Пишува: Александрина Гинкова – Пловдив, Варна, Ашоталом
Службеникот на граничната полиција, кој во моментот не беше на должност, беше слаб, уморен и видливо нервозен. Го опишуваше неговиот ден, кој е сличен на речиси секој друг ден, на границата помеѓу Бугарија и Турција.
„Дванаесет-часовни смени, постојано во движење. Ако треба да патролираш, покриваш 15, 20 километри”.
„Тие постојано ги менуваат рутите. Ги фаќаме, ги запираме; тие се движат, ние се движиме. Тоа е игра на мачка и глушец”.
„Тие“ се мигранти од Блискиот Исток, Азија и Африка кои секојдневно влегуваат преку границата од Турција во Грција и Бугарија на пат кон Западна Европа, појава што кулминираше во текот на летото во 2015 година, но продолжува и денес, соочувајќи се со нетолерантноста низ целиот континент.
Во Бугарија, како и во Унгарија, се појавија одмазднички групи, објавувајќи фотографии на Фејсбук од тетовирани мажи во маици или воени униформи како шетаат низ шумите на границата. Понекогаш се и вооружени.
Тие ги освоија насловите во медиумите во Бугарија и во странство, добивајќи наизменично и признанија и критики од бугарската влада. Во Унгарија, тие биле регрутирани од страна на десничарската влада која во септември објави официјален повик за 3.000 „гранични ловци” како зајакнување за полицајците и војниците на јужниот дел од унгарската граница со Србија.
Во Бугарија, дел од нив биле разоткриени како ситни криминалци, други станале мали медиуми ѕвезди. Но, никој не знае за сигурно колку биле ефикасни, колку ги има навистина на број и кој ги финансира, доколку постои таков. Некои групи тврдат дека имаат десетици илјади во своите редови, но на јавен простор едвај може да соберат неколку десетици.
Граничниот службеник, зборувајќи отворено, но само под услов на анонимност, изрази мал сомнеж:
„Тие само денгубат … преправајќи се дека се херои”, вели тој. „Фатија 30 луѓе. Јас веројатно сум фатил 3.000 и никој не рече ништо за мене. Што е толку важно ако фатиле 30 луѓе? Веројатно возбудата … Не знам. Тоа е бесмислено”.
Без оглед дали се позери гладни за публицитет или сериозна закана за безбедноста и човековите права, набљудувачите се согласуваат дека самонаречените „ловци на мигранти“ се симптом на едно подлабоко прашање што ја погодува Бугарија, каде што на говорот на омраза и криминалот од омраза сѐ повеќе им се прогледува низ прсти а „другите” не се добредојдени.
Иванка Иванова, експерт по право од Институтот отворено општество во Софија, вели дека „не е сигурна дека постои нешто како ’зголемување на граѓанските патроли’ на границата”.
Но, она што е јасно, рече таа, е незаинтересираноста на државата да дејствува против оние кои постојат, а во некои случаи дури и нејзината подготвеност да ги поттикне, што доведува до клима на неказнивост.
„Едно од седум лица во Бугарија има слушнато коментари од политичарите и новинарите што им оставило впечаток дека кривичното дело против одредени малцински групи не е толку казниво колку што би било делото против некој од мнозинството”, изјави Иванова за БИРН.
„Со вакви чувства во јавноста јасно е дека заситеноста на јавниот дискурс со говор на омраза неизбежно води кон извршување на злосторства од омраза”.
Медал
„Ловците на мигранти” во Бугарија се појавиле на сцената во почетокот од 2016 година преку две имиња – Динко Валев и Петар Низамов.
Валев, тетовиран трговец на делови од автобус, бил прикажан на Бугарската телевизија како патролира на границата на мотор со четири тркала; Низамов објавил онлајн видео од притворањето на тројца авганистански мигранти, со рацете врзани зад грб.
Тогашниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов, првично ја поздравил „помошта” од некои одмазднички групи, и на една група и бил доделен медал од страна на шефот на граничната полиција, Антонио Ангелов, за фаќање група мигранти и нивно предавање на полицијата.
Но, кога групите за човекови права и меѓународните медиуми се фатиле за видеото на Низамов, Борисов се изјаснил против ваквите „паравоени формации”, и штетата што тие ја направиле за угледот на Бугарија. Низамов бил единствената личност, што досега била обвинета – за нелегален притвор на тројца мигранти – додека Валев бил под истрага во ноември, под сомневање за поттикнување на дискриминација, насилство и омраза врз основа на националност или етничка припадност.
Адвокатот на Низамов го нарекол случајот против него „фабрикуван”. Самиот Низамов изјавил за БИРН дека верува оти судовите биле под притисок да го задржат во притвор: „Сигурен сум дека имало наредба од горе”, изјавил тој. Валев, исто така, негирал дека сторил нешто лошо, велејќи за бугарската Нова телевизија во ноември дека е подготвен да оди во затвор „за Бугарија”.
