Регион

Може ли Косово да добие oтштета за воената девастација?

Косово сè уште не се обидело да ја присили Србија да плати надомест за штетата предизвикана во војната

Тие собираат и класифицираат докази за штетата предизвикана за време на војната во Косово.

Без никаква финансиска поддршка од државата, Бејта и Осај им помагаат на обичните косовски граѓани да подготват тужби. Тие одбиваат да се откажат и покрај тоа што косовските судови, досега ги отфрлаа нивните барања.

Бевме оставени на божја милост

 

Кадри Осај и Јахир Бејта, во својата адвокатска канцеларија во Србица. Фото: Дардан Хоти

Меѓу нивните предмети е и оној на семејството Сејдиу од селото Ќирез, општина Србица. Десет години, ова семејство бара надомест за штетата што Србија им ја предизвикала за време на војната.

Имено, српските сили го раниле Хамди Сејдиу (65), на 28 февруари 1998 година, за време на масакрот во Ќирез и Ликошани, во кој биле убиени 24 цивили.

Сејдиу вели дека тој и уште неколкумина селани биле принудени да легнат пред еден српски тенк, додека другите биле убиени.

„Дваесет и еден човек легна пред тенкот. Ме избодеа и ми скршија пет заби тој ден. Лежевме пред тој тенк сѐ додека траеше масакрот. Четворица мои браќа беа убиени“, вели Сејдиу.

Неговите браќа, Бедри и Беким, биле близнаци. Двајцата дипломирале еден ден пред да бидат земени како заложници и убиени.

„По масакрот, многумина беа во заложништво два месеци. Не нѐ убија, но нè тепаа и нè мачеа. Бевме оставени на божја милост. Во тие два месеци, бев сам, без ниту еден роднина“, вели Сејдиу.

Кога го пуштиле на слобода, Сејдиу повторно се нашол со своето семејство. Во следните месеци, тие оделе од еден до друг град, обидувајќи се да најдат засолниште и да го избегнат насилството и убиствата што се случувале ширум Косово. Кога војната завршила, а силите на Слободан Милошевиќ се повлекле од Косово, тој, со семејството, на 18 јуни 1999 година, се вратил во Србица.

Неколку години подоцна, Сејдиу започнал да собира документи, со цел да побара отштета од Србија.

„Целиот имот што го имав во Ќирез беше оштетен, запален или уништен. Почнувајќи од куќата, па алатите, амбарот и сè друго“, потенцира Сејдиу, која денес живее од пензија од 120 евра.

Тој верува дека еден ден правдата ќе победи и дека Србија ќе ја плати штетата што ја предизвика во Косово.

„Со оглед на меѓународните права, јас очекувам Србија да плати за штетата, а што се однесува до нашите институции … (Уставниот суд на Косово) тие досега трипати не одбија“, додава тој.

Случаите на Бејта и Осај беа отфрлени од судовите, со образложение дека косовските правосудни институции немаат моќ да изведат друга држава пред суд. Кога нивните случаи се отфрлаат, тие двајца поднесуваат жалби до Апелацискиот суд и поднесуваат барање за оценка на законитоста на нивните предмети до Уставниот суд.

Уставниот суд секогаш одговара негативно на овие барања и „наместо да донесе одлука и да утврди дека дошло до кршење на уставноста, судот ги потврдува претходните (првостепените) одлуки“, истакнува Бејта.

Затоа, Бејта и Осај ги обвинуваат косовските институции дека не сакаат да помогнат во процесот на барање отштета.

Тие посочуваат оти образложението дека судските институции на Косово немаат надлежност да донесат друга држава пред суд, не држи, затоа што косовскиот закон за парнична постапка нуди правна основа за поднесување тужба против државата Србија, пред косовските судови.

Тие сугерираат дека поканата може да биде доставена до Србија преку офицерот за врски на Белград, во Мисијата на ЕУ во Приштина. „Законот предвидува дека (државата) можете да ја тужите, но таа мора да биде информирана за тоа“, објаснува Осај.

„Србија ја призна вината“

 

Предвоена фотографија на семејството Богујевци. Саранда е во средина. Фотографија на Саранда Богујевци.

На Саранда Богујевци, која го преживеала масакрот во Подујево на 28 март 1999 година, парите никогаш нема да можат да ѝ ја надоместат болката.

