Вести

Јавното обвинителство отворило предистражна постапка за „Казандол“

Обвинителството бара дополнителни докази за начинот на кој е издадена концесијата за експлоатација на бакар во рудникот Казандол | Фото: Веб-страница на Сардич

Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отворило предистражна постапка во која се бараат дополнителни докази за начинот на кој е издадена концесијата за експлоатација на бакар во рудникот Казандол, дознава БИРН од извори во ова обвинителство.

„Побарано е од МВР да преземе одредени дејствија и активности во насока на обезбедување на докази и утврдување на одредени околности наведени во кривичната пријава во врска со овој случај. Потоа Јавното обвинителство ќе одлучи дали предистражната постапка ќе доведе до отворање на истрага“, велат од Јавното обвинителство.

Оваа кривична пријава за која што пишуваше БИРН, е поднесена на почетокот на јануари годинава, и се однесува на „основано сомнение дека група од повеќе сторители се здружиле со цел на незаконски начин да овозможат компанијата Сардич МЦ противправно да добие Договор за експлоатација на бакар, злато и сребро“.

Во пријавата се наведени низа недоследности во водењето на постапката.

БИРН објави и дека државата има правна основа да го раскине Договорот за концесија за експлоатација на бакарна руда со компанијата Сардич МЦ бидејќи еден член од Договорот не бил исполнет во предвидениот рок, но засега од Владата нема конкретни чекори во оваа насока.

На пример, дека одлука да се спроведе Стратегиска оценка за влијание врз животната средина, којашто е анализа на влијанијата врз животната средина, животот и здравјето на луѓето, Министерството за транспорт и врски донело на 13 март 2015 година, што е речиси две недели по потпишувањето на Договорот за концесија, а Нацрт извештајот за оваа стратегиска оценка бил готов само по три дена од донесувањето на одлуката и бил ставен на увид на јавноста на веб страницата на министерството.

Потоа, во кривичната пријава пишува дека компанијата Сардич МЦ ги завршила геолошките истражувања на локалитетот во нереално краток период од 10 месеци, што според подносителот е причина за „основано сомнение дека Сардич МЦ веќе имал податоци од претходни геолошки истражувања за овој локалитет, кои можел да ги има само Геолошкиот завод на Македонија“ и дека сите потребни документи, како Државната урбанистичка планска документација, Стратегиската оцена, Студијата за оценка на влијание врз животната средина и Договорот за концесија за експлоатација се донесени спротивно на Просторниот план на Република Македонија.

БИРН објави и дека државата има правна основа да го раскине Договорот за концесија за експлоатација на бакарна руда со компанијата Сардич МЦ бидејќи еден член од Договорот не бил исполнет во предвидениот рок, но засега од Владата нема конкретни чекори во оваа насока.