Истражувањa

Приказна за неказнето воено злосторство: „Госпоѓо, морам да ве убијам“

Убиството на една постара Србинка во Хрватска, извршено во 1991 година, и покрај сведочењето на очевидците и првичното признание, остана неказнето

Врачариќ почина во 2008 година, во дом за стари и хендикепирани лица, недалеку од Вуковар, додека Ќибариќ живее во Вараждинске Топлице, мал град во северозападна Хрватска. Тој повремено се појавува на хрватската телевизија на годишнината од падот на Вуковар, како персонификација на жртвата на Хрватите од овој град, кој пред да падне во рацете на силите на Белград, беше држен под тримесечна разорна опсада.

На 14 септември 1991 година, српските сили ги убиле родителите и братот на Ќибариќ, кој поминал девет месеци во српско заробеништво, каде бил подложен на ужасна тортура.

Во Србија, тој бил осуден од воен суд, откако признал дека убил пет цивили од Борово Насеље во 1991 година, меѓу кои и Милица Врачариќ. Во август 1992 година, Ќибариќ бил разменет за српски затвореници, по што се нашол на слобода.

Бидејќи Хрватска не ги признава одлуките на југословенските воени судови, одговорните за убиството на Милица Врачариќ, никогаш не беа процесирани.

Од документите до кои БИРН дојде во своето истражување, се заклучува дека за овој случај, во Хрватска, не е спроведена независна истрага, иако во изминатата деценија, на државните институции постојано им е укажувано што се случило.

Во телефонското интервју за БИРН, Ќибариќ ја негираше одговорноста за злосторствата, велејќи дека неговото признание за петте убиства дадено пред 27 години, било дадено под тортура.

„Кога некој ве тепа на секои 15 минути и ви вели да признаете, тогаш, во одреден момент, вие попуштате и кажувате сè што сакаат да слушнат, иако не сте виновни“, ни рече Ќибариќ.

Реконструкција на военото злосторство

Напуштеното засолниште Обуќара, во фабричкиот комплекс Борово, од кое во 1991 година, биле земени Милица и Драгоjуб Врачариќ. Фото: Хрвоје Шимичевиќ

За другите четири убиства на цивили од Борово Насеље, таа вечер во ноември 1991 година, очевидци нема, но благодарение на сведочењето на сопругот на Милица Врачариќ, Драгољуб, и на неколку други сведочења дадени во судски постапки, можно е детално да се реконструираат околностите во кои Милица била убиена.

Еден ден пред нејзиното убиство, на 15 ноември 1991 година, брачниот пар Врачариќ дошле во големото засолниште што го поставиле хрватските власти во комплексот на фабриката за обувки, Борово.

Во тоа време, Вуковар, кој беше три месеци под опсада на единиците на Југословенската народна армија (ЈНА), на локалните востанички Срби и на доброволците од Србија, веќе бил разурнат. Пред падот на градот, сосед го повикал Драгољуб да дојде со него во засолништето Обуќара.

Нивниот сосед, Хрват по националност, со кого Милица и Драгољуб биле во добри односи, се надевал дека тие ќе бидат побезбедни во засолништето, во кое имало околу 2.000 цивили, претежно Хрвати. Повеќето Срби веќе го биле напуштиле Вуковар.

На 16 ноември, околу 16.00 часот, на брачниот пар Врачариќ им пришло лицето Мартин Саблиќ. Драгољуб и Милица не знаеле кој е тој. Од соседите дознале дека тој е еден од командантите во засолништето.

Саблиќ му ја вратил личната карта на нивниот сосед, Хрват, а ним им рекол да тргнат кон трпезаријата. Таму, по наредба на Саблиќ, ги претресле Никола Ќибариќ и Бартол Домазет. Од Драгољуб зеле 52.000 југословенски динари и 100 германски марки, додека на Милица ѝ го зеле лекот за дијабетес што таа го користела.

Според исказот, што Драгољуб го дал на иследниците во Белград, истата вечер Ќибариќ им реколе да ги соберат своите работи и да тргнат по него, објаснувајќи им дека ќе одат во друго засолниште.

Откако поминале околу 500 метри, возачот, на барање на Ќибариќ, го запрел возилото спроти железничката станица во Борово Насеље. Тие потоа пеш ја поминале железничката пруга и во близина на автобуската станица, Ќибариќ ги запрел и им стрелал во грб.

По некое време, тешко ранетиот Драгољуб се освестил, дошол до својата сопруга и видел дека е мртва. Потоа се упатил дома. Попат, го сретнале војници на ЈНА, кои му пружиле прва помош.

Потоа бил пренесен во болница во градот Сомбор, во Србија, каде имал две операции. Од медицинската документација се гледа оти еден куршум му поминал низ вилицата и десното око, додека два куршуми останале во неговото тело.

