Анализи

Митинзи – перформанси за спас

Ако згреши Груевски, поразена ќе биде ВМРО-ДПМНЕ. Ако згреши Заев, поразена ќе биде СДСМ, но и непартиската граѓанска борба за слобода, правда и демократија, која ги отвори вратите за протестна ад-хок коалиција. Влогот е преголем, сидрото на принципиелноста и чесноста треба цврсто да се закотви за да не може ништо да го помести.

Eдните дојдени по своја волја и граѓански порив, другите - најголемиот дел, по партиска директива / Фото: Роберт Атанасовски

Eдните дојдени по своја волја и граѓански порив, другите – најголемиот дел, по партиска директива / Фото: Роберт Атанасовски

Во два дена се одржаа два големи собира – едниот антивладин, другиот провладин. И двата масовни, но со една многу суштинска разлика: едните дојдени по своја волја и граѓански порив, другите – најголемиот дел, по партиска директива.

Кога си приврзаник на широчината на натпартиското, на граѓанското, доаѓаш на свој повик, на глас однатре. Носиш свое „знаме“, имаш своја приказна, своја порака и не мораш со никого идеолошки да се усогласуваш за да бидеш таму.

Поинаку е кога си ставен во партиски калап. Месен комитет ти дава координати за време и место, со „право“ на задолжително присуство, и налог- да си соодветно партиски обележен и уредно забележан во списокот. Единствената „неизвесност“ е, што ќе ти тупнат да држиш в рака: парола, крст, дел од суетата или од скриените стравови на лидерот? Најчесто, цел пакет.

Повторно девица

Нечепнат како тотем. Користејќи ги и натаму методите за рентирање на членството како публика за неговиот перформанс за спас, Груевски се обиде масовноста да ја претвори во крунски доказ за неговата невиност, во однос на сѐ што ѝ се случува на Македонија / Фото: В. Апостоло

Нечепнат како тотем. Користејќи ги и натаму методите за рентирање на членството како публика за неговиот перформанс за спас, Груевски се обиде масовноста да ја претвори во крунски доказ за неговата невиност, во однос на сѐ што ѝ се случува на Македонија / Фото: В. Апостолов

Според тоа, на која страна од вредносната оска граѓаните избраа да бидат, тие рефлектираа две јасни слики: едната – потврда на досегашните тенденции за „Силна еднопартски ВМРОизирана Македонија“, втората – за зачетоци на една „Силна граѓанска мултиетничка Македонија“.

Груевски одржа долг, тематски конфузен и емотивно нервозен говор, кој се сведе на неколку пораки: Дека не планира оставка, дека легитиметот го добил од граѓаните, дека присутните се знак за негова масовна поддршка, дека на Македонија не смее да ѝ се случи Заев и дека нема да дозволи диктатура на политичко малцинство врз политичко мнозинство преку странска сила или служба, чиј експонент е лидерот на СДСМ.

Со последново, на јавна сцена, Груевски потцени два милиони граѓани, а не само оние сто илјади, или колку и да биле, на митингот. Бројката е помалку важна од фактите, иако на Груевски токму таа му е најбитна за да парадира во стил на провинциска мисица со пусулче за бодовите што ги добил од „жирито“, кое самиот го составил.

Длабоко ги потцени, затоа што и по три месеци не им ја соопшти клучната информација: која е таа странска сила или служба која преку Заев наводно сака да ја дестабилизира Македонија? Тој молк укажува на две нешта: дека Груевски со криење на идентитетот на наводниот „нарачател“ е соучесник во истото дело и дека таа, само за него позната „баба Рога“, ја чува исклучиво за свои потреби – да ја активира кога политички ќе кризира, за да ги плаши граѓаните со надворешен непријател.

Својата „сувереност“ ја објасни со изборната волја на граѓаните, која, пак, е длабоко искомпромитирана преку „бомбите“ и само независна истрага ќе покаже дали и колку била волја, а колку присила.

Дотогаш, многу непристојно е тоа да се користи како аргумент, особено кога во публиката е и Гордана Јанкулоска, гордата сопственичка на два изборни штаба во „МВРО-ВМРО“: едниот партиски, другиот „институционален“, за продавање лажна изборна слика пред ОБСЕ.

Во недостиг на искреност и реален отчет, Груевски отиде и чекор понатаму: Македонија ја изедначи само со еден стратум со партиски предзнак, порачувајќи: „Вие сте Македонија!“

Македонија е многу повеќе од партиското членство на ВМРО-ДПМНЕ. Со ова признание, освен што сите неистомисленици ги смести во графата апатриди, директно им објасни и на најнеупатените во генезата на македонското проклетство, зошто денес имаме „две Македонии“: една претплатена на работа, на привилегии, на субвенции, на стипендии, на социјална помош, и една друга Македонија – претплатена на едно големо ништо, само затоа што не е заведена во списокот на неговите поддржувачи.

Бранејќи си ја фотелјата, порача дека нема да дозволи диктатура на политичко малцинство врз политичкото мнозинство, но не кажа зошто овој принцип треба да важи само кога е во прашање епитетот „политичко“.

Граѓаните не сакаат ни малцинскотото оф-шор друштво од братучетска и кумска олигархија околу него да спроведува бизнис-диктатура врз егзистенцијално осиромашеното мнозинство, ниту Груевски и неговата малцинска кабинетска клика да вежба диктатура врз мнозинството неистомисленици.

Иако спомна дека и власта не е безгрешна, не соопшти дали одговорноста за грешките ќе биде побарана и персонализирана или ќе се смета за доволно тоа што е призната со „половина уста“.