Според една анкета објавена во март, нешто над половината од Бугарите го одобрувале апсењето на мигранти од страна на граѓаните.
За целите на Балканската стипендија за новинарска извонредност, БИРН помина одредено време со членовите на Комитетот за национално спасување, кој се состои од граѓанско крило наречено „Шипинка“ и „воената единица” наречена „Васил Левски“, имиња кои потсетуваат на борбата на Бугарија за отфрлање на речиси 500-годишното турско ропство од крајот на 14 век. Двете крила се регистрирани како невладини организации.
Групата може да се пофали со ниво на организација што ја немале ниту Валев ниту Низамов. Еден од нејзините основачи, Владимир Русев, тврди дека организацијата брои 26.000 членови.
Во интервју за БИРН во кафуле лоцирано на покрив во неговиот роден град Варна, на брегот од Црното Море во Бугарија, Русев, изјави дека тој ја финансирал организацијата преку бизнисот што го поседува со неговата сопруга, кој се занимава со приватно обезбедување во воените зони за политичарите и „супер богатите”. Членовите, исто така, давале средства за да се плати за гориво и потрошен материјал за патролите.
Две компании – „Дју дилиџенс БГ“ и „Дју дилиџенс Интернешнл“- се регистрирани во бугарскиот трговски регистар на името на Русев и Антонија Иванова Стефанова.
И двете се регистрирани на истата адреса како невладините организации „Шипинка“ и „Васил Левски во стариот центар на градот Варна. БИРН не можеше да најде веб-сајтови за ниту една од компаниите. Русев (57) изјави дека претходно бил во војска, но одби да образложи повеќе за своите деловни активности.
Со ова се шири ксенофобија и се поттикнува насилство
– Даниел Стефанов, портпарол на УНХЦР во Бугарија
Ќелав и крупен со обликувани мустаќи, Русев дојде на интервјуто во темен џип со затемнети прозорци, и беше поздравен од страна на другите додека влегуваше во кафулето.
Комитетот за национално спасување има поврзаност со екстремно десничарските групи и политички партии во Источна Европа под чадор организација „Тврдината Европа“. Во мај 2016 година, испратил делегација во Чешката Република, на покана на екстремно десничарската партија „Зора“.
Во јуни, за време на патролирањето се приклучил поранешниот лидер на германската антимуслиманска партија „Пегида“, Татјана Фестерлинг, и нејзиниот колега од холандскиот огранок, Едвин Вагенсвелд. Русев негира дека примил пари од Русија за да поттикне немири во Бугарија, а со тоа и во Европската унија.
„Тие се луди затоа што ние сме волонтери и сѐ правиме бесплатно”, вели тој за оние кои ја критикуваат групата. „Треба да нѐ остават да си ја вршиме работата, за да ѝ помогнеме на државата да го направи тоа што не сака да се направи за да се спасат луѓето”.
Групата му напишала писмо на шефот на граничната полиција Ангелов на 25 јули 2016 година нудејќи ги своите услуги за да се спречи „инвазијата”, но Русев вели дека не добиле одговор. Портпаролката на граничната полиција изјави дека секоја таква соработка треба да бие регулирана со закон, односно од страна на владата.
„Повеќе за јавен ефект”
БИРН го праша Високиот комесаријат за бегалци при ОН, УНХЦР, дали смета дека ловците на мигранти биле поактивни на социјалните мрежи отколку на границата.
Даниел Стефанов, портпарол на УНХЦР во Бугарија, одговори: „Во суштина, нивната цел повеќе е да имаат јавен ефект”.
„Со тоа се шири ксенофобија и се поттикнува насилство”, вели тој. „И тоа е особено опасно ако властите не реагираат. Во оваа смисла, не постои голема разлика дали е пропаганда или вистински акции, бидејќи и двете му штетат на општеството”.
Дури и членот на Комитетот за национално спасување на Русев признал дека активностите на групата на теренот имаат мал ефект врз реалниот проток на мигранти, туку нивна цел е запознавање на теренот и испраќање порака до мигрантите и оние кои им помагаат.
„Всушност, ние не го намалуваме значително бранот на бегалци, ефектот е околу нула”, вели Марија Герина, која ги координира социјалните активности на групата.
Но, како и Стефанов, бугарскиот експерт за безбедност Јордан Божилов, претседател на Форумот за безбедност на Софија и аналитичар во Бугарската академија на науките, предупредува на влијанието на таквите одмазднички групи и нивната реторика врз бугарското општество.
„Ние сме сведоци на исламски радикализам, но исто така постои и анти-исламски радикализам, кој во никој случај не е помалку опасен”, вели тој.