По еден месец, откако закрепнал, дал исказ. Иако тој и Никола Ќибариќ со децении живееле во Борово Насеље, Драгољуб лично не го познавал човекот кого го обвинил дека тешко го ранил и ја убил неговата сопругата, туку како сторител го идентификувал од видео-снимка.

Ќибариќ бил заробен ноќта на 18 ноември, два дена по смртта на Милица Врачариќ. Заедно со уште неколку стотици хрватски бранители од Вуковар, го одвеле во логорот Бегејци, во Србија, од каде потоа бил префрлен во логорот во Сремска Митровица.

Командантот на засолништето Обуќара и припадник на 204-тата бригада на хрватската војска, Мартин Саблиќ, се предал заедно со неговиот заменик и припадник на 3-тата бригада, Бартол Домазет, кој со Ќибариќ ги претресувал Драгољуб и Милица.

Анте Врањковиќ, човекот кој сам признал дека ги возел Ќибариќ и Врачариќ до железничката станица, исто така, се нашол во српско заробеништво. Припадниците на хрватската војска кои не завршиле како затвореници во Србија, биле однесени во земјоделската задруга Овчара, пет километри одалечена од Вуковар. Помеѓу 20 и 21 ноември 1991 година, ЈНА, српските паравоени сили и локалните Срби од Вуковар, убиле меѓу 200 и 270 разоружани и ранети војници и цивили, повеќето од нив Хрвати.

„Нема да не убиеш, зарем не?“

Никола Ќибариќ и хрватската претседателка, Колинда Грабар Китаровиќ

Во исказот што им го дал на југословенските воени иследници на 15 јануари 1992 година, Никола Ќибариќ ги детализира настаните кои довеле до убиството на Милица Врачариќ.

Тој, од летото 1991 година, трагал по своите родители, и двајцата хрватски државјани. 70-годишниот Мика и 62-годишната Сесилија Ќибариќ, кои исчезнале на 14 септември, за време на офанзива на ЈНА и на српските војници.

Истиот ден, во Борово Насеље, бил убиен и неговиот брат, припадник на хрватската војска, Антун Ќибариќ. Подоцнежните истраги откриле дека неговите родители прво биле приведени, а потоа и убиени од страна на локални Срби.

Ќибариќ, во октомври 1991 година, ѝ се придружил на хрватската војска, а неговото прво оружје, калашников, му било доделено на 16 ноември, денот кога била убиена Милица Врачариќ.

Според сведочењето на Ќибариќ и на другите хрватски војници, Милица и Драгољуб станале „сомнителни“ за време на претресот во засолништето Обуќара. Освен парите, Ќибариќ, како што самиот изјави, во футролата за очила на Драгољуб, видел знак, 4 букви С на кирилица, кој за време на војната се сметал за симбол на српскиот национализам.

Но, Врачариќ изјави оти во футролата пишувало СССР на кирилица и дека таа му била подарок од неговиот син Живојин, поранешен професионален играч на одбојка, купен во Русија.

Втора работа поради која војниците станале сомничави, била фотографијата на Живојин, која се наоѓала во паричникот на неговиот татко. На сликата, тој имал брада, а таа, во 1990-тите години, била симбол на четниците.

Во исказот што Ќибариќ го дал пред истражниот обвинител на белградскиот воен суд на 15 јануари 1992 година, тој ја открил точната локација на убиството, додавајќи детали на кои дури и Драгољуб Врачариќ не се сеќавал.

Пред Ќибариќ да испука шест или седум куршуми во нив, Милица Врачариќ го прашала: „Сине, нема да нè убиеш, зарем не?“.

Ќибариќ ѝ одговорил: „Госпоѓо, морам да ве убијам“.

Иако го призна злосторството, Ќибариќ, до крајот на судењето тврдеше дека тоа било директна наредба на командантот на засолништето, Мартин Саблиќ. „Ги убив затоа што се плашев дека ако одбијам да ја извршам задачата, тие ќе ме стрелаат“, рече Ќибариќ пред воениот судија во Белград.

Сабилиќ, пак, го негираше ова тврдење, велејќи дека Ќибариќ ги уби цивилите, како одмазда за смртта на неговите. Домазет и Врањковиќ сведочеа дека Ќибариќ подоцна им кажал за убиството на Драгољуб и Милица, но оти тие не учествувале во тоа.

Денес, Ќибариќ го негира злосторството, иако признава дека учествувал во претресувањето на брачниот пар Врачариќ, велејќи дека тоа била безбедносна процедура, низ која морале да поминат сите во засолништето Обуќара. На футролта за очила и на знакок ‘4 С’, не се сеќава.

