Интервјуа

Петер Марки-Зај: Човек со мисија

„Случајот со Груевски јасно покажува дека Орбан само ги извршува наредбите на Путин“ вели во интервју за БИРН лидерот на опозицијата во Унгарија

Многумина сметаа дека изненадувачкиот избор на Петер Марки-Зај за кандидат за премиер на здружената опозиција на парламентарните избори во Унгарија следната година е со единствена цел да се тргне од власт сегашниот премиер, и дека владата што би ја предводел тој би постигнала малку, но ова мислење бргу се менува и во земјата и надвор од неа.

Во своите говори, на средбите со странски претставници и во интервјуата за медиумите (вклучувајќи го и тоа за БИРН) во месеците откако тој стана де факто лидер на унгарската опозиција, Марки-Зај се поуверливо звучи како човек со силна, речиси света мисија да ја извлече Унгарија од мракот во кој, според него, ја нурнала партијата на Виктор Орбан, Фидес, и да ја насочи земјата кон тоа да стане европски светилник на демократијата, слободата и на правото.

Самодовербата и амбициите на Марки Зај се изненадувачки, со оглед дека неговата позиција е комплицирана, затоа што нема силна партиска позадина. Со оглед дека не покажал дека сака своето движење „Унгарија за сите“ да го претвори во вистинска партија, Марки Зај ќе треба да преговара со секоја од шесте опозициски партии и со нивните често фанатични лидери, ако биде избран во март или во април следната година.

„Сакам да имаме влада од експерти, каде што ќе се вреднуваат стручноста и лидерските капацитети, наместо партиската лојалност“, рече тој за БИРН, додавајќи дека не се сомнева дека неговата позиција во коалицијата ќе биде цврста ако стане премиер.

Многу експерти сметаат дека тоа се пусти желби, но повеќето признаваат дека со Марки-Зај на кормилото, здружената опозиција има најдобри шанси во последните 11 години за да се ослободи од Орбан. На последните три циклуси парламентарни избори не се поставуваше прашањето кој ќе победи, туку со колкава разлика, дали Орбан и неговата Фидес ќе владејат со просто мнозинство или со двотретинско мнозинство (во сите три случаи излезе второто). Овој пат резултатот ќе биде многу поблизок, а последната анкета од Завеч ја става опозицијата воводство со предност од четири процентни поени.

Самодовербата на Марки-Зај произлегува и од неверојатниот политички подем што го имаше тој во последните три години. Се чини дека нема невозможна мисија за овој градоначалник од мал град што се претвори во кандидат за премиер.

Кандидатот за премиер на здружената опозиција на изборите во 2022 година се залага да ја запре корупцијата во Унгарија и преку нејзините граници и да ги почитува меѓународните налози за апсење, дури и ако тоа значи екстрадиција на првиот човек на нафтената компанија МОЛ во Хрватска

Во 2018 година, настапувајќи како независен кандидат, го победи владиниот кандидат за градоначалник во Ходмезовашархели, дотогаш упориште на Фидес, и оттогаш успешно го води градот. Летово како целосен аутсајдер се пријави на внатрешните избори на опозицијата за да се избере заеднички кандидат за премиер за изборите следната година, и признава дека не очекувал да помине ниту во вториот круг, а камоли да победи.

Но, како што понекогаш се случува, политичките ветришта може одеднаш да го сменат правецот и да му дадат некому забрзување, па кога градоначалникот на Будимпешта и фаворит на тој натпревар Гергели Карачони се повлече и го поддржа Марки-Зај, неговата победа беше „запечатена“, вели тој.

Тврди дека неговиот успех се потпира на многу успешната кампања поддржана од волонтери и од граѓани, но и на неговиот кредибилитет. Повеќето опозициски партии имаат сериозен недостиг од кредибилитет, смета тој, бидејќи или нивното поранешно учество во власта било во најдобар случај со променлива успешност, или никогаш не владееле.

„Верувам дека Унгарија ќе стане земја во која не се учествува на избори за да се види кој политичар ќе може повеќе да украде. Исто така верувам дека не може да има владеење на правото во Унгарија додека некои политичари не завршат во затвор“, вели тој, отфрлајќи ја целата политичка класа од последните 30 години, нешто што предизвикува морници во рбетот на некои левичарски партии во опозицијата.

Свежина

Петер Марки-Зај во својот град | Фото: Фејсбук

Стокмен во деловен костим и совршено дотеран, Марки-Зај ја прими екипата на БИРН во својата канцеларија во Ходмезовашархели, мал град од 44.000 жители на два часа возење јужно од Будимпешта.

