Истражувањa

Песочна треска ги разјадува реките

Песокот се лизга низ процедурата и низ нејзините дупки

Како бомба да паднала среде река. Поточно, како локацијата да била цел на „тепих“ бомбардирање, со што идиличен земјоделски крај во чија средина тече реката Пчиња се претворил во пејзаж, на кој може да се постави сцена за снимање рововска битка од Првата светска војна.

Вака изгледаат повеќе локации покрај Пчиња во околината на селата Горно, Средно и Долно Коњари. Само пред две години ова беше идиличен земјоделски крај со квадратести обработени земјоделски парцели и река обрасната со шума. Сателитските мапи на Гугл го покажуваат тоа. Место како за мирна пензија.

Денес шумата е исечена, коритото е поделено и проширено, а реката поместена стотина метри. Целиот простор е прекопан. Тоа се должи на ископот на песок и на чакал, што го прави АД „Водостопанство“ со образложение дека го подобрува режимот на води заради заштита од поплави.

Дали морало таму да се копа? Тоа е дискутабилно. Сигурно е само дека носи пари. Истражувањето на БИРН покажа дека „Водостопанство“ ги користи системските слабости за да ги зголемува своите приходи од продажбата на речен песок и чакал, а од тоа профит остваруваат и приватните фирми што работат на теренот.

Има спреги меѓу дел од фирмите што прават проекти за уредување речни корита (со кои се предвидува отстранување десетици илјади кубни метри материјал) и фирмите што им вршат ревизија. Во „Водостопанство“ сѐ уште работи поранешниот в.д. директор против кој пред повеќе од една година е поднесена кривична пријава токму поради договори за продажба на песок.

За сето тоа време, Министерството за животна средина ѝ издава дозволи за копање на државната компанија, а Инспекторатот за животна средина поднесува прекршочни пријави за кои нема пресуди. Жителите на поголем број села се креваат на протести, а државните ревизори очекуваат да се постапи по нивните наоди дека се злоупотребуваат правата за експлоатација на песокот.

Разрешен од одбор, вработен како раководител

Ископувањето песок врзува многу интереси| Фото: БИРН

Митко Костадинов е името што жителите на Горно и на Средно Коњари најчесто го споменуваат кога зборуваат за активностите на „Водостопанство“ и на неговите партнери во коритото на реката Пчиња околу селата. Костадинов беше назначен за член на одборот директори на државната компанија во август 2017 и на таа функција остана до мај 2018 година, кога Владата го разреши.

Тој е едно од лицата за кои премиерот Зоран Заев неколкупати рече дека се функционери именувани од неговата влада, за кои се водат истраги за корупција и за несовесно вршење на функциите.

Првпат Заев го најави тоа во Будва во ноември 2017 (само три месеци по назначувањето на директорите). Потоа во мај 2018 година, во ТВ-интервју Заев рече дека „неколку функционери веќе летнале зашто неетички ги вршеле функциите“, а меѓу нив го спомена и в.д. директорот на „Водостопанство“.

МВР ја поднесе кривичната пријава против Костадинов и уште 11 лица на 24 септември 2018. Го товареше дека дел од договорите што тој ги потпишувал како овластено лице за продажба на песок и чакал биле направени спротивно на Законот за јавни набавки.

Од МВР велат дека нивната работа во случајот завршила со поднесувањето на пријавата, а од Обвинителството нема одговор како се постапило. Заев, кој токму преку овој случај ја илустрираше неселективноста на неговата влада во борбата против корупцијата, пак, во мај годинава рече дека поради „неговата транспарентност“ биле блокирани истрагите за двата случаи, од кои едниот е токму за Костадинов .

„Намерата беше да одат во затвор доколку се комплетираат постапките, но во најмала рака се разрешени“, рече Заев. 

Костадинов веќе не е овластен за продажба на песок. Таа функција во „Водостопанство“ ја врши Андреа Најденовски. Но, тој  по разрешувањето се вработил во „Водостопанство“ како раководител на подружниците.

Тој вели дека неговото отстранување од функцијата не било поради несовесно работење, туку поради обичен конфликт на интерес – не можел да биде и член на одборот и вработен во истото претпријатие.

