Актуелно

Отфрлени обвиненија и спогодби во случајот „Јустиција“

Обвинителството се откажало од гонење на 5 обвинети уапсени во акцијата „Јустиција“. Со 7 се склучени спогодби за условна казна, додека другите правдата ќе ја бараат на суд.

Обвинителството со 7 осомничени во текот на истрагата склучило спогодби, тие се осудени на условни казни од 3 месеци до 2 години и за нив нема да има судење. Во судска постапка одат 10 судски службеници и тројца судии кои одбиле да се спогодат за условна казна

Обвинителството со 7 осомничени во текот на истрагата склучило спогодби

Акцијата „Јустиција“ спроведена во октомври во која се уапсени 14 судии и 11 судски службеници кои постапувале по прекршочни предмети во Кривичниот суд во Скопје заврши со отфрлање на пријавите за 5 обвинети.

Обвинителството со 7 осомничени во текот на истрагата склучило спогодби, тие се осудени на условни казни од 3 месеци до 2 години и за нив нема да има судење. Во судска постапка одат 10 судски службеници и тројца судии кои одбиле да се спогодат за условна казна.

Полицијата во акцијата спроведена на 8 октомври, дента кога се објавуваше извештајот на Европската комисија, тврдеше дека уапсените судии и судски службеници од Основниот суд Скопје 1 од одделот за прекршоци, во текот на 2012 и во првото тромесечје од 2013 година, му нанеле штета на Буџетот во вредност од 1,3 милиони евра, пресудена глоба која не била наплатена, затоа што дозволиле да застари.

Полицијата тврдеше дека станува збор за 8 илјади прекршочни предмети кои застареле во фаза на извршување.

Тројца активни судии треба да се вратат на работа

БИРН дознава од судски извори дека обвинителот се откажал од гонење на тројца активни судии: Весна Миткова, Јане Тапанџиоски и Шукри Сабриу и тие треба да се вратат на работа.

Четвртиот судија за кого обвинителот се откажал од гонење веќе е во пензија, а на овој список има и еден судски службеник. За враќање на работа на судиите треба да одлучи Судскиот совет, кој ги суспендираше по нивното апсење.

„За статусот на судиите како евентуално нивно барање за враќање на работа надлежен е Судскиот совет на Република Македонија. Дали е побарано враќање на работа и каде ќе бидат распоредени ако тоа се одобри, најдобро е да се обратите до Судскиот совет. За судскиот службеник се постапува согласно законот за судска администрација, истиот се враќа на работа во судот и се распоредува на соодветно место,“ одговорија од ОС Скопје 1, на прашањето дали тројцата судии за кои обвинителот се откажал од гонење се вратени на работа.

На местото на суспендираните судии од октомври 2014 година има делегирано 7 судии од Тетово, Куманово и Неготино кои судат прекршоци во Скопје.

Судијата Шукри Сабриу, за кого обвинителот се откажа од гонење беше кандидат со најголем број поени за претседател на Основниот суд Скопје 2, но Судскиот совет го елиминира од трката и избра друг.

Условни казни од 3 месеци до 2 години за судиите

Оние судии кои се согласиле на спогодба и на условна казна, како што коментираат за БИРН судски извори, се очекува да бидат разрешени од страна на Судскиот совет, иако Законот за судови предвидува на судијата да му престане функција само ако е осуден на ефективна затворска казна од најмалку 6 месеци.

Сите активни судии уапсени во акцијата „Јустиција“ од октомври минатата година се суспендирани, а до конечното разрешување или враќање на работа примаат плата.

Станува збор за две активни судијки, кои во моментов се суспендирани од страна на Судскиот совет: Јулија Чавдар Христова е осудена на условна казна од 2 години затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 4 години не стори ново кривично дело, и Кадрие Селмани, осудена на 9 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 2 години не стори ново кривично дело.

На условни казни се осудени и четворица пензионирани судии.

Во пресудата донесена како резултат на спогодба се тврди дека осудените на условна казна постапувале несовесно и прибавиле корист за странките со тоа што дозволиле нивните предмети да застарат.

Текстот за утврдена фактичка состојба кај сите пресуди е идентичен. Во ниту една ги нема опфатено поединечните дејствија што ги преземал секој судија од каде што ќе се види кој колку предмети застарел или колку штета предизвикал.

Постапката не ја утврди наводната штета

МВР тврдеше дека е оштетен Буџетот за милионски суми, бидејќи судиите и службениците не ги доставувале пресудите до МВР туку само до странките и тоа откако ќе застареле и на тој начин дозволиле да не се извршуваат паричните казни.

Меѓутоа Обвинителот во истрагата не само што не ја утврдил штетата од 1,3 милиони евра за која МВР ги поднесе пријавите, туку во спогодбите воопшто не ги задолжил судиите и службениците да надоместат штета, бидејќи таа не можела да се утврди.

„Во верификуваните пресуди кои се врз основа на предлог спогодба штетата не е предмет на постапување, па затоа во пресудите не е определена никаква штета за надомест од осудените“, соопшти кривичниот суд во Скопје, на прашањето на БИРН дали судиите ќе ја надоместуваат штетата.

Сепак, за да се склучи спогодба, која е една од новините во Законот за кривична постапка, член 505, што се применува од декември 2013 година во Македонија, мора да се утврди и штетата и нејзиното извршување.

Тројца судии ќе ја бараат правдата на суд

Судиите Драгица Стојанова, Шпреса Гринца Османи и Бранка Илиевска, заедно со десет судски службеници, одбија спогодба со Обвинителството.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, кој ја застапува судијката Драгица Стојанова која единствена од притворените се повикала на судски имунитет, вели дека поднел кривични пријави против обвинителот Јове Цветановски и судијката Славјанка Јанкоска.

Тој вели дека пријавите се врз основа на законските одредби кои оневозможуваат преземање правни дејствија против судија кој се повикал на судски имунитет како што тоа го направи судијката Стојанова.

Во Основниот суд Скопје 1 кој ја водеше истрагата за случајот немаат податоци дали судењето на тројцата судии и десетте судски службеници кои одбија спогодба ќе се одвива пред овој суд или обвинителот со поднесување на обвинението ќе бара делегирање на друг суд.