„Брачниот пар Врачариќ од Обуќара, замина во блиското засолниште наречено Бела куќа. Не знам што се случило со нив после тоа. Сè што знам е дека ние никого од Обуќара не зедовме за да го стреламе“, ни рече Ќибариќ.

Во својот исказ даден 1992 година, тој вели дека откако ги убил Драгољуб и Милица, се вратил во Обуќара, и оти истата вечер однел луѓе во Бела куќа. Еден хрватски војник, кој бил во Бела куќа, на судењето изјави оти слушнал дека Ќибариќ од Обуќара одвел неколку лица и дека тие „никогаш не се вратиле“.

Мартин Саблиќ, кој во меѓувреме почина, во своето сведоштво од 14 јануари 1992 година, потврди дека Ќибариќ го одвел брачниот пар и оти во засолништето се зборувало дека „оваа брачна двојка е убиена“. Во текот на оваа постапка, Врањковиќ на воените иследници на 30 јануари 1992 година, им изјавил дека со Ќибариќ одвезол „две постари лица, маж и жена“ на  железничката станица и дека Ќибариќ подоцна му рекол оти ги убил.

Кога сега го прашавме за сведочењата на другите сведоци и за деталите од  неговото сведочење, како што е точната локација на убиството, Ќибариќ ни одговори дека сето ова е „100 процентна лага“, повторувајќи дека ги признал убиствата бидејќи бил измачуван.

Тој додаде дека не знаел за наводите на преживеаниот Драгољуб Врачариќ. „Колку што се сеќавам, тие го обвинија Саблиќ, не мене“, ни рече тој, иако на судењето беше прочитано сведочењето на Врачариќ, во кое тој како сторител го именува Ќибариќ. Во јуни 1992 година, белградскиот воен суд им изрече смртна казна на Ќибариќ и Саблиќ, а на другите именувани учесници, долги затворски казни. Судот утврди дека Саблиќ ги наредил убиствата.

Сите обвинети беа осудени и за вооружен бунт против Југославија. Меѓународната организација, Амнести Интернешнл, протестираше поради смртната казна, изразувајќи сомнеж дека признанијата биле дадени како резултат на насилно испрашување.

Кога се одржаа жалбените расправи, дел од затворениците ги повлекоа своите претходни признанија, тврдејќи оти ги дале бидејќи биле измачувани. Сите, освен Ќибариќ, ја негираа вмешаноста во убиствата.

Два месеци по пресудата, Хрватска и Србија се договорија да разменат затвореници. Ќибариќ и другите, на 14 август 1992 година, беа вратени во Хрватска. Ќибариќ подоцна со медиумите разговараше за смртта на неговите родители и братот, како и за тортурата што ја претрпел откако бил фатен. Бидејќи Хрватска не ги признава пресудите на југословенските воени судови, жртвите на злосторството беа заборавени.

Поплаки до претседателот

Богдан Лукиќ, на местото на кое е убиена неговата сопруга, Ана, во 1991 година. Фото: Хрвоје Шимичевиќ

Драгољуб Врачариќ го повтори своето сведоштво во 2006 година, кога против Република Хрватска беше поднесена граѓанска тужба, од семејството на убиената Ана Лукиќ, Хрватка која била во брак со Србин.

Во 1992 година, Ќибариќ, го признал и убиството на Лукиќ и ја открил точната локација на злосторството. Нејзиното тело беше пронајдено на околу 30 метри од Милица Врачариќ. Според неговото сведоштво, главниот мотив за убиството биле југословенски воени записи во кои биле вклучени нејзиниот сопруг и синовите, кои биле пронајдени кај Лукиќ, при претрес во засолништето. Работната колешка на Лукиќ, Олга Гедошевиќ, во 2006 година сведочеше на судењето и изјави оти видела кога Ќибариќ ја извадил Лукиќ од засолништето.

Сопругот на Лукиќ, Богдан Лукиќ, кој го познавал Ќибариќ од пред војната, се сеќава дека во 1992 година, во судницата во Белград, го прашал зошто ја убил неговата сопруга. „Ми одговори оти не знаел дека таа е моја сопруга. Потоа ми рече дека морал да ја убие, затоа што му било наредено да го стори тоа. Истакна дека во спротивно ќе го убиеле“, вели, Богдан Лукиќ, за БИРН.

Ќибариќ за БИРН изјави дека не се сеќава на разговорот и дека нема никаква врска со убиството на Ана Лукиќ.

Основа за судската постапка во 2006 година, беше законската одредба според која семејствата на жртвите може да бараат обесштетување од Република Хрватска, ако сторителите биле припадници на хрватската војска. Но, семејството на Лукиќ го изгуби случајот, со образложение дека настапила застара за барањето за отштета. Иако судењето не се осврна на вината или невиноста на непосредниот сторител, судот нагласи дека верува во сведочењата на Драгољуб Врачариќ и Олга Гедошевиќ, во кои тие го именуваа Ќибариќ.