Неговиот младешки изглед (девет години е помлад од Орбан) и неговото искусно и професионално однесување (пет години работел во Канада и во САД, англискиот му е речиси совршен и знае како да комуницира со медиумите) го зацврстува неговиот имиџ меѓу унгарските гласачи како човек што носи свежина на политичката сцена по агресивниот и наметлив стил на Орбан.

Неговите конзервативни карактеристики се беспрекорни, бидејќи е посветен католик, има седум деца, дури е и освестен поранешен гласач на Фидес, што го прави привлечен за разочараните поддржувачи на Орбан и за неопределените.

Зборувајќи мирно но решително, Марки-Зај покажува јасна визија за тоа што сака да направи ако победи на парламентарните избори напролет во 2022 година, и покрај маневрите на Фидес во последните 12 години откако се на власт, со кои што тие може да ја задржат контролата во клучни институции како обвинителството, уставниот суд или во јавните медиуми дури и а ко ги загубат изборите.

Неговата главна предизборна тема е борбата против корупцијата дома и надвор од границите на Унгарија. Малата сина лента што ја носи на својот костум на сите јавни настани стана заштитен симбол за антикорупција и за отчетност.

Ако Орбан биде поразен, Унгарија веднаш би се приклучила кон Канцеларијата на европскиот јавен обвинител, најавува тој, додавајќи дека исто така има намера да воспостави антикорупциски институт во Унгарија за да ги истражи случаите на корупција што се случиле дури пред Орбан да биде избран во 2010 година. Тоа ќе значи да се опфати и периодот на поранешната социјалистичко-либерална влада за време на 2000-тите, што е уште еден од многуте потенцијални извори на тензија внатре во шестпартиската виножито-коалиција на опозицијата.

Браќа по криминалот

Груевски и Орбан на самит на ЕПП во 2015 | Фото: Wikimedia Commons

Но антикорупциските мерки и владеењето на правото исто така ќе ги дефинираат односите на Унгарија со своите соседи ако тој ја освои власта. Едно од најцитираните ветувања на Марки-Зај е дека ќе го екстрадира поранешниот премиер на Северна Македонија Никола Груевски, бегалец од правдата во својата земја, кој живее во Унгарија од 2018 година со благослов на Орбан.

„Случајот со Груевски јасно покажува дека Орбан не е суверен лидер, туку тој само ги извршува наредбите на Путин“, објаснува Марки-Зај за БИРН. „Ако некој пријател или сојузник на Путин се најде во неволја, Путин му дава насоки на некој друг негов платеник да му помогне. Оваа пракса мора да запре“.

Марки-Зај признава дека со оглед на последните промени на политичката реалност во Северна Македонија, неговата заложба да го екстрадира Груевски можеби е повеќе симболичка отколку суштинска. „Партијата на Груевски може да се врати на власт, а во тој случај Северна Македонија веќе нема да бара негова екстрадиција како криминалец, а Груевски може дури да биде прошверцуван преку границите во автомобил со затемнети стакла“, предвидува тој, со насмевка на лицето, алудирајќи на тоа како Груевски пристигна во Унгарија пред четири години.

Таквиот развој би ја ослободил следната унгарска влада од каква било одговорност за екстрадицијата, но можеби од поголемо значење за евентуалната власт на Марки-Зај би била позицијата на Золт Хернади, генерален директор на унгарската државна нафтена компанија МОЛ, кој е осуден во отсуство на две години затвор во Хрватска во 2019 година поради подмитување на поранешниот премиер Иво Санадер кога ги преземал управувачките права на хрватската енергетска компанија ИНА пред една деценија.

Хрватска издаде меѓународен налог за апсење на Хернади, но Унгарија одбива да го спроведе, повикувајќи се на унгарска пресуда со која шефот на МОЛ е ослободен од обвиненијата.

Сепак, Марки-Зај за БИРН истакнува дека меѓународниот налог за апсење е нешто што неговата влада би го почитувала. „Кога ќе се издаде меѓународен налог за нечие апсење поради криминал против граѓаните, Унгарија на ниеден начин не треба да ја поддржува таа личност.

Запрашан директно дали сериозно би го екстрадирал Хернади, 50-от најбогат човек во Унгарија, кој предводи една од двете најсилни корпорации во земјата, неговиот одговор е изненадувачки јасен: „Да. Ќе соработуваме со хрватските власти во гонењето на сите видови криминал“.

Самодовербата на Марки-Зај произлегува и од неверојатниот политички подем што го имаше тој во последните три години. Се чини дека нема невозможна мисија за овој градоначалник од мал град што се претвори во кандидат за премиер.

