Анализи

Парламентарни избори: реалност или пробен балон?

Партијата на Заев поделена околу можноста за парламентарни избори | Фото: Роберт Атанасовски

Длабоко се поделени ставовите во владејачкиот СДСМ по прашањето дали е време политичкиот капитал од Договорот со Преспа да го ефектуираат со нов мандат. Додека коалицискиот партнер ДУИ јавно се изјасни против нови парламентарни избори во овој момент, во СДСМ велат дека за тоа прашање ќе се изјаснат партиските органи до крајот на јануари.

„Ветивме дека ова ќе биде година посветена на реформи и на економијата. Со претседателските избори непродуктивни ќе бидат само оние 20 дена додека трае изборната кампања. Но, ако има и парламентарни избори, практично згаснува секаква активност од распуштање на Собранието до конституирањето на новиот парламент. Тоа директно може да се одрази врз планираните резултати и очекуваниот почеток за преговори со ЕУ“, објаснуваат извори од СДСМ.

Но, велат дека во партијата има и мислења дека може да остварат поголемо мнозинство, со кое подоцна поефикасно и поквалитетно ќе го надоместат она што би се пропуштило до јуни 2019.

„Дилемите се на линијата дека реформските закони за кои е потребно двотретинско мнозинство постојано може да бидат условувани од опозицијата, и на крајот, времето до јуни да биде изгубено во таква атмосфера. Поради тоа, сметаат дека растечкиот рејтинг на СДСМ треба да биде капитализиран со мнозинство, кое опозицијата не ќе може да го условува“, велат нашите соговорници.

Мицкоски брза со избори зашто смета дека кај гласачите цената на Преспанскиот договор е сѐ уште свежа, смета комуникологот Петар Арсовски

Дали на изборите може да освојат такво мнозинство, по кое изборот на коалициски партнер ќе биде исклучиво прашање на совпаѓање на програмските ориентации? Овие дилеми постојат и кај политичките аналитичари.

„Генерално, на ВМРО-ДПМНЕ сега не му одговараат избори зашто линијата на СДСМ (прозапад) е во залет. Мицкоски брза со избори зашто смета дека кај гласачите цената на Преспанскиот договор е сѐ уште свежа, а поволностите уште не се дојдени, и сака таа позиција да ја искористи. Плус, тој мора да држи висока тензија за да избегне прашања за неговото лидерство“, смета комуникологот Петар Арсовски.

Тој смета дека на СДСМ генерално му одговараат избори сега, додека е во залет, но дека така ја загрозуваат приказната за ЕУ.

„Притоа, цената за Договорот не треба да се игнорира, како и недостатоците на другите полиња. Плус, може да се случи по изборите, СДСМ да има полош парламент од овој, каде што има независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои нема да ги има понатаму. На ДУИ и на другите албански партии најмалку им одговараат избори зашто ќе има прелевање гласови кон СДСМ“, дециден е Арсовски.

Извори од владата на крајот од 2018 година не исклучија можност на осумте независни пратеници да им биде понудено приклучување кон владејачкото мнозинство, но тоа би било извесно ако парламентарните избори отпаднат како опција.

Зголемена цената на изборите

Раководството сака избори за да добие пратеничка група што ќе ја контролира | Фото: Роберт Атанасовски

Токму опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве ја зголеми цената на претседателските избори, со став дека ќе ги бојкотира ако во пакет не се одржат и парламентарни. Ваквиот став наидува на различни објаснувања во опозициската партија, кои само ја потенцираат внатрешната поделеност.

„Во ВМРО-ДПМНЕ има перцепција дека раководството сака парламентарни избори затоа што очекува да добие пратеничка група што ќе биде под негова контрола. Сегашната пратеничка група е „наследена“, не е под целосна контрола на новото раководство, се смета дека седумтемина што се исклучени од партијата ќе ги поддржуваат реформските закони и ќе го смалат маневарскиот простор за битка на опозицијата во парламентот. Но, треба да се прави разлика дали раководството навистина сака избори или само создава таква парцепција за да ги „дисциплинира“ сегашните пратеници и да ги стави под посилна контрола“, велат партиски извори.

Според нив, дури и пред условувањето со парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори подготвувала иста стратегија како и за референдумот – тивок или полутивок бојкот.

„Целта е – поразот на изборниот претседателски процес (непостигнат цензус) да го прокнижи како свој успех. Ова е поврзано со тоа што Мицкоски веќе доби повеќе пораки дека ако партијата ги изгуби претседателските избори, на кои тој најавуваше сигурна победа, веднаш треба да замине од лидерската позиција. Бидејќи знае дека во сегашната констелација на силите нема да ги добие, исто како и на референдумот ќе се труди да не биде поразен тој, туку изборниот процес. Во тој контекст одеа дури и размислувања за номинирање слаб кандидат, кој гласачите нема да ги покрене да излезат на гласање“, објаснуваат извори од партијата.   

Целта е – поразот на изборниот претседателски процес (непостигнат цензус) Мицкоски да го прокнижи како свој успех, велат извори од ВМРО-ДПМНЕ

Тие прашуваат и со кои аргументи ВМРО-ДПМНЕ ќе ја води евентуалната парламентарна кампања, во време кога ќе почнат првите ратификации на протоколот за македонското членство во НАТО, во националните парламенти на земјите-членки на Алијансата.

„Ќе го критикува ли Мицкоски тоа, од име на партијата, која се залага за членство во НАТО? Тоа би бил самоубиствен потег. Или и натаму ќе го критикува „само“ Договорот од Преспа, глумејќи дека тој договор и НАТО се неповрзани работи“, реторички прашуваат нашите соговорници.

