Истражувањa

Транспарентно сечат ленти, упорно го кријат (не)оствареното

Повеќе од една деценија, речиси нема ден да не чуеме дека се ветени стотици нови вработувања, а вложени ќе бидат милиони и милиони евра во одредена инвестиција. Гледавме сечење ленти, потпишување меморандуми за соработка, гордо фотографирање на владини претставници пред компании со странски капитал, слушавме најави, расфрлање со огромни суми и најави за спасување одредени општини од сиромаштија и невработеност.

Но, по сечењето ленти и по фотографирањето на оние што ја најавуваат, ретко кога сме прочитале што се случило со одредена инвестиција. Се остварила ли, колку лица биле вработени, ако пропаднала, од кои причини пропаднала и сл. Токму овие прашања беа појдовната точка и причината зошто заигра љубопитноста кај тимот на БИРН, за да се изработи базата на податоци „Странски инвестиции под лупа“.

secenje-lenta

Oтворањето на фабриката „Макдиа“ во Бунарџик во 2015 година

Сметавме дека македонската јавност треба да знае колку и дали она што е ветено, навистина било остварено и што се случувало зад вратите на странските инвестиции откако ќе се пресече лентата и ќе се тргнат камерите по промоцијата. Сметавме и дека сето ова треба да биде сместено на едно место, за да се следат промените во компаниите, со цел да се согледа колку, на долгорочен период, овие странски инвестиции ја помогнале македонската економија и овозможиле нови вработувања.

Иако за изработката на базата на податоци повеќе од потребна ни беше и соработка од страна на надлежните институции (министрите без ресор, ТИРЗ-овите, Агенцијата за странски инвестиции, општините), за жал, од нивна страна владееше комплетен молк на обидот на БИРН да истражи колку навистина инвестиции влегоа во земјава, колку луѓе се вработени во нив, како функционираат и што се случило со најавените, а досега неостварените.

БИРН со месеци поставуваше прашања на сите адреси кои се бават или се одговорни за странски инвестиции, но за разлика од транспарентноста во најавите, одговорите најчесто не ги добивавме.

Токму поради овој молк на институциите, клучниот критериум за изработка на базата „Странски инвестиции под лупа“ се базира на прашањето – кои инвестиции биле најавени од страна на претставниците на Владата и инстуциите надлежни за странски инвестиции во периодот од 2007 до 2016 година, а кои треба да овозможат отворање на нови работни места.

За ова, почетна точка на истражување беше веб-страницата на Владата и архивата на оваа страница, каде што се објавени сите најавени инвестиции, сечењето ленти на отворањето на фабриките, најавените суми за инвестиции и вработувања и сл. Пребарувавме низ интернет архивите, партиските отчети, програмите на владејачката партија, веб-страниците на општините.

БИРН, на овој начин, дојде до податоци дека голем број инвестиции се најавувани повеќе пати, a во различни години, како комплетно нови инвестиции. На пример, австриската „Текспорт“ во 2011 година ја најавува тогашниот премиер Никола Груевски, а три години подоцна, во 2014, истата е најавена и од тогашниот кандидат за претседател, Ѓорге Иванов.

Оттаму произлегува и впечатокот дека во Македонија секој ден се најавува по некоја нова инвестиција, иако, се случува, една иста инвестиција, всушност, да се најавува по неколку пати.

Како ја работевме базата?

Во комплетен недостиг од официјални информации, една од најтешките задачи пред кои застанавме, изработувајќи ја оваа база на податоци, беше утврдувањето дали навистина е вложена сумата на инвестицијата којашто е најавена.

„Инвестицијата тежи 5 милиони евра и ќе донесе 200 нови вработувања“, се зборовите со кои најчесто се најавуваат инвестициите на партиски митинзи, програми, отчети, прес-конференции. Единствено сумата се менува, некогаш станува збор за 10 милиони, некогаш за 20 милиони, а најтешко е да се утврди дали и колку она што е најавено е навистина вложено во земјава.

Оттаму, БИРН реши да ги земе предвид нетековните средства кои компаниите ги пријавуваат од билансот на состојба во Управата за јавни приходи, кои се достапни во скратените искази добиени од Централниот регистар . Тоа се, всушност, податоци за вредноста на објектот, машините, земјиштето, постројките, опремата, концесиите, патентите, лиценците. Овој начин на пресметка, според експертите што ги консултиравме, е најточниот приближен податок за тежината на една инвестиција.

skraten_iskaz

Со оглед на тоа што последните информации од УЈП и од Централниот регистар се однесуваат на 2015 година, а најновите годишни финансиски извештаи ќе бидат објавени во март 2017 година, БИРН ќе ја обнови базата на податоци со најновите информации во однос на нетековните средства на компаниите.

