Регион

Отфрлен предлогот за заедничка комеморација во Јасеновац

Споменикот „Камен цвет“ во спомен-подрачјето Јасеновац. Фото: БИРН/Ања Владисављевиќ

Претставници на српската и на еврејската заедница во Хрватска, денеска соопштија дека во април ќе одржат посебна комеморација за жртвите на концентрациониот логор Јасеновац од Втората светска војна, и дека нема да учествуваат на заедничката комеморација, што беше предлог на хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ.

Во саботата, Пленковиќ ги повика Сојузот на антифашистички борци и антифашисти на Република Хрватска, и претставниците на Евреите, Србите и Ромите, заедно со државните функционери, да одржат комеморација за жртвите на овој усташки логор.

Во изминатите три години, претставниците на српската, еврејската и ромската заедница, како и антифашистите, кои го сочинуваа поголем дел од жртвите убиени во Јасеновац, ја бојкотираа официјалната комеморација, во знак на протест поради пропустот на Владата да се справи со историскиот ревизионизам на злосторствата од Втората светска војна.

Претседателот на Координацијата на еврејските општини во Хрватска, Огњен Краус, за медиумите изјави дека „ништо не се сменило за една година, ништо ново не се случило“, што би го оправдало нивното присуство на заедничката државна комеморација оваа година.

„Државата не ги презеде неопходните мерки за запирање или барем за намалување на негирањето на холокаустот и на геноцидот во Втората светска војна, како и на ревизионизмот“, изјави за весникот „Новости“, Саша Милошевиќ, заменик претседател на Српскиот народен совет, СНВ.

„Очигледно, постојат два длабоко контрадикторни ставови за овие прашања. Со такви големи разлики и во таква општествена клима, не можеме и не треба да одиме заедно во Јасеновац“, заклучи Милошевиќ.

Тој најави дека на 12 април, српското, еврејското и ромското малцинство и антифашистите, ќе одржат посебна комеморација.

Според списокот на меморијалниот центар Јасеновац, помеѓу 1941 и 1945 година, усташите во логорот убиле 83.145 затвореници, Срби, Евреи, Роми и антифашисти.

Секоја година, на местото на поранешниот логор, се организира комеморација, во знак на сеќавање на последниот пробој на затворениците извршен на 22 април 1945 година, по што усташкото движење целосно го затвори логорот.

Пратеникот на ромското малцинство, Вељко Кајтази, во саботата изјави дека се залага за заедничка комеморација за жртвите на Јасеновац, но дека, како што сфатил, ќе се одржат две посебни комеморации.

„Јас ќе одам на двете, иако ние Ромите, сеќавањето на нашите жртви од логорот Јасеновац, го одбележуваме на 2 август“, додаде Кајтази.