Во сегашното условување на претседателските со парламентарни избори, тие гледаат само „лажен цепелин“, кој на партискиот врв му остава простор исклучиво за критика и ништо друго.

„Бидејќи ДУИ веќе се изјасни против избори, целта на ВМРО-ДПМНЕ е сега да го стави СДСМ под притисок и да го спротивстави на коалицискиот партнер, себеси да се претстави како подготвена за победа за парламентарен натпревар, сѐ со цел да го крене паднатиот дух меѓу членството, кој сега се крпи со некакви интерни анкети, кои никој од сопартијците не ги видел, а наводно покажувале раст на рејтингот. Доколку барањето на ВМРО-ДПМНЕ не биде прифатено, раководството ќе ја критикува власта дека се плаши од пораз од опозицијата и само ќе го легализира и онака планираниот бојкот на претседателските избори. Во основа на сите опции се крие демагогија и обид на сегашното раководство да се спаси од смена и непречено да раководи со брендот „ВМРО-ДПМНЕ“, велат нашите соговорници.

За партијата, а не за фотелјата

Ваквите тврдења на внатрешни опоненти на политиката на Мицкоски се потврдија вчера. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, нагласи дека доколку Заев и СДСМ го одбијат барањето за парламентарни избори, тоа е доволен доказ дека се плашат бидејќи ги знаат рејтинзите, дека нивниот рејтинг вртоглаво паѓа и дека СДСМ се наоѓа во очајна ситуација.

„Во игра се буквално сите опции. Дури, ние најавивме дека ја разгледуваме можноста и за напуштање на сите институции, односно недејствување од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, најави дополнително Јанушев.

Со предвидувања за ваков развој на настаните, кон крајот на декември 2018 година, јавно излезе и поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, кој на Фејсбук изрази сомнежи во искреноста на Мицкоски.

„Се плашам дека можеби повторно планира некого да пушти низ вода, само за да си ја зачува фотелјата во партијата. По сѐ изгледа овој пат императив не е да се седне на фотелјата, туку таа да се зачува по секоја цена. Овојпат, судејќи по тоа како ја води партијата и довербата која тој лично ја ужива меѓу граѓаните, свесен за поразот кон кој сите ги води, веројатно, првата жртва ќе му биде кандидатот за претседател, кој според него, ќе биде виновникот што сам си ги загубил изборите. Затоа и ќе биде многу тешко, кредибилен и квалитетен кандидат да изрази подготвеност да биде кандидиран од Мицкоски“, оцени Тодоров, додавајќи дека „никој кој е сериозен и држи до себе, не сака да биде уште едно жртвено јагне, па ладнокрвно од Мицкоски да биде пуштен низ вода“.

Заборавете на парламентарните избори, советуваше тогаш Тодоров.

„ВМРО-ДПМНЕ мора да го победи СДСМ на овие претседателски избори. Не мислете на фотелјите, ни на претседателската во ВМРО, ниту на премиерската. ВМРО е поважно од секој нејзин претседател. Претседателот е привремен. ВМРО-ДПМНЕ е и треба да остане трајна вредност на македонската политичка сцена.

ВМРО-ДПМНЕ мора да победи на претседателските избори и да почне сериозно да се менува, демократизира и да се реформира за да прерасне во европска, модерна, центар-десна политичка партија. Во спротивно, Христијан, пакуј куферите!“.

Фокус на претседателските

Претседателскиот кандидат на СДСМ ќе се утврди со коалициските партнери | Фото: Роберт Атанасовски

Од СДСМ тврдат дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ оти власта се плаши од изборен пораз нема да бидат „аргументот“ врз кој ќе се носи одлуката за парламентарни избори, ниту тоа ќе биде желбата за изборна победа на СДСМ, туку, пред сѐ, интересите за победа на Македонија во интеграциските процеси.  

Еврокомесарот Јоханес Хан даде негов „скромен совет“ дека Македонија треба да  се „воздржи од сите други идеи“, бидејќи решениот спор за името не е единствениот услов за почеток на преговори со ЕУ. Тој не се согласува со ставот дека сега е добар момент за предвремени избори бидејќи нема многу време до следниот извештај на Европската комисија.

Од друга страна, кога власта размислува за ова прашање, го има предвид можниот бојкот на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори, кој може да ја однесе земјата во уставна криза. Но, и за таа ситуација има решение. Доколку тоа се случи, според владини извори, можно е владата да предложи уставни измени според кои шефот на државата ќе се избира во парламентот. До завршувањето на тој процес, функцијата претседател на државата привремено би ја извршувал актуелниот претседател на парламентот, Талат Џафери.

Ако ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотира претседателските избори, можно е владата да предложи уставни измени според кои шефот на државата ќе се избира во парламентот, велат владини извори

Но, велат дека во моментов се повеќе фокусирани на подготовка за претседателските избори. Потврдуваат дека имињата на неколку актуелни министри се вртат во контекст на наводни претседателски амбиции (Спасовски, Шекеринска, Димитров), но дека тоа досега не е и официјално потврдено. Особено што во последниве денови сѐ погласни се и шпекулациите дека Димитров би можел наскоро да замине на позиција во меѓународна организација, а Шекеринска да го преземе кормилото на МНР.

Извесно е дека претседателскиот кандидат ќе се утврди во разговори со коалициските партнери до крајот на јануари, а целта е да се номинира личност која би била најприфатлива за граѓаните.

Во моментов, неофицијално циркулираат неколку политички и имиња од академската заедница, меѓу кои најфреквентно се спомнува името на актуелниот пратеник и партиски потпретседател на СДСМ, Мухамед Зекири. Доколку преовлада ставот кандидатот за претседател да биде жена, не е исклучено еден од предлозите да биде актуелната министерка за правда, Рената Дескоска-Треневска.