Сите активи на компаниите добиени од Централниот регистар се содржани во базата и документот може директно да се преземе. Во тој документ е содржан и просечниот број вработени во компанијата, па на тој начин е правена и споредбата за тоа колку вработувања се најавени, а колку се остварени за тековната година.

Исклучок се оние компании за кои БИРН заради молкот на институциите и отсуство на податоци не можеше да го открие називот на фирмата што е регистрирана во Македонија и тие податоци не влегуваат во вкупната пресметка.

Оттаму, единствените податоци на кои се базира базата на податоци на БИРН се податоците добиени од Централниот регистар, односно финансиските извештаи на фирмите кои странските инвеститори ги отвориле во земјава, објавени во рамките на базата.

Врз основа на тоа дали странскиот инвеститор ја отворил компанијата или не и дали таа е почната со работа, БИРН ги класифицираше инвестициите според три критериуми – „реализирана“ (доколку фабриката е отворена, без разлика дали е остварено толку колку што било ветено), „во тек“ (доколку инвестицијата е во рана фаза, најавена е скоро или пак фабриката/погонот сè уште не се отворени), и „нереализирана“ (доколку инвестицијата била ветена, но никогаш не се остварила).

БИРН ќе продолжи да ги следи овие компании со цел да се види дали бројот на вработени се зголемува или се намалува и колку нетековни средства вложува фирмата во земјава секоја година.

Молк од институциите

За сите овие прашања што ги адресираме погоре, повеќе од половина година се обидувавме да стапиме во контакт со владините претставници кои најавиле извесни инвестиции.

Еден од најпрозваните, Виктор Мизо, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски зони (ТИРЗ), не одговараше на нашите повици ниту пак, на поканите за средба и за интервју. Кон почетокот на 2016 година, се обративме и со официјално писмо до ТИРЗ, во кое објаснивме што работиме и побаравме средба со Мизо, како и барање за посета и фотографирање на ТИРЗ Бунарџик.

pismo_do_mizo

Неколку дена подоцна, ни се јави претставник од ТИРЗ и побара детално да објасниме за каква база станува збор, дали таа има некаква врска со предизборниот период, зошто предвид ги земаме само инвестициите од 2007 година па наваму итн.

Објаснивме дека во базата се изнесуваат само конкретни факти за странските инвестиции и дека пред 2007 година не постојат никакви информации за странски инвестиции. Потенциравме и дека базата на податоци нема допирна точка со парламентарните избори и дека таа ќе биде објавена по нивното завршување. Претставникот на ТИРЗ ни изјави дека дополнително ќе нè контактираат и дека Мизо ќе биде слободен околу 20 ноември 2016, но оттогаш не чувме ниту збор од ТИРЗ.

Единствено, неофицијален одговор за одредени известиции добивме од вицепремиерот Владимир Пешевски, а од кабинетот на Висар Фида, директорот на Агенцијата за странски инвестиции, добивме повратен одговор по електронска пошта за тоа до каде е текот на неколку инвестиции кои тој ги најавил.

Во прилог можат да се видат дел од нашите обиди да стапиме во контакт со министрите без ресор кои имаат задача да привлекуваат странски инвестиции. На ниту една од овие пораки, БИРН не доби одговор.

3

2

Инаку, во ниту една од технолошките индустриски зони не е дозволено фотографирање, ниту посета без претходно одобрение, а со оглед на фактот што директорот Мизо не одговори на нашите барања, БИРН се служеше со официјални фотографии од отворањето на фабриките или фотографии од Македонската информативна агенција (МИА), а за оние странски инвестиции надвор од ТИРЗ-овите, беа ангажирани дописници од внатрешноста на Македонија.

Во базата на податоци не го користевме Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со оглед на тоа што одлуките за државна помош што Владата ги дава на странските инвеститори, не се јавни. БИРН и претходно се обидуваше да дојде до овие документи, но сите суми, вклучително и бројот на предвидени вработувања во документите се обележани со XXX, па тоа го прави целиот процес крајно нетранспарентен.

drzavna_pomos

Пример за тоа како изгледа документ за дадена државна помош на странски инвеститор

Транспарентноста постои единствено кога се најавува инвестицијата, кога се сечат лентите и се расфрлаат сумите за вредноста на инвестицијата и за бројот на вработувањата, но понатаму, кога се бараат конкретните податоци за државната помош, за оствареното или пак, за неоствареното, институциите онемувааат пред барањата на новинарите.

 

Во првата верзија на овој текст меѓу надлежните кои не одговориле на прашањата на БИРН беше наведен и министерот за странски инвестиции Бил Павлевски. По реакцијата на министерот кој испратил повратен одговор по електронска пошта до БИРН, што не бил виден, поради што е направен ненамерен пропуст, текстот е ажуриран и коригиран во тој дел.

investicii.prizma.mk

stranski-investicii-birn-prizma-tw-cover-1500x500