„ Институцијата беше тука, ние ги дадовме сите документи што ги побараа. Што се случи понатаму, не знам. Ниту ме повикале на разговор во Обвинителството, ниту сум бил на судење“, вели Костадинов за БИРН.

Меѓу спорните договори потпишани од Костадинов е и тој за ископување песок во атарот на Долно Коњари, во март минатата година. Постапката била спроведена без тендер, а била оправдана со итноста, односно дека требало што побргу да се отстрани наносениот материјал од реката затоа што се очекувале неповолни временски услови во кои таа би можела да се излее и да ги поплави земјоделските површини.

Жителите на Коњари, кои неколкупати организираа протести против ископувањето, раскажуваат дека разрешениот в.д. директор повремено доаѓал во селата за да разговара со нив во име на „Водостопанство“. Им велел, меѓу другото, дека компанијата мора да заработува пари за да им дава плати на вработените, и дека треба да имаат разбирање за тоа.

„Еднаш ни рече дека ако потпишеме петиција, ќе ги раскине договорите за ископување. Собравме потписи, но ни одговори дека не мислел така, туку дека треба да му доставиме нотарски заверени изјави“, вели Раде Спасевски, претседател на месната заедница во Горно Коњари.

Костадинов одговара дека тоа е манипулација – им побарал на жителите нотарски изјави дека самите ќе си преземат одговорност ако реката се излее и нема да бараат отштета од „Водостопанство“.

Сѐ е во согласност со процедурата и со нејзините дупки

Сателитските снимки ја покажуваат разликата на теренот | Фото: Google Earth

Најденовски, кој ги презел обврските околу песокот од Костадинов, во разговор за БИРН делумно се согласи со зборовите што неговиот колега им ги кажал на жителите на Коњари. Претпријатието црпи песок за да заработи пари. Минатата година заработиле околу 40 милиони денари, што биле 15 отсто од вкупниот приход на претпријатието.

„Ние сме акционерско друштво во државна сопственост, што значи дека треба самите да се погрижиме за да си обезбедиме приходи. Го правиме тоа што мораме и што е потребно да се направи. Не сме ние виновни што не нѐ формирале како јавно претпријатие, па да добиваме помош. А ако некаде не требало да црпеме песок, Министерството не требало да ни даде дозвола, но ни дало, според проектите што сме ги поднеле“, вели тој.

Револтиран од бројните реакции за работата на претпријатието околу ископувањето на песокот, тој вели дека е подготвен на секого, во секое време да му докаже дека тие само сакаат да воведат ред во област во која многу години владеел хаос.

„Мислите дека сепарациите ќе затворат ако ние престанеме да чистиме корита? Нема, туку фирмите ќе продолжат да копаат на диво“, истакнува Најденовски.

Во тоа го поддржа и Костадинов. Како што рече тој – сѐ што направило претпријатието било „легализирање“ на дивото копање песок, со што на компаниите што се занимаваат со оваа дејност им овозможиле регуларно, со проекти и со контрола, да копаат во реките и притоа да ја подобруваат нивната проточност.

Дека комерцијалниот интерес натежнува кога „Водостопанство“ одлучува како ќе спроведе заштита од поплави, покажува и една споредба во извештајот на Државниот завод за ревизија. Според наодите, во периодот од 2012 до 2017 година биле издадени 66 дозволи за уредување речни корита, од кои 39 на „Водостопанство“, а 21 на општините. Во ниту еден проект што го спровеле општините не било предвидено отстранување и продавање на песокот, додека тоа било вообичаено во проектите на компанијата.

Главната економска дејност на „Водостопанство“, инаку, е да управува со системите за наводнување и да наплаќа за да ги обезбедува земјоделските посеви со вода. Одржувањето на проточноста на речните корита му е обврска со која тоа треба да придонесе за заштита од поплави, а не да ја претвори во комерцијална дејност. Ако некаде има вишок наноси, песокот ќе се извади.