Истражувањето спроведено од Институтот отворено општество од 2014 до 2016 година и објавено на бугарски во јули минатата година покажало зголемување на бројот на Бугари кои биле изложени на говор на омраза и поголемо одобрување за негова употреба, иако мнозинството продолжува да се вртат.
„Она што загрижува е јавното одобрување за користење на говорот на омраза, а тоа е екстремен национализам и говор на омраза, против две социјални групи – Ромите и странците”, вели Иванова правниот експерт од Институтот.
„Зошто ова се случува е прашање од милион долари и нашето истражување не може да даде категоричен одговор”.
Иванова вели дека лично видела два фактори; прво, отсуството на реакција од страна на властите, за кои таа вели: „систематски” не успеваат да ги испитаат злосторствата од омраза и говорот на омраза, и второ негувањето на „страв и предрасуди” од страна на бугарските медиуми.
„Значаен дел од луѓето, речиси една третина во 2016 година, не знаат дека говорот на омраза … и злосторството од омраза се кривични дела. Процентот е уште поголем кај луѓето со пониско образование. И трендот е негативен – во 2014 година само еден од пет не знаеле дека ова се кривични дела”.
Друго истражување, спроведено заеднички од страна на невладините организации Медиумска демократија и Центарот за политичка модернизација, објавено на бугарски јазик во март 2016, укажало на пораст на говорот на омраза во бугарските медиуми, главно насочени кон ромското малцинство, бегалците и мигрантите.
Врз основа на изјавите, статиите и содржината на нивната веб страница и социјалните медиуми, бугарскиот огранок на Хелсиншкиот комитет во мај доставил барање до државното обвинителство групите на Русев – „Шипинка“ и „Васил Левски“ – да го изгубат својот статус на невладини организации. На 9 јануари, обвинителството го отфрлило барањето, изјави за БИРН портпаролот на обвинителството.
Радослав Стојанов од бугарскиот Хелсиншки комитет, вели дека поранешниот премиер Борисов, кој поднел оставка во ноември минатата година откако претседателскиот кандидат поддржан од владата изгубил на изборите во Бугарија, „јавно ги озаконил”, таквите организации.
Ние се приближуваме до границите на цивилизирано општество
– Марк Кекеши, унгарски активист за човекови права
Со нивната неактивност, вели тој, властите и политичките партии „пасивно им помагаат на силите кои имаат за цел да го внесат општеството кон отфрлање и угнетување на маргинализираните заедници. Овој премолчен договор, според мое мислење, е причината зошто овие чувства се развиваат и растат во ова општество”.
БИРН ја праша владината портпаролка дали владата има официјален став во врска со одмаздниците.
„Не, нема”, одговори таа. „Каков очекувате да биде? Како го замислувате таквиот официјален став?”
„Ставот што беше изразен од страна на претставниците на владата во различни прилики … е дека државата има начини да ја брани границата и тие се утврдени со Уставот и со законите”.
Веројатно, одмаздниците го следеле примерот на бугарската полиција, која била обвинета од страна на групите за човекови права за широко распространето малтретирање на мигрантите.
Во август минатата година, високиот комесар на ОН за човекови права Зеид Ра’ад Ал Хусеин изразил загриженост поради практиката на туркање на мигрантите преку границата и „постојаните обвинувања за физичко малтретирање и кражба од страна на полицијата на граничниот премин”. Нападите врз мигрантите и бегалците, рече тој, се ретко, ако и воопшто некогаш, казнети.
„Особено вознемирувачки е да се видат важни и влијателни јавни личности како изразуваат поддршка за нелегални вооружени одмазднички групи кои дрско ловат мигранти долж границата меѓу Бугарија и Турција”, вели Зеид.
БИРН одделно им пиша на портпаролите на Владата и Министерството за внатрешни работи со барање да дадат одговор за критиките на ставот на властите за одмаздници, обвинувањата дека тие толерираат говор на омраза и обвинувањата за полициска бруталност, но не доби одговор.
Приватна војска
Околу 1,3 милиони луѓе кои бегаат од војната, сиромаштијата и репресијата пристигнаа до јужните брегови на ЕУ минатата година, повеќето од нив преминувајќи преку морето од Турција во Грција со брод и чамци, одејќи на север во Македонија, Србија, Унгарија и пошироко, на пат кон Германија и други побогати членки на Унијата.
Оттогаш ЕУ се обидува да го затвори т.н. Балкански пат, но мигрантите продолжуваат да пристигнуваат, иако во помал број. Само мал дел од вкупниот број во 2015 година – 30.000 – дошле преку Бугарија. Повеќе од 18.000 биле уапсени во Бугарија до крајот на ноември 2016 година.
