Први август 2017 година беше ден за прослава и ветувања. Тогашните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов го славеа потпишувањето на Договорот за пријателство со ветувачки пораки. Одлучивме да гледаме на чашата како полуполна, а не како полупразна, рече Заев, а Борисов направи и проекција за иднината – по 10 години, резултатите ќе бидат видни за двете држави.
На половина од рокот што го кажа бугарскиот политичар, пет години по потпишувањето на Договорот, главниот резултат е познат – Македонија е блокирана поради Бугарија.
Но, зад големата приказна се кријат и други помали, но еднакво значајни.
Енергијата што ја емитираше бугарската блокада во Брисел се спушти меѓу граѓаните од двете страни на границата во форма на нетрпеливост што на маргините од овие општества се манифестираше во омраза кон соседите. Актуелниот француски предлог за деблокада дополнително ги поларизираше двете јавности, посебно во Македонија каде има протести пред владата за отфрлање на понудата од Макрон коишто на социјалните мрежи повторно се придружени со нетрпеливост.
Бројките покажуваат дека и договорот и блокадата можеби не влијaеле толку врз односите на економско ниво, но, оние, освен на политичко и односите на меѓучовечко се во слободен пад.
Минувањето граница – намалено
БИРН побара од Министерството за внатрешни работи податоци за тоа колку вкупно граѓани ја минале границата меѓу Македонија и Бугарија. За споредба побаравме бројки од 2019 година, кога сѐ уште не беше воспоставена бугарската блокада на македонските европски интеграции и од минатата година, кога ковид-рестрикциите беа намалени, но не сосема исклучени.
Според тие бројки, во текот на 2019 година, речиси 2,84 милиони ја поминале македонско-бугарската граница, а во текот на 2021 година, таа бројка е нешто над милион, односно речиси за 1,8 милиони луѓе помалку.
Ако, пак, се земе месецот мај за споредба, исто така, може да се види дека има намалување. Имено, во 2019 година, кога немаше бугарска блокада, границата од двете страни ја поминале речиси 233 илјади граѓани. Овој мај, Бугарија ги укина сите рестриктивни мерки за ковид 19, па од тој аспект, условите за минување на границата се идентични како пред короната. Годинава, бројката на луѓе што ја минале границата е помала за околу 66.700 граѓани. Цел мај, од Македонија во Бугарија и обратно, патувале вкупно 166.225 граѓани.
Според податоците на МВР, во првите пет месеци од годинава, границата ја поминале вкупно 613.568 лица.
Воздржаност за туризмот
Бугарија е омилена дестинација на многу Македонци, особено во планинските ресорти, како Банско и Боровец, кои ги посетуваат и во текот на летото и зимата.
Сега некои агенции што продаваат аранжмани кај источниот сосед се соочуваат со напади и говор на омраза на социјалните мрежи каде што се повикува да не се оди на одмор во Бугарија поради нејзината политика кон Македонија.
Такви беа пораките под објавата на Фејсбук на туристичката агенција „Бисер пром“, која реагираше, наведувајќи дека се работи за реклама и дека сите грди, навредливи и политички коментари ќе бидат избришани и блокирани.
Билјана Јовановска од оваа агенција, за БИРН, вели дека засега не може да проценат како ќе се одвива туристичката сезона со Бугарија зашто скоро ја пуштиле понудата.
Тие организираат и превоз до бугарските туристички места и, според неа, има интерес од луѓе што сами си резервирале, а го користат само нивниот превоз дотаму.
„И лани поминавме убаво со аранжманите за Бугарија. Беа намалени за околу 50 отсто, во споредба со пред пандемиската 2019, но лани имаше и рестриктивни мерки, така што можеби и на тоа се должеше намалениот интерес“, вели Јовановска.
Бугарското државно биро за статистика има мошне прецизни информации. Тие покажуваат драматичен пад на посети од двете страни. Па, така, ако во 2019, пред бугарското вето како туристи Бугарија ја посетиле пола милион Македонци (554.247), во 2021 ја посетиле над 200 илјади помалку (341.829).
Уште поголема разлика е во посетите на Бугарите на Македонија. Во 2019 година, речиси пола милион Бугари ја посетиле Македонија (429.329), во 2021, тој број е десеткратно помал (52.493).
Трговската размена – подобрена
Од бугарско-македонската стопанска комора, за БИРН, велат дека кога бил потпишан Договорот за добрососедство, видлива била позитивната трговска размена и структурата на инвестиции, соработката и интересот за нов економски циклус. Од таму нагласуваат дека лани, во споредба со претходната година, имало раст во трговската размена.
Тоа го покажуваат и податоците од бугарското биро за статистика. Според тие податоци, бугарскиот извоз во Македонија скокнал за 46 отсто на годишна основа, во споредба со претходната 2020 година, а има пораст и во македонскиот извоз кон Бугарија. Увозот од Македонија кон Бугарија е зголемен на годишно ниво за близу 28 отсто.
Од бугарско-македонската стопанска комора велат дека сѐ уште прават анализи каква е ситуацијата сега, но дека „веднаш по неколкуте блокади во однос на евроинтеграциите, нарушувањето на довербата кај инвеститорите е видлива и таа се одвива во некое побавно сценарио“.
Иако формално Софија ја подигна блокадата, условите под кои таа го направи тоа, за Скопје се сосема неприфатливи. Сево ова ја прави уште понеизвесно реализацијата на духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Пет години по неговото потпишување, „пријателството“ и „добрососедството“ ги има само на хартија.