишува дека, и покрај тоа што Канцеларијата на Европравда се наоѓа во истата зграда, како и Одделението за меѓународна правна помош, со кое раководи републичката обвинителка, Анита Тополова -Исајловска, соработката „не е на највисоко ниво“.

За дел од предметите за кои се барани податоци, „не е проследена никаква информација, додека во друг дел проследени се делумни информации“, стои во извештајот.

Отежнатата соработка и недоставувањето на бараните податоци значи дека обвинителката за врски „не може да обезбеди повратна и навремена информација на странските надлежни органи.“

Странските органи, поради тоа праќале ургенции за постапување за повеќе предмети.

За разлика од Одделението за меѓународна правна помош, комуникацијата со другите државни органи најчесто била навремена.

Канцеларијата на Европравда, лани отворила 45 нови предмети, од кои, во 28 се инволвирани членки на Европската Унија и 17 предмети, во кои има билатерални соработки.

Европравда и Македонија имаат соработка од 2008, а обвинителката Ленче Ристоска е првата обвинителка за врски што ја презеде должноста во 2018 година.

„Остварени се повеќе билатерални соработки со Швајцарија, од каде што се проследени и спонтани информации за постоење докази за потенцијални коруптивни дела на лице за кое во Република Северна Македонија веќе во тек се неколку судски постапки“, пишува во извештајот, во кој се додава дека за првпат воспоставиле соработка и со Нов Зеланд и со Бразил.

Формирани биле и заеднички истражни тимови со Косово и со Србија, а продолжил да работи истражниот тим, во кој, Македонија е заедно со Италија, Албанија и Косово, за предмет од областа на тероризмот.

Меѓу последните случаи во кои канцеларијата на Европравда одигра клучна улога се акцијата „Вардар“ за фалсификување евра, потоа предметот „Адитив“ за РЕК „Битола“ и истрагата за предметот за криминалната група „Грчец“.

„Новина во работењето на канцеларијата за врски е воведување можности за обезбедување спонтани и оперативни информации за потребите на предмети што се водат пред јавното обвинителство.“

Соработката одела преку Европол и каналите на полициска соработка со кои комуницирала обвинителката за два предмета.

Според реформската агенда на земјава, овој Законот за плати на јавните обвинители, заедно со другите закони од областа на правосудството, треба да биде донесен до јуни годинава.