Мигрантските центри во Бугарија минатата година беа полни. На 10 ноември, имало 7.039 мигранти сместени во кампови со капацитет за 6.390, иако бројката малку се намалила во јануари. Мнозинството сакало да продолжи, но за оние кои не успеваат, интеграцијата не е лесна. „Бугарија сѐ уште нема програма за интеграција”, рече Стефанов од УНХЦР. „Значи, во моментот процесот е во застој и не е јасно дали и како ќе продолжи”.
Кон крајот на ноември минатата година, полицијата употребила водени топови на стотици мигранти кои протестираа во најголемиот бегалски прифатен центар во Харманли, југоисточна Бугарија.
Големата миграција и притисокот што го наметна врз државните ресурси ги охрабриле десничарските групи и партии во Централна и Источна Европа, дури и во земји како што е Словачка, каде што влегле многу малку мигранти.
Во Унгарија, главната транзитна земја, националистичкиот градоначалник од пограничното село Ашоталом, Ласло Торочкај, во 2015 формирал своја патрола и објавил видео во филмски стил, на Фејсбук и Јутјуб – како оние што патролираат возат брзи автомобили и коњи – предупредувајќи ги мигрантите да не се обидуваат да преминат од Србија во Унгарија.
Во Унгарија, ваквите патроли се легализирани со 24-часовни смени и утврдени слободни денови. Како одмаздниците во Бугарија, и патролите во Унгарија се длабоко анти-исламистички, критични кон „слабите” водачи во Западна Европа и длабоко навлезени во теориите на заговор во врска со големи планови на муслиманите да ја освојат „христијанска Европа“.
„Ова мигрантско прашање е организирано од страна на одредени интересни групи”, вели Наги Шандор, член на патролата на која БИРН ѝ се приклучи додека патролираше на унгарско-српската граница. „Сега тоа се луѓе од Блискиот Исток, од утре ќе започне африканска лавина и што ќе биде на крај од нас”.
БИРН беше сведок кога патролата, во која беше и заменикот на Торочкаи, застана тројца мажи мигранти, кои рекоа дека се од Пакистан. Еден кажа дека има 14 години. Рекоа дека ги загубиле своите документи за идентификација, со што ги налутија оние кои патролираат. Полицијата пристигна и презеде, носејќи ги мигрантите.
Марк Кекеши, унгарски активист од групацијата за граѓански права „Мигсзол“ која се залага за правата на барателите на азил и бегалците, вели дека патролите се дел од „приватната војска” на Торочкаи.
„Ние се приближуваме до границите на цивилизирано општество”, вели тој.
Унгарската полиција во септември минатата година објавила повик за 3.000 „гранични ловци”, велејќи дека ќе ги обучи во времетраење од шест месеци и опрема како на другите полицајци со боева муниција, солзавец, палки и лисици.
Министерството за внатрешни работи на Бугарија веќе се обиде да добие од луѓето кои живеат во пограничните региони неформална поддршка, со алармирање на полицијата доколку видат мигранти.
Божилов, бугарскиот експерт за безбедност, изјавил дека според законот предвидено е Владата да направи нешто слично како во Унгарија, преку организирање на волонтерски патроли. Тој рече дека ова би можело да помогне да се „канализираат” фрустрацијата и агресијата на одмаздничките групи.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, за БИРН изјави: „Нашиот став кон локалното население е дека прифаќаме соработка во форма на предупредувања (за мигрантите кои влегуваат во Бугарија). Активностите кои може да се преземат официјално во таквите случаи се во надлежност на граничната полиција”.
Регрутирање
Во мај минатата година, Русев од Комитетот за национално спасување се обратил на настанот одржан во вториот по големина град во Бугарија, Пловдив, споделувајќи го подиумот во хотелот „Марица“ со три други паравоени лидери кои биле облечени во воена униформа. Само неколку десетици луѓе, претежно мажи, се појавиле како публика на настанот.
Хотелот го носи името на реката што тече источно од планината Рила во Бугарија, кратко проаѓајќи по границата на земјата со Грција пред да скршне кон границата меѓу Грција и Турција на нејзиниот пат кон Егејското Море.
Реката е само една од пречките со која многу од мигрантите се соочуваат на патот кон Западна Европа.
По два часа, публиката ја напуштила салата, а еден од мажите во воена униформа платил 180 бугарски лева (90 евра) во готово за користење на конференциската сала.
Дваесет и шест годишниот Момчил Крумов, еден од оние во публиката, зачекори надвор, додека силен ветер дуваше во правец од реката. Тој планираше да се приклучи.
„Со ваков огромен бран на бегалци и кога државата не може да се грижи за себе, доаѓа момент кога населението нема гаранции, нема сигурност дека државата ќе се брани како што треба”, изјави тој за БИРН подоцна по телефон, откако ѝ се придружил на групата.
„За добро или за лошо, претпоставувам дека за добро, населението почнува да се организира. Тоа е природен процес”.