Интервјуа

Решението за „Скопје 2014“ постои, но е заборавено

Проектите за измена на „Скопје 2014“ беа претставени на архитектонското биенале во Венеција | Фото: БИРН

„Ова е сега главната разгледница на Скопје. Кога го има Скопје на странски телевизии, ова е тоа што се покажува“, ни вели архитектот Дејан Ивановски додека стоиме на Камени мост, свртени кон редот од т.н. барокни згради од Археолошкиот музеј до Министерството за надворешни работи.

Ивановски е еден од авторите на проектот со кој Македонија се претстави на архитектонското биенале во Венеција, кое се отвори во мај минатата година. Насловот на манифестацијата, „слободни простори“, бил како нарачан за архитекти од држава во која слободниот простор постојано се заробува за приватни интереси, а центарот на главниот град и проектот „Скопје 2014“ станаа симбол на таа пракса. Затоа нивниот проект беше насловен – „ослободување на просторот“.

Архитектот Дејан Ивановски нацртал како да се редизајнира „новото лице на Скопје“ | Фото: БИРН

„Досега се вртеа многу идеи, но ние сме првите што нацртавме конкретни решенија  како може да се справиме со наследството од „Скопје 2014“, со што би го ослободиле просторот. Би било штета да остане само на хартија, бидејќи во проектот и во неговото претставување на биеналето се вложени стотина илјади евра“, додава Ивановски.

Поголем дел од оваа сума покрило Министерството за култура, околу четири милиони денари, пред сѐ трошоците за да се претстави проектот во Венеција. Дел од трошоците биле покриени од други фондови, а дел од самите автори. Трудот и времето за цртањето бил исто така нивни влог.

„Биеналето помина, проектот го имаме. Не само што никој не нѐ побарал во врска со реализацијата, туку не гледаме ниту некоја сериозна подготвеност за да се справиме со ова наследство“, вели архитектот.

Што предвидува проектот

Наместо колонадата, се предвидува отворен простор со скали кон реката

Ивановски ја почнува турата низ својот проект од средината на Камени мост. Десно се гледа неизграден простор меѓу Градскиот трговски центар и брегот на Вардар. Лево – пет градби и тесни премини меѓу нив. Тие биле неговиот дел од проектот „Ослободување на просторот“, на кој работел заедно со коавторот Филип Јовановски и соработниците Сања Аврамоска, Валбона Фејза и Мирослав Пејовски.

Самиот проект е заеднички труд на четири тима што изработувале решенија за зградата на Владата, просторот околу поштата и седиштето на МЕПСО, стоковната куќа НА-МА и појасот од Камени мост до улицата Филип Втори, за кој бил задолжен Ивановски.

Неприродно е мостот да завршува во зграда и затоа таа треба да се отвори, вели Ивановски

„Ова не може да се урне. Иако има и такви идеи, илузорно е да се мисли дека лесно може да се отстрани од тука. Тоа би било премногу скапо и сложено зашто има гаражи долу, би траело многу долго и би предизвикувало огромна бучава и загадување. Цела Дрисла би ја наполниле со овој шут, дури и нема да ни стигне“, вели архитектот.

Затоа, објаснува тој, тие изработиле проект што предвидува реосмислување на целиот простор со многу помали градежни интервенции. Суштината е дека на зградите треба да им се отстрани целата декорација и сите непотребни елементи, кои им го зголемуваат волуменот, и да се ослободи дел од просторот што го зафаќаат пред сѐ во приземјата, без да се наруши функционирањето на самите објекти, на институциите сместени во нив и на нивните вработени. Како што вели Ивановски, некои од тие луѓе работеле во супстандардни услови порано и не треба да се враќаат таму.

Отворање наместо рушење

Наместо реката, од терасата се гледаат ѕидовите од неупотребени канцеларии | Фото: БИРН

Продолжуваме по мостот „Око“, наречен уште и „Мост на цивилизациите“.

„Погледнете како мостот завршува директно во зграда, што е неприродно. Лево и десно има тесни премини, кога треба да помине некоја поголема група, оттука има застој. Движењето со велосипед е небезбедно. А внатре има цело фоаје што е неискористено. Столбовите се широки 1,40 метри. Ние предвидуваме да се отстрани целата декорација, со што столбовите би се намалиле на 70 сантиметри, само бетонската основа, а фоајето да се отвори како премин низ зградата до другата страна“, објаснува Ивановски.

Алаѓозовски: Разгледуваме што можеме да спроведеме

Поранешниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, а сега национален координатор за култура во Владата, за БИРН вели дека е можно во наредните месеци да почне да се реализираат дел од изработените проекти.

„Сѐ уште разговараме во Владата за ова прашање. Дел од проектите секако имаме намера да ги имплементираме, но ќе видиме што и во колкав процент“, вели Алаѓозовски.

Тој и неговиот тим ги зеле оригиналните проекти според кои се изградиле објектите и врз основа на тие податоци, како и на сопствените теренски истражувања, ги нацртале своите замисли.

Одиме кон зградата што порано беше главно седиште на Комерцијална банка. Пред терасата од која се гледаше реката Вардар, сега се издигаат ѕидовите на Агенцијата за електронски комуникации. Тоа се ѕидови од простории што не се користат и чии прозорци се покриени со хартија.

„Зошто да стои неискористен простор, кога наместо тоа, тој може да се отвори, барем во приземјето, и да биде покриен јавен простор, што ќе биде достапен да се користи за одмор ако врне, ако е многу топло и слично“, додава Ивановски.

„Мементо гаража“ за статуите

Според замислата, бронзените статуи треба да се изложат во гаражите | Фото: БИРН

Еден објект, сепак, ќе мора да се урне, вели тој. Тоа е колонадата „Независна Македонија“ на просторот меѓу АЕК и Јавното обвинителство. Таа, според Ивановски, е бариера меѓу два отворени простори што само пречи, бидејќи е направена така што многу тешко може да се поминува меѓу столбовите и статуите, и мора да се заобиколува.

„Тука можеме да го поврземе целиот простор и да се спуштиме со скали до долу, до реката, како еден амфитеатар во кој би можеле да се одржуваат настани. Овде има институции, како Македонската опера и балет, Филхармонијата, музичкото училиште, па еден таков простор сигурно би се користел“, вели тој.

Статуите, како што додава, не мора да се фрлат. Може да се закупи дел од подземните паркинзи и таму да се изложат, како сеќавање за една политика да се редизајнира градот, нешто како музејот „Мементо“ во Будимпешта, каде што се чуваат сите статуи од комунистичкиот период што биле отстранети од јавните простори.

Амфитеатарот на МНР е замислен како јавен простор

Понатаму, уште еден мост што завршува директно во зграда, во Јавното обвинителство. Иако за овој објект не го добил проектот поради безбедносни причини, Ивановски вели дека се гледа колку празен простор има на приземјето, што исто така може да се отвори за јавноста.

Слична е и замислата за зградата на Министерството за надворешни работи. Амфитеатарот што сега е затворен на приземјето да се претвори во отворен и јавно достапен простор, во кој би можеле да се прават видеопроекции и да се одржуваат  други настани.

Засега овие проекти остануваат како концепт. Ако се одлучи да се изведат, ќе треба да направат главни проекти што ќе содржат многу повеќе детали, позиции, материјали итн. Како што заклучува самиот архитект, за целиот потег воопшто не е важно прашањето дали некому му се допаѓа изгледот на градбите или не. Поважно е дека  тие го заробуваат просторот и треба да се стори најмногу што може за тој да се ослободи.