По една и пол година, во која беа отстранети еден споменик, едно тркало и половина ограда, власта на СДСМ сѐ почесто се соочува со барање – или да се справи со наследството од „Скопје 2014“, или да признае дека нема да се справува. За Мартин Пановски, доскорешен член на комисијата за справување со овој проект, одговорот на ова прашање е очигледен, но треба да биде јавен, јасен и гласен за да остане запишано кој што одлучил во ова време за ова прашање.
„Си има закон и по законот секој мора да постапи. Или може да донесе нов закон за амнестија на „Скопје 2014“. И тоа е до некаде ок, тогаш си поднесувате одговорност и ве запишуваат во историјата како таков “, вели Пановски, додавајќи дека елаборатите за отстранување на повеќе објекти од проектот се готови долго време и ништо не се прави со нив, па според тоа заклучува дека од поодамна се движиме кон амнестија на проектот.
Според Пановски, кој е и претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, суштината на „Скопје 2014“ не е физичка, не е во градбите што се гледаат, туку е во системот што овозможил тие да се изградат со извртување на законите и со заобиколување на процедурите. Затоа вели дека единствениот начин за справување со последиците е да се изгради подобар систем, а не да се решаваат проблемите со ад-хок решенија.
Дебатата за дивоградби е како дебата со антиваксери
Токму едно ад-хок решение ја предизвика неговата оставка од работната група што го анализира проектот уште од летото 2017 година. Откако владата одлучи да распише конкурс за пренамена на споменикот „Мајка Тереза“ на градскиот плоштад, објект за кој работната група немала дилеми дека треба да се урне, Пановски се повлече со објаснување дека не сака да биде алиби за довршување на „Скопје 2014“.
Основната задача на работната група е да ги разгледа законските околности околу спроведувањето на проектот и да реагира каде што ќе најде незаконитости. Тоа, според архитектот, е сосема доволно да се донесе одлука, особено за објектот „Мајка Тереза“. Како што вели, една дивоградба треба или да се урне или да се легализира, но тоа е одлука што треба да ја донесе владата, а не да ги „вежба“ архитектите.
„Објектот е дивоградба, поставен на улица. Понатаму не сакам да размислувам. Ако почнеме да влегуваме во дебати, верувајте, ќе отвориме една Пандорина кутија што е веќе отворена, да дебатираме потоа за секоја глупост во државава. Ќе дебатираме дали треба вакцини или не. Тоа е на исто рамниште“, вели тој.
Но, ако има потреба, Пановски може да посочи и други аргументи – објектот ја блокира улицата, го отежнува движењето и негов иницијатор е Субрата Рој, што, како што нагласува архитектот, значи дека владата продолжува проект на осуден криминалец.
„Ќе ги повикам сите колеги да учествуваат со едно единствено решение. Не да не учествуваат, туку да дадат единствено решение за улица. Отворено е, зошто да не. И јас ќе учествувам на конкурсот со решение – улица“, вели Пановски.
Пресоблекување на барокот, па заштита
Работната група уште одамна има утврдено дека повеќето споменици во центарот треба да се тргнат затоа што се поставени со одлуки на Општина Центар, наместо на Собранието. Законски, парламентот носи одлуки за споменици од државно значење, додека општините може да подигнат спомен-обележја за личности или настани што се од нивно локално значење. Отсуството на прецизни дефиниции околу карактерот на личностите, димензиите и други аспекти, ѝ овозможиле на Општина Центар да гради спомен-обележја и до 20 метри, кои чинат и над осум милиони евра, и со кои личности од државната или од светската историја се прогласуваат за лица од локално значење. Но, дали е потребно, и кога е јасна логиката на законот, да се допрецизираат поимите?
„Да ме прашавте пред „Скопје 2014“, ќе речев не. Но, откако ќе видите со какви необразовани и неинтелектуални луѓе се среќавате, сфаќате дека кај нас треба сѐ да биде до детаљ напишано“, објаснува Пановски.
Како што вели, особено му е жал што комисијата во која беше до неодамна, сѐ уште не се зафатила со, според него, посериозниот дел од проектот, а тоа се објектите и фасадите, особено на Владата, ЕЛЕМ и други.
„Имаат проблем во Заводот за заштита на спомениците, треба да ги заштитат тие згради зашто се од големо значење. Како ќе ги заштитат? И тие не знаат. Со сегашниот изглед или како што биле претходно? Ако е второто, тогаш веднаш ќе мора да се почне со враќање на старата фасада“, вели Пановски додавајќи дека „тој стиропор може со раце да се извади, ако се сака“.
Причината за бавноста во некои постапки ја наоѓа во условите во кои функционира работната група. Таа добива просторија за состаноци во Министерството за култура, но нема луѓе за логистика што би ѝ обезбедувале документи.
„Побаран беше проектот за Уставен суд, не се доби. Од компјутер на Министерството за култура, во Министерството за култура. Факт е дека откога почнавме да работиме, јасно ни беше дека ќе има луѓе внатре во самото министерство што ќе ги кочат работите“, раскажува Пановски.
Историјата е за во музеј
Справувањето со „Скопје 2014“ се прави на повеќе фронтови, но најмалку на терен. Група архитекти веќе изработија проекти за реконструкција на некои згради, со што би се намалил нивниот обем и дел од просторот што сега го зафаќаат би се ослободил. Државата со пари од буџетот го плати изложувањето на овој проект на Венециското биенале за архитектура. Засега овие нацрти ја делат судбината со елаборатите на работната група, се чека дали нешто ќе се спроведе од нив.
„Таквите иницијативи се од колеги што се членови на асоцијацијата и се поддржани секогаш. И добро е да ги има, за да се потсетуваат луѓето дека ништо не се случува“, вели Пановски.
Потпрен на своето биро во Дебар маало, видно се зачуди кога му побаравме коментар за еден од честите аргументи што ги изнесуваат поддржувачите на „Скопје 2014“ – дека македонскиот народ има право низ јавниот простор да ја прераскаже својата историја.
„Молам? Ова сериозно? Нормално дека македонскиот народ го има тоа право. Но, јавниот простор е јавен, тој не служи за прераскажување историја. Историјата се создава, не се прераскажува. Има историски елементи, ќе видите статуа во некоја земја подигната во чест на извојувани битки, но ја подигнале тогаш, не по 100 или 200 години“, додава Пановски.
Според претседателот на ААМ, ако се искористи некој јавен простор за прераскажување историја, тој треба да се претвори во музеј и да се наплатуваат билети. И тогаш неговиот предлог би бил градот да добие нов центар, бидејќи стариот е претворен во тематски парк.