Богујевци ја загубилa својата мајка, баба, двајцата помали браќа, својата стрина и нејзината ќерка. И покрај сето она што ѝ се случило, таа имала храброст да отпатува во Белград за да сведочи. Основниот суд во Белград му додели отштета на нејзиното семејство, во висина од 200.000 евра.

Судскиот процес започнал во 2003 година, кога таа имала само 18 години. Се сеќава дека на крајот од своето сведочење, била прашана дали сака да покрене правна постапка за отштета.

„Кога ми го поставија тоа прашање, тоа беше многу навредливо за мене. Се сеќавам дека бев револтирана“, вели Богујевци, денеска пратеник на партијата Ветевендосје (Самоопределување).

Таа додава дека дури подоцна, кога во 2007 година Србија затворила пет припадници на единицата „Скорпиони“, за смртоносниот напад на Подујево, ја сфатила важноста на пресудата. Оваа единица делувала во рамките на Министерството за внатрешни работи на Србија.

Членовите на семејствата на убиените, поднеле тужба против Србија, барајќи отштета. Случајот бил добиен во 2016 година и тој, како што соопшти тогаш Фондот за хуманитарно право (ФХП), со седиште во Белград, е првиот случај во кој била доделена отштета.

„Бев многу млада и не разбирав што значи целиот овој процес. Случајот на нашето семејство беше првиот случај во кој (српската) држава донесе решение за доделување на репарации, што значи дека тие ја признаа вината за воените злосторства што ги извршиле“, истакнува Богујевци.

Обврската на Србија да обезбеди надомест за жртвите на кршењето на човековите и меѓународните хуманитарни права, произлегува од меѓународните конвенции за човекови права што таа ги има ратификувано, што значи дека државата е одговорна за штетата што ја направиле нејзините сили.

Во Србија има три механизми преку кои жртвите можат да побараат отштета.

Првиот механизам се постапките за добивање статус на цивилна жртва на војната, што гарантира одредени придобивки, иако Србија не ја дефинира војната во Косово како војна, туку како внатрешен вооружен конфликт во Југославија.

Вториот механизам е граѓанска тужба.

А третиот е судскиот механизам за остварување на правото на одштета, што се активира со поднесување на барање за реституција, додека трае кривичната постапка. Но, откако српското обвинителство за воени злосторства беше основано во 2003 година, никој досега не го искористил овој механизам.

ФХП информира дека стотици индивидуални барања за отштета се поднесени со граѓански тужби против Србија, некои преку ФХП, а некои преку приватни адвокати.

„Од 2000 година до денес, ФХП застапувал над 1.000 жртви на воени злосторства, тортура, нелегален притвор, принудно регрутирање и други злоупотреби на човековите права, извршени од страна на српските сили во Босна и Херцеговина, во Хрватска, во Србија и во Косово, во случаи против Србија, Црна Гора и Косово“, вели Мерис Мушановиќ, правен аналитичар на ФХП.

Од овие случаи, помеѓу 2006 и 2019 година, ФХП поднел 52 тужби против Србија, со кои се бара оштета за 188 воени жртви во Косово.

„Воената штета на Косово изнесува 22 милијарди евра“

 

Мухамет Мустафа, виш советник во Институтот „Ринвест“ во Приштина, бил координатор на тимот за економски прашања на косовската делегација, за време на преговорите за неговиот конечен статус, во Виена, во средината на 2000-тите.

„Тимот експерти што ги водев направи проценка за воена штета во различни сектори и таа изнесува над 22 милијарди евра“, истакнува Мустафа.

Проценката се однесува на оштетен имот, украдена стока, заштеда, пензии, но и други трошоци, објаснува тој.

Мустафа смета дека Србија ќе мора да се согласи да плати надомест, за да се нормализираат односите меѓу Белград и Приштина.

„Ако Србија навистина сака мир и навистина сака да ја остави зад себе политиката на Слободан Милошевиќ, таа мора да биде подготвена да ги надомести економските и другите штети, направени пред и за време на војната“, нагласува тој.

„Последна можност за договор за репарациите“

 

Адвокатот, Јехир Бејта, во својата канцеларија. Фото: Дардан Хоти.

