Вести

Кочо Анѓушев на американската црна листа

Стејт департментот му забрани влез во САД

Соединетите Американски Држави, денеска го ставија на својата црна листа бизнисменот и поранешен заменик-премиер Кочо Анѓушев, што практично значи дека нему му е забранет влез во САД.

Забраната важи и за членовите на неговото семејство.

„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби службената положба во корист на неговите деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и јавни процеси“, пишува во соопштението на Стејт департментот.

Анѓушев ја извршуваше вицепремиерската функција во период од 2017 до 2020 година, во владата предводена од Зоран Заев, како премиер.

Поранешниот вицепремиер неодамна беше актуелен поради контроверзната судска одлука во случајот во кој тој ја тужеше за клевета Истражувачката репортерска мрежа. Тужбата се однесуваше на документарецот на ИРЛ, „Заговор против воздухот“.

Анѓушев e сопственик и управител на групацијата „Феро инвест“ и на фабриката „Брако“.

„Призма“ во неколку наврати го истражуваше работењето на Анѓушев како бизнисмен и како вицепремиер. Летото 2017 година објавивме истражување за неговото партнерство со фирма од Белизе во бизнисот со мали хидроцентрали, стануваше збор за мистериозна компанија од тропските краишта, чии траги водеа до поранешниот прв човек на Советот на Општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Здравев.

По објавувањето на веста дека Анѓушев е на црната листа тој се јави со реакција дека нема основа да се ограничува неговиот влез во САД и дека ќе ја обжали одлуката.

„Во текот на мојот мандат во Владата работев со целосно почитување на сите закони и уставни одредби на државата, и во интерес на македонската економија и на демократските принципи на кои почива нашата земја. Четири години по моето самоиницијативно повлекување од Владата, нема никаков судски процес за било кој сегмент од моето работење, од причини што за тоа нема никакви основи“, вели Анѓушев во реакцијата.

Следната година го објавивме откритието дека фирма во која малцински сопственик е Анѓушев ќе земе 160.000 евра од државата, во вид на поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој. Проблематично во овој случај беше тоа што Анѓушев се наоѓаше на двете страни од процесот и како еден од промоторите на оваа економска политика и како нејзин краен корисник.

По силниот притисок во јавноста, фирмата се откажа од финансиската поддршка од државата.

„Одлуката за поранешниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев и неговото семејство е уште еден доказ дека САД ќе продолжат да санкционираат корумпирани актери во земјата и регионот, без оглед на нивната позиција, политичка поврзаност или времето кога се направени злоупотреби“, изјави амбасадорката Ангела Агелер.

„Ќе следуваат и нови одлуки, но факт е дека нашите напори и санкции не можат да ја решат епидемијата од корупција во Северна Македонија. На крајот,  властите и граѓаните се тие што мораат да бараат отчет и промена“, додаде таа.

На американската црна листа, во ноември годинава „влегоа“ рускиот бизнисмен што престојува во Македонија, Сергеј Самсоненко, и неговата сопруга. Тогаш, забрана за влез во САД доби и мајката на Орце Камчев, Ратка. Камчев од поодамна е на овој список, како и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, експремиерот Никола Груевски и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

На оваа листа е и скопската компанија „Сајтрокс“, која го изработува шпионскиот софтвер Предатор, кој во повеќе наврати, разни држави го користеа за нелегално следење политичари и новинари.