На прашањето зошто не поднеле кривична пријава против сторителите пред да покренат тужба против Хрватска, Богдан Лукиќ одговори дека нивните адвокати сметале оти можат да победат во постапката, без да биде осуден непосредниот сторител. Втората причина беше фактот дека Драгољуб Врачариќ не сакал да учествува во поднесувањето на кривична пријава.

„Тој се плашеше дека нешто ќе му се случи како Србин во Хрватска. На него и на другите членови на семејството. Се сеќавам дека во 1999 година, јас предложив заедно да поднесеме пријава, но тој не сакаше. Тој сакаше да живее мирно, до крајот на животот“, се сеќава Лукиќ.

Синот на Драгољуб Врачариќ, Живојин, даде сличен одговор: „По војната, татко ми живееше во Вуковар (со мнозинство хрватско население) и не сакаше проблеми. Не сме зборувале многу за тоа, но тој ми рече дека Ќибариќ ја уби мајка ми. Побара од мене да му ветам дека нема да направам ништо додека е жив“, вели за БИРН, Живојин Врачариќ, кој го пронашол и погребал телото на неговата мајка, седум дена по нејзиното убиство.

Драгољуб Врачариќ почина во 2008 година. Две години подоцна, на претставниците на политичките раководства на Хрватска и на Србија, им беше раскажана приказната за убиството на Милица Врачариќ.

Живојин Врачариќ беше меѓу групата семејства на цивилните жртви од војната, кој во 2010 година се состана со тогашната хрватска премиерка, Јадранка Косор, со претседателите на Хрватска и на Србија, Иво Јосиповиќ и Борис Тадиќ и нивните советници. Тоа, по завршувањето на војната, беше најсериозната иницијатива на двете држави за размена на информации за убиените и исчезнатите лица од обете страни и за потенцијалните сторители на овие злосторства.

„Кога дојде на мене ред да зборувам, им реков дека мојата приказна е наједноставна“, нагласува Врачариќ. „Им кажав дека, за разлика од изјавите на претставниците на другите жртви, сторителот во овој случај е познат. Тогаш им го кажав името на Ќибариќ“, вели Живојин, кој за убиството на неговата мајка најмалку три пати зборувал на слични состаноци со хрватските власти.

„Претседателот, Иво Јосиповиќ, ме покани мене и неколку други членови на семејствата на жртвите, во неговата канцеларија на состанок. Му го дадов сведочењето на татко ми и му реков оти се надевам дека ќе стори нешто“, додава тој.

Поранешниот претседател, Јосиповиќ, за БИРН вели оти не се сеќава на поединечните случаи, бидејќи поминало доста време. „Ако господинот Врачариќ дал конкретни информации за злосторството за време на нашата средба, за што немам причина да се сомневам, тогаш белешката е рутински испратена до државното обвинителство. Исто така, ако некој доставил докази, и тие биле доставени до државниот обвинител“, ни рече Јосиповиќ.

На слични состаноци во последните пет години, Богдан Лукиќ, двапати разговарал со хрватските владини претставници, задолжени за исчезнатите лица. Последен пат, во 2018 година, кога и тој го именувал Ќибариќ.

„Хрватскиот владин претставник само одговори дека Србите во Вуковар ги убиле и неговите родители“, истакнува Лукиќ, додавајќи дека после тоа ништо не се случило.

Во 2011 година, името на Ќибариќ беше на српскиот список на хрватски државјани, осомничени за воени злосторства, по кои Белград издаде потерница. Хрватска одби да соработува.

„Хрватски војник никогаш не убива цивили и беспомошни стари мажи и жени. Дури сме им помагале и на ранетите непријателски војници’, нагласи Ќибариќ во изјавата за медиумите во 2011 година, откако три години претходно, Србија ја извести Хрватска дека води истрага против 44 хрватски државјани, меѓу кои и Ќибариќ.

Тој за БИРН изјави дека во 2016 година разговарал со „белградските иследници“ во Осиек, но дека оттогаш никој не го контактирал.

Од српското обвинителство за воени злосторства не ни одговорија на прашањето, дали Ќибариќ е под истрага, со образложение дека таквите информации се тајна.

БИРН, на 18 октомври оваа година, по електронски пат побара и од хрватското обвинителство, одговор на прашањето, дали некогаш во Хрватска е покрената истрага за Ќибариќ, како и истрага за воените злосторства над Милица Врачариќ и Ана Лукиќ.

На ниту едно од прашањата, досега не добивме одговор.

Овој текс е дел од грантот на програмата на БИРН-Балканска транзициска правда, поддржана од Европската комисија.