Најавеното справување со „идентификуваните слабости“, можеби и би звучело надежно, доколку не постои огромен сомнеж во објективноста за таа идентификација и ако тие слабости не се, всушност, огромни институционални и системски дупки.

Остана впечатокот дека најмногу што овој човек може да даде, е „длабоко (кадровско) орање“, од кое би бил исклучен единствено тој. Нечепнат како тотем. Користејќи ги и натаму методите за рентирање на членството како публика за неговиот перформанс за спас, тој се обиде масовноста да ја претвори во крунски доказ за неговата невиност, во однос на сѐ што ѝ се случува на Македонија.

Беше тоа јавно изведена хименопластика, а по аплаузите премиерот си замина со уверување дека добил анамнеза потпишана од 100.000 луѓе, дека е повторно девица. А кога таа девственост ќе му ја потврдат луѓе со крстови во рацете, речиси се намалува неизвесноста во каков систем може да се разбудиме еден ден додека сонуваме за ЕУ – во демократско и граѓанско општество или во некаков хибрид на партиско-православна џамахирија, која од хоби си има аспирации за членство во НАТО!?

Но, главниот впечаток што остана по митингот, без оглед на постигнатите децибели од неговите изјави на непокор, е дека премиерот никогаш досега не бил толку исплашен.

Да беше поинаку, човекот што ја доби сета власт, што ги узурпираше сите институции за партиски цели, човекот што на опозицијата ѝ го одзеде и правото на протест со воведување контрапротести, немаше да инсталира и контра-шатори. Што е тоа, ако не сламка за спас ако не паничен страв?

Мобилизација да, компромиси не!

Она што се манифестираше на антивладиниот собир, беше сѐ што го нема ни во излогот, ни во магацинот на власта. Индивидуалност обединета во различностите, обраќања на повеќе јазици, отпор против актуелниот политички опортунизам кој преку дезинтеграциски алатки продира во длабочината на заедницата, бунт против псевдополитичката обнова на моралните принципи и на институциите, крик за вистински промени, за слобода, за правда, за демократија.

На сцената доминираше отпор и против недовршените демократски структури и чии било очекувања на бланко поддршка. Таа порака маестрално ја испратија, кои, ако не повторно студентите. За нив, „важно е што се зборува, а не кој зборува“. Со тоа најдиректно укажаа дека не ги интересираат партии туку идеи и стратегии. Ако Заев ова не го слушнал добро, нека ја преслуша и оваа снимка.

Пораката дека „засекогаш ќе бидат коректив на владата“ не доаѓа само од студентите туку од сите присутни кои не се под чадорот на политичките партии. Нивната моќ и волја не би требало да се потценуваат. Тоа е генерација која нема генеричка потреба за идеологизации и политички митови што водат кон затворено општество и партизирана иднина.

Тоа е генерација која бара длабоко рекомпомирање на политичката сцена. Бара етика од актуелната власт, бара и од опозицијата. Со еден збор, нивната порака е следна: „Денес сме на иста страна од барикадата, но можеби утре веќе не“.

Ова е особено важно во време кога Груевски го обвинува Заев дека направил свој пашалак на локално ниво. Иако обвинувањето доаѓа во време кога има силни индиции дека токму Груевски создал свој пашалак на централно ниво, компарирањето на опсегот на евентуалното дело, не може да биде оправдување ни за игнорирање на тие стрели, ни за отсуство на отчет. Во спротивно, сѐ би завршило во духот на онаа грда, но многу речита народна поговорка: „Копиљарко, причувај ми го копилево“.

Овој трансгенерациски и граѓански протест покажа дека граѓаните немаат намера да прават компромиси. Никој нема да биде поштеден од критика, ако го практикува тоа што се критикува.

Голем дел од „вистината за Македонија“ можеби е во аудио-снимките, но не и целата вистина.

„Бомбите“ беа значајна мобилизација на граѓанското незадоволство и секако, тие ќе имаат продолжено дејство и во судската постапка. Но, целата енергија не може ниту да се потпре само на нив, ниту да извира само од нив. Политичарите на дело ќе треба да покажат каква поука извлекле од тоа.

Во спротивно, „бомбите“ од предност, во смисла на сознанија за скриени незаконски активности, можат да станат пречка, ако нивното дејство не се дисперзира во форма на одговорност кон сите. Само така искрената граѓанска битка нема да биде искомпромитирана на патот до целата.

Со други зборови, ако владеењето на правото добие потсмешлив призвук или замириса на амнестија за сите кои во еден момент помогнале да се дознае вистината за неговото руинирање, и самите имале некаков удел, тоа нема да биде искрена борба туку најкраткиот пат до нов пораз и разочарување.

Во тој случај, би се покажал како најпрогнозерски советот што Бојко Борисов му го даде на својот македонски колега, а кој сите погрешно го разбрааа како совет Груевски да си даде оставка. Тој, всушност, гласи: Оставката е најдобриот пат за брзо враќање на власт.

Затоа, овој период е многу важен, и сите се на тест. Ако згреши Груевски, поразена ќе биде ВМРО-ДПМНЕ. Ако згреши Заев, поразена ќе биде СДСМ, но тоа ќе фрли и дамка врз непартиската граѓанска борба за слобода, правда и демократија, која ги отвори вратите за протестна ад-хок коалиција. Влогот е преголем, сидрото на принципиелноста и чесноста треба цврсто да се закотви за да не може ништо да го помести.