Младен Лакиќ, Сараево
Градот Сараево донесе одлука, еден од парковите во центарот на градот, да го добие името на Јелена Витас, учесничка во Народноослободителното движење од Втората светска војна, која била убиена во логорот Јасеновац, во 1944 година.
Градот Сараево донесе одлука да ѝ оддаде почит на хероина од Втората светска војна, со тоа што еден од градските паркови, ќе биде именуван по неа.
Така, со одлука на Градскиот совет донесена во четвртокот, а врз основа на локалниот референдум што се одржа во април, еден од парковите во центарот на Сараево, ќе го носи името Јелена Витас.
Иницијативата ја покрена Дамир Арнаут, нејзин внук и пратеник во државниот парламент, во февруари 2018 година. Неговиот предлог е инспириран од приказните за неговата баба, која била активен член на Народноослободителното движење, објави весникот „Дневни аваз“, во февруари 2018.
Витас е родена во Сараево во 1919 година. По окупацијата на Босна и Херцеговина во 1941, од страна на нацистичка Германија и хрватскиот фашистички усташки режим, таа станала активен член на комунистичкото движење, на чие чело беше Јосип Броз Тито.
Усташите ја уапсиле во 1942 година и до средината на 1943 ја држеле во заробеништво во една од зградите во паркот, кој отсега ќе го носи нејзиното име.
И покрај тоа што била измачувана, Витас никогаш не открила информации за своите соборци, спасувајќи ги, на тој начин, животите на многу Бошњаци, Срби и Хрвати.
Таа била префрлена во концентрациониот усташки логор Јасеновац во Хрватска во 1944 година, во кој, според списокот на спомен-подрачјето Јасеновац, кој содржи имиња и презимиња на жртвите, усташкиот режим, во периодот од август 1941 до април 1945 година, убил 83.145 Срби, Евреи, Роми и антифашисти.
На нејзиното последно писмо, стои датумот 10 октомври 1944 година. Се верува дека била убиена во Јасеновац, недолго откако го напишала.