Андреа Најденовски убедува дека претпријатието ги запазува сите процедури кога црпи песок. Не ги запазува само оние што не постојат, како на пример постапката за определување каде треба да се копа. По правило ризичните точки треба да се определат со оперативни планови за заштита од поплави што ги прават општините, но такви планови има многу малку. За делот од Пчиња покрај Коњари, на пример, нема. Но, се копа на повеќе места.

Во отсуство на оперативни планови, компанијата сама одлучува кои места се ризични.

„Имаме колеги што одат и гледаат каде има наноси. Примаме барања и поплаки од локални жители што бараат да ги заштитиме. Гледаме каде имало излевања во минатото“, објаснува Најденовски.

За апокалиптичните пејзажи на местата каде што се уредуваат коритата, тој вели дека не била целта тие така да останат, туку откога ќе се направат насипите, да се покријат со земја и да се остави природата полека да се врати во нормална состојба. Но, протестите на жителите и инспекциските контроли ги спречувале да ги завршат проектите за да се види каков е крајниот резултат.

Дека нема јасни критериуми за избор на локации за црпење потврдил и Државниот завод за ревизија во посебен извештај, во кој се вели дека Министерството за животна средина не испраќало свои луѓе на местата за да проверат дали навистина има потреба да се копа. Оваа пракса се сменила во последнава година.

Како одговорно за речните корита надвор од населените места, „Водостопанство“ одлучува и на кој начин, со какви зафати ќе ја обезбеди проточноста и заштитата од поплави. Вадењето песок е само една од можностите што му се на располагање, но таа редовно се избира. Така, наместо да дава пари, тоа ќе земе. Песокот, како минерална суровина и јавно добро во сопственост на сите граѓани, е капиталот со кој се финансира оваа обврска на компанијата.

Клучен документ со кој се определува колку песок ќе се извади е проектот за уредување на коритото. На еден километар северно од Горно Коњари е утврдено дека треба да се отстранат речиси 62 илјади кубни метри. Тоа се 4.130 камиони (просечниот капацитет на киперите што се користат во оваа дејност е 15 кубици), доволно за да ја покријат целата делница меѓу Скопје и Куманово од 33 километри, ако се наредат еден зад друг. И ова не е ни од далеку најголемиот проект.

Проектите ги прават лиценцирани проектантски фирми, а други овластени фирми треба да им извршат ревизија, па двата документа заедно да се поднесат до Министерството за животна средина со барањето дозвола за ископување. Во најмалку два проекта има случаи на спрега во која една фирма направила проекти и предвидела да се извадат десетици илјади кубици песок, а ревизија и извршила фирма регистрирана на истата адреса, со која делат дел вработени.

„Фирмата што ќе биде ангажирана да направи проект е должна да си обезбеди ревизија. Нормално, не може самата себе да си го ревидира проектот. Но, тоа е нејзина одговорност, не наша“, вели Коста Малзарков од „Водостопанство“.

Се бара „казандолско“ решение

Жителите на повеќе места, меѓу кои и на Коњари, протестираат против ископувањето песок | Фото: БИРН

Во меѓувреме, во повеќе региони во земјава има протести на локални жители поради црпењето на песокот од реките во близина на нивните села. Речиси секаде обвинувањата се исти – дека заштитата од поплави е само параван.

Коњари е само еден таков пример. Во трите села живеат луѓе од различни етнички заедници – Македонци во Горно, Бошњаци во Средно и Албанци во Долно Коњари. Тоа е единствената разлика меѓу нив. Многу повеќе работи ги спојуваат, како земјоделскиот живот, зависноста од водата и од реката, бучавата и немирот што им ги создава механизацијата за црпење песок, како и проблемите со спуштањето на подземните води, поради што, како што велат, крајот се претвора од плодно поле во пустина.

„Ако сега државата не застане зад нас, ние самите не можеме да се справиме со ова. Жителите се гневни, бараат протести, а сите знаеме дека протестот не носи рози и црвени килими, туку стресови и непријатности“, вели Раде Спасевски, првиот човек на месната заедница од Горно Коњари.

