Регион

Отстранета таблата со името на Радован Караџиќ

Соња Караџиќ-Јовичевиќ. Фото: БИРН.

Соња Караџиќ-Јовичевиќ денеска за медиумите во Бања Лука изјави дека се надева оти отстранувањето на таблата на студентскиот дом во Пале, именуван по нејзиниот татко, Радован Караџиќ, „ќе стави крај на злоупотребата на неговото име“.

Таа посочи дека „е неверојатно што пет години по поставувањето, таблата добива толку многу внимание, какво што немала ниту кога била поставена“.

„Се надевам дека со отстранувањето на таблата ќе се стави крај на понатамошните дневно политички пресметки, со злоупотреба на името на Радован Караџиќ, пред се на притисокот врз него лично и врз членовите на неговото семејство“, рече Караџиќ-Јовичевиќ.

Неколку часа по нејзиното обраќање, таблата беше отстранета, потврдија од управата на студентскиот дом за БИРН.

Поставувањето на таблата е спорно уште од самиот почеток на нејзиното свечено откривање во 2016 година, на кое присуствуваше и Милорад Додик, сегашен претседавач на Претседателството на Босна и Херцеговина.

Минатиот месец, највисокиот меѓународен претставник во БиХ, високиот претставник, Валентин Инцко, пред Советот за безбедност на ООН нагласи дека Додик треба да ја отстрани таблата или да се соочи со санкции.

Инцко додаде дека доколку Додик не го стори тоа во рок од шест месеци, треба да му биде забрането да патува во сите земји на ЕУ.

Додик одговори луто, нарекувајќи го Инцко „чудовиште“ кое ги поддржува Бошњаците и „им се одмаздува на Србите и на Хрватите во БиХ“.

Додик истакна дека Република Српска нема да почитува „ниту една од неговите одлуки“.

Во март 2019 година, Караџиќ беше осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ цела БиХ, за тероризирање на населението во Сараево и за земање на мировници на ООН како заложници.