Регион

Партиите во република Српска контра Уставниот суд

Жељка Цвијановиќ. Фото: Н1

Претседателката на РС, Жељка Цвијановиќ, и лидерите на главните политички партии од овој ентитет, денеска потпишаа заедничка изјава, со која ја осудија неодамнешната одлука на Уставниот суд на БиХ, дека одбележувањето на Денот на РС на 9 јануари, е неуставно.

Во соопштението се вели дека одлуката на Уставниот суд на БиХ е „политички мотивирана“.

Цвијановиќ за медиумите во Бања Лука нагласи дека изјавата има осум заклучоци и дека е заклучено оти „одлуката на Уставниот суд на БиХ е политички мотивирана и дека е повеќе политичка, отколку законска одлука“.

Таа додаде дека овие „неуставни“ активности имаат „за цел негација на легалноста и легитимноста на Република Српска“.

Цвијановиќ истакна дека РС и натаму ќе го прославува Денот на РС на 9 јануари, и покрај одлуката на судот.

На 29-ти март Уставниот суд на БиХ го прогласи ентитетскиот закон за одбележување на Денот на РС на 9 јануари, за спротивен на уставот.

Инаку, 9 јануари е денот кога во 1992 година е формирана РС. Набргу потоа во БиХ почна војната која траеше до 1995 година.

Уставниот суд на БиХ, уште во 2015 година, донесе одлука дека прославата на Денот на РС на спорниот датум е неуставна, бидејќи на 9 јануари се слави и православниот празник Свети Стефан, на кој се поставуваат само српски симболи, со што, според одлуката на судот, се кршат правата на граѓаните од несрпска националност, кои живеат во РС.

И покрај оваа одлука и силните забелешки на претставниците на Бошњаците, на САД и на ЕУ, властите во РС одржаа референдум во септември 2016 година, барајќи јавна поддршка за прославата на овој празник, кој референдум, Уставниот суд на БиХ, исто така, го прогласи за незаконски.

По референдумот, на кој беше поддржано одбележувањето на Денот на РС, во декември 2016 година, Народното собрание на Република Српска (НСРС) го усвои законот за Денот на РС, според кој 9 јануари е секуларен празник и Владата на овој ентитетот ќе одлучува како да го одбележува.

Српскиот член на Претседателството на БиХ и поранешен претседател на РС, Милорад Додик, изјави дека следната година прославата ќе биде уште посилна.

„Колку повеќе се оспорува 9 јануари, толку посилно ние ќе го прославуваме“, изјави Додик за регионалната телевизија Н1.