Регион

Петер Хандке добил југословенски пасош во 1999 година

Peter Handke. Ill. Niklas Elmehed. © Nobel Media

Австрискиот писател, Петер  Хандке, добитник на годинашната Нобелова награда за литература, синоќа потврди дека му бил доделен југословенски пасош во 1999 година, кога на чело на земјата бил Слободан Милошевиќ.

Интернет страницата, Интерсепт, објави дека тој го добил пасошот на 15 јуни 1999 година, неколку дена по завршувањето на бомбардирањето на НАТО на Југославија и повлекувањето на силите на Милошевиќ од Косово.

Од фотографијата на пасошот, што ја објави Интерсепт, се гледа дека документот е издаден во амбасадата на Југославија во Виена и дека неговото државјанство е „југословенско“.

Во тоа време, Хандке, за весникот „Вечерње новости“, потврди дека добил пасошот.

„Јас немам југословенско државјанство, само добив пасош за да можам да патувам“, изјави тогаш Хандке.

За време на војните во 1990-тите, Хандке изразуваше просрпски став, а во 2006 година одржа говор на погребот на Милошевиќ, кој почина за време на судењето во Хаг.

Како што објави Ројтерс, Хандке во минатото изразувал поддршка и за Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, на кои, меѓудругото,  им се судеше и за геноцид врз Бошњаците во Сребреница.

Неговите симпатии кон Србија во текот на 90-тите години, за време на режимот на Милошевиќ, долго време предизвикуваа контроверзии. Неодамна јавноста повторно се вознемири кога Нобеловиот комитет објави дека Хандке е добитник на награда за литература.

Интерсепт ја најде фотографијата од неговиот југословенски пасош, на веб-страницата на австрискиот национален музеј, под називот Хандке онлајн, која потекнува од архивата на Австриецот, Ханс Видрич, на кого Хандке му дал неколку лични предмети.

Интерсепт пишува дека Видриќ објаснил оти кога во една пригода го прашал Хандке за југословенскиот пасош, тој му одговорил дека пасошот го примил затоа што, како странец, при престој во Србија, морал да плаќа повисоки цени во хотел.

Видриќ истакнал дека Хандке му рекол „побарав (пасош) затоа што ја посетувам оваа земја многу често и не сакам да плаќам повисока цена, ако мојот српски придружник плаќа половина од таа сума“, пишува Интерсепт.

Австрискиот весник „Острајх“ објави дека е покрената истрага во врска со ова прашање, бидејќи при добивање на државјанство на друга земја, Австријците мора да побараат да им се дозволи да го задржат австриското државјанство.

„Хандке никогаш не доставил такво барање“, изјави за „Острајх“, Андреас Шифермајер, портпарол на канцеларијата на покраинската Влада на Корушка, Австрија.

Нобеловиот комитет минатиот месец соопшти дека на Хандке му е доделена наградата „за влијателно дело, што со јазична генијалност ја истражува периферијата и специфичностите на човековото искуство“.

Комитетот ја бранеше својата контроверзна одлука, да му ја додели наградата на Хандке, со образложение дека тој ниту го величел насилството, ниту ги поддржувал масакрите во Сребреница.

Но, жртвите од војната во БиХ и нивните приврзаници, во вторникот се собраа пред шведската амбасада во Сараево, барајќи одлуката да биде повлечена.

Церемонијата на доделувањето на Нобелова награда е закажана за 10 декември.