Футуна Шеремети, професор на Универзитетот во Приштина, која на универзитетот Левен во Белгија подготвува докторат врзано за државните злосторства и репарациите, вели дека меѓународната заедница се обидела да помогне во документирањето и гонењето на воените злосторства, преку формирање и финансирање на меѓународни агенции и судови.

Сепак, таа посочува дека досега е направено малку за да се процени штетата, како на меѓународно, така и на регионално и на домашно ниво.

Шеремети нагласува дека последната рунда од дијалогот, кој со посредство на ЕУ се води за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, е последната можност, во рамките на разговорите во Брисел, фокусот да се стави на репарациите.

Сепак, таа објаснува дека косовските државни институции не се подготвени да побараат отштета од Србија, затоа што „за вистинска тужба мора да се соберат точни и вистинити информации, што не го направиле ниту кабинетот на претседателот, ниту на премиерот, ниту која било друга државна институција во Косово“.

Хајди Метјус, доцент и кодиректор на Центарот Џек и Меј Нетејсон за транснационални човекови права, криминал и безбедност, на универзитетот Јорк во Канада, посочува дека доколку за време на дијалогот Косово побара отштета, тогаш Србија би може да побара нешто за возврат.

„Косово и Србија во моментов преговараат за можното признавање на Косово како политички независна и суверена држава. Би било разумно да се очекува дека, под овие услови, Србија би можела да побара од Косово да ги намали репарациите, во замена за признавање“, сугерира Метјус.

Косовскиот претседател, Хашим Тачи, во 2016 година предложи поднесување тужба за геноцид против Србија, пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), но експертите предупредија дека е малку веројатно таа да се реализира, бидејќи Косово не е членка на ООН, што е услов за да може да се поднесе тужба пред МСП.

МСП, исто така, нема задолжителна надлежност, што значи дека случајот може да се разгледа само доколку и тужителот, и тужената страна, се согласат. Ова значи дека и Србија ќе треба да даде согласност.

Сепак, Метјус сугерира дека „да се дозволи Меѓународниот суд на правдата да има надлежност по прашањето за државна отштета, може потенцијално да ја подобри позицијата на Србија кај земјите членки на ЕУ, бидејќи Србија работи на пристапувањето во ЕУ“.

„Политичко прашање е дали користењето на меѓународното право за решавање на репарациите, денес би било во интерес на Србија“, додава таа.

Прашањето за репарациите, досега не беше разгледувано во рамките на преговорите меѓу Косово и Србија.

Поранешната министерка за дијалог, Едита Тахири, која го предводеше косовскиот тим, за медиумите изјави дека за отштетата ќе се разговара во последните фази на преговорите.

„Во документот што го доставивме во 2014 година, побаравме прашањето за воените репарации, да се реши во последната фаза од дијалогот, главно преку компензација за воената штета во согласност со меѓународното право, како што е тоа случај со сите држави кои биле во војна, кога агресорот има обврска да плати за штетата предизвикана во војната“, изјави Тахири.

Актуелниот лидер на преговарачкиот тим, Шпенд Ахмети, вели дека Приштина поднела барање, кое сега ќе се разгледува.

„Од нас, во оваа фаза, беше побарано да ги доставиме сите прашања, за кои веруваме дека треба да бидат дел од конечниот договор. Ние појаснивме дека една од главните точки во нашите барања ќе биде прашањето за репарациите“, истакнува Ахмети.

„Но, во оваа фаза, Брисел не ги коментира барањата ниту на едната, ниту на другата страна, ниту пак оценува дали некое барање е добро или не“, додава тој.

Косово инсистира, во конечниот договор со Србија, да се најде и механизамот за отштета, преку арбитража или преку меѓународни судови.

Ахмети нагласува дека Косово ги нема потребните експерти за правилна проценка на висината на репарациите и истакнува дека би било најдобро да се донесе меѓународен механизам, што ќе понуди соодветно решение.

За Хамди Сејдиу, чии браќа биле убиени во масакрот извршен од српските сили пред 21 година, секоја отштета ќе биде признание за неговото страдање, но не и решение.

„Дури и да ми го дадат целиот свет, Србија никогаш не би можела да ми плати за болката што ми ја предизвикаа“, истакнува тој.

„Убиство на четири лица? Што може тоа да го компензира? Ништо“.

Овој текс е дел од грантот на програмата на БИРН-Балканска транзициска правда, поддржана од Европската комисија.