Кога ги посетивме, жителите на Средно Коњари со трактори ги чекаа луѓето од Горно Коњари да пристигнат за заедно да отидат на местото каде што се црпе песок. Протестите со трактори станаа вообичаен начин на изразувањето револт против оваа пракса.

„Во 1970-тите, кога нашите родители и предци се доселиле на ова место, водата била на еден метар под земјата. Сега одвај се наоѓа на седум метри“, рече Сенад Самиќ, претседателот на месната заедница од Средно Коњари.

Низ калливиот пат, жителите пристигнаа кај ископот, каде што со нанос од земја беше блокиран патот и не можеа да продолжат. Сопствениците на фирмата „Прогрес“ од Долно Коњари, која ги врши ископувањата на песокот во овој крај, стоеја од другата страна. Никој не се обиде да направи инцидент.

Во Горно Коњари проектот за уредување на коритото го доби „Генекс коп“, фирма формирана во 2016 година, која нема своја механизација, па ја ангажирала „Прогрес“ да ги изведува работите. Ревизорите утврдиле повеќе вакви случаи на предавање на работата на други фирми и нагласуваат дека тоа не е предвидено како можност во законот.

За неколку медиуми, претставниците на „Прогрес“, семејството Османовиќ изјавиле дека ги имаат сите потребни документи и договори да ја извршуваат работата. Со репортерот на БИРН не сакаа да разговараат, по барањето коментар за тоа дали нивната работа ја уништува животната средина покрај реката. Жителите, пак, не ги интересираат договорите, сакаат да се спроведе нивната волја и имаат пример за тоа.

„Постојано тие велат дека имаат договор. Па, договор имаше и за рудникот Казандол. Но, државата кога виде дека народот цврсто стои против отворањето на тој рудник, го раскина договорот. Што сме ние помалку од луѓето во Казандол? Ние тука трпиме штета, најмалку пет села. Водата ја губиме, дупки се прават во кои може некое од нашите деца да се удави. Плодната почва се губи засекогаш. Што ако има договор, кога тој е штетен? Државата има начини да го направи тоа што треба, ако сака“, револтирано вели еден од повозрасните жители на Средно Коњари, Амид Азировиќ.

Градежната експанзија ќе го изеде песокот

Квалитетот има цена – и пазарна, и еколошка | Фото: БИРН

Црпењето на песокот од речните корита е показател дека деталните урбанистички планови, со кои се овозможи голема градежна експанзија во Скопје и во други градови, не ја нарушија животната средина само во урбаните средини (каде што најчесто го изедоа зеленилото и го задушија просторот), туку и далеку од нив во идиличните крајречни села.

Научни истражувања покажуваат дека токму песокот покрај водните површини (реки, езера, мориња) е најпогоден за употреба во градежништвото, поради што овој материјал масовно го снемува во целиот свет.

Во светот има многу песок, но тој е во пустините. Таму поради ерозијата од ветрот, зрнцата песок стануваат мазни и се непогодни за врзување со цементот и правење бетон. Во крајбрежните зони, поради ерозијата од водата, пак, зрнцата се рапави и создаваат многу поцврст бетон. Ова е причината зошто на пример Саудиска Арабија, земја што е 95 отсто пустина, увезува песок од Шкотска и од Австралија за својата градежна индустрија.

Светската глад за песок ја загрозува и реката Меконг, која тече низ Виетнам и Камбоџа, создавајќи едно од најважните подрачја за глобалниот биодиверзитет. По 50 милијарди тони се ископуваат секоја година.

Колку е квалитетен речниот песок, особено тој од Пчиња, добро знае и Живко Наќевски од Горно Коњари, кој по повеќе децении работа на градилишта, се обидува да ужива во пензионерските денови во селската куќа. Барем кога камионите полни со песок не поминуваат покрај неа.

„Песокот за бетонирање е најубав од тука. Тој се употребуваше за бетонските костури на зградите“, вели Наќевски.

Квалитетот на песокот од Пчиња резултираше со тоа да, на потег од петнаесетина километри меѓу Катланово и Горно Коњари, песок се вади на пет места, од кои на две под назнака дека се  „проекти за подобрување на проточноста на реките“.