Вести

Промовирана база за медиумското сопствеништво во Македонија

Заеднички регионален проект на Глобален медиумски регистар и БИРН

Единаесет телевизиски канали, пет радија, 13 онлајн медиуми и пет весници се дел од македонската база на податоци „Мониторинг на медиумско сопствеништво“ – МОМ што денеска ја промовираа тимот на невладината организација Глобален медиумски регистар – ГМР  и Балканската истражувачка репортерска мрежа – БИРН.

Македонската верзија на МОМ е дел од регионалниот проект во кој се вклучени и Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина. Таа е достапна на англиски и македонски јазик, а наскоро и на албански.

Во изминатите шест месеци тимот на БИРН, со помош на експерти и во соработка со ГМР собираше јавно достапни податоци за медиумите, сопствениците, нивните бизниси, луѓето од интерес, компаниите и финансиските резултати.

Наодите на истражувањето мапираа зони од висок, среден и мал ризик за медиумскиот плурализам. Со висок ризик се концентрацијата на медиумската публика, пазарот, сопственоста меѓу медиумите (што покажува голем удел на малкумина сопственици) и родовиот дисбаланс во индустријата.

Собраните податоци покажуваат и дека највлијателните македонските медиуми ги водат главно мажи на кои медиумскиот бизнис често им е споредна работа.

Наодите и контекстот воедно ја отсликуваат медиумската сцена во Македонија каде како клучни поенти се нотираат – немањето објективни и релевантни податоци за публиката, потоа проблеми во функционирањето на онлајн медиумите и принуденоста на медиумите да зависат од субвенции.

Презентација на базата на податоци „Мониторинг на медиумското сопствеништво“ | Фото: БИРН

„Секој граѓанин има право да знае кој стои зад вестите кои ги консумира, кој ја обликува агендата и да одлучи кој извор е релевантен, а кој не е. Ова не значи дека секој сопственик се меша во вестите, и дека тоа се случува секогаш, но неопходно е (сопствеништвото) да биде јасно и транспарентно, за граѓанинот да може да го разбере генералниот контекст“, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир во поздравното обраќање на денешната презентација.

На дискусијата која следеше учествуваа Олаф Штејнфат, директорот на ГМР , Снежана Трпевска коосновач на институтот Ресис и медиумски експерт, Драган Секуловски, директор Здружението на новинари на Македонија и Магдалена Довлева, од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, од каде  редовно го мониторираат медиумското сопствеништво.

Тие говореа за клучните проблеми со кои се соочува медиумската индустрија во Македонија, законските измени кои ќе го вратат државното рекламирање во медиумите, субвенциите за печатените медиуми како и дилемите околу најавената регулација на онлајн медиумите.

Според методологијата на ГМР во базата „Мониторинг на медиумско сопствеништво“  се вклучуваат по 10 највлијателни медиуми од секој вид- телевизија, радио, печат и онлајн медиуми. Условите кои треба да ги исполнат е да се присутни на национално ниво, да објавуваат политички содржини, а за печатените медиуми да излегуваат редовно и без прекини.

Поради специфичноста на тукашниот пазар, во македонската база бројката на вклучени медиуми е поинаква, па кај некои типови  таа е помала од предвидените десет. Така на пример во неа се наоѓаат сите пет радија кои го исполнуваа условот да зрачат на национално ниво, сите пет печатени медиуми кои излегуваат без прекин и десетте национални телевизии кои се највлијателни.

Изборот на онлајн медиумите се правеше врз основа на податоците за читаноста од три различни извори, а условот беше порталот да се најде барем во два од нив.

Презентација на базата на податоци „Мониторинг на медиумското сопствеништво“ | Фото: БИРН

МОМ е инициран и организиран од германската секција на Репортери без граници, чија цел е одбрана на слободата на медиумите и правото да се информира, и да се биде информиран, секаде во светот.

Во 2019, проектот прерасна во Global Media Registry (Глобален медиумски регистар ГМР), независна непрофитна организација регистрирана според германските закони.

Во секоја земја ГМР соработува со локална партнерска организација. Во Македонија соработува со Балканската истражувачка репортерска мрежа – БИРН Македонија Проектот е финансиран од ЕУ.