Токму овој пристап ќе ги одреди односите на неговата влада со соседните балкански држави, кои Марки-Зај ги смета за „братски народи“, потенцирајќи дека повеќето Унгарци денес имаат и словенска крв во своите вени. Сепак, тој го толкува „братството“ мошне различно од Орбан, кој изгради мрежа од илиберални политички сојузници и поддржувачи, од српскиот претседател Александар Вучиќ до словенскиот премиер Јанез Јанша, дури и до босанско-српскиот лидер Милорад Додик.

Добрите односи меѓу две земји треба да се засноваат на пријателството на двата народа. Но кога се засноваат на бизнис врски или на корупција, кога се во служба на експанзијата на олигарсите на Орбан, тогаш не сакаме да ги задржиме тие врски“, објаснува Марки-Зај за БИРН.

Да го земеме примерот со словенечката влада, која што купи прескапи респираторипреку сомнителна компанија в 2020 година. Договорот „беше толку корушптивен што дури ни Словенците не го прифаќаа и поради него се урна половина словенечка влада“, потсетува Марки-Зај, додавајќи дека истите машини од истата компанија подоцна и биле продадени на Унгарија за уште повисока цена.

„Унгарија ги купи респираторите за 17,2 милиони форинти по парче, или четири милиони форнти повеќе, но главниот обвинител на Унгарија Петер Полт не најде причина да отвори истрага. Ако само криминалот врзува две влади, тоа мора да го осудиме, бидејќи тоа не е во интерес ниту на словенечкиот ниту на унгарскиот народ“, додава тој. „Истото се однесува и на другите односи во регионот“.

Заштита на народните пари

Марки-Зај сака да го препреговара договорот со Русија за нуклеарната централа Пакс | Фото: Национална агенција за атомска енергија на Унгарија

Со истиот начин на размислување – пријателство, заедничка корист, но предимство на унгарските интереси, тој им пристапува и на идните односи со глобалните велесили, особено со Кина и со Русија, кои денес се сметаат за клучни сојузници на актуелниот премиер и на неговата илиберална партија Фидес.

Кампусот на кинескиот универзитет Фудан, кој што ќе се гради со пари од унгарските даночни обврзници, како и контроверзниот проект за изградба на пруга меѓу Белград и Будимпешта по која ќе се превезуваат само кинески стоки, како и проширувањето на нуклеарната централа Пакс со пари од руски кредит – сите овие проекти се сметаат за дубиозни зделки со сомнежи дека има корупција зад нив.

„Високо ги цениме Кина и Русија и нивните култури, и треба да продолжиме да соработуваме со нив, врз основа на заедничката корист“, вели Марки-Зај. „Но предавањето на унгарските национални интереси, склучувањето договори што се лоши за Унгарија, не може да се дозволи“.

Запрашан поединечно за споменатите проекти, тој додаде: „Кампус на Универзитетот Фудан може да се гради во Будимпешта, но инсистирам за тоа да не се трошат пари од унгарските даночни обврзници. И пругата Белград-Будимпешта може да се изгради, но ако се користат само кинески пари. Што се однесува до проширувањето на нуклеарната централа Пакс, треба да видиме што стои во договорот, и има голема веројатност дека ќе треба одново да преговараме“.

Она за што нема да се прееговара е унгарската безрезервна посветеност кон проектот Европска унија, нешто што сегашната националистичко-популистичка влада постојано го поткопуваше за време на своето речиси 12-годишно владеење, до степен што веќе и зборот „Хугзит“ влезе во речнинот. За Марки-Зај и за здружената опозиција, ЕУ заедно со НАТО остануваат најважните компаси за земјата.

Марки-Зај неодамна го посети Брисел и се сретна со членови на Европскиот парламент, вклучувајќи го и Манфред Вебер, лидерот на европската парламентарна група на централно-десни партии – Европската народна партија (ЕПП), каде што порано беше членка и Орбановата Фидес, додека не беше исфрлена поради своите анти-ЕУ ставови. Тој се сретна и со еврокомесарите одговорни за владеење на правото и за финансиски прашања.

Високо на агендата е унгарското барање да добие дел од европскиот фонд за опоравување од кризата со коронавирусот, тежок 750 милијарди евра. Барањето на Унгарија да добие 7,2 милијарди евра од овој фонд се уште чека одобрување од Европската комисија. „Во интерес на сите Унгарци е да ги добиеме овие пари, но исто така тие да не бидат украдени од Орбан и од неговото семејство. Се плашам дека Орбан ќе го добие фондот за опоравување без да обезбеди соодветни гаранции до ЕУ дека тој и неговата партија нема да ги украдат парите“, вели Марки-Зај за БИРН.

Силен е притисокот врз Европската комисија да го забрза процесот на одобрување  и голема е веројатноста дека парите ќе дојдат во рацете на Орбан токму навреме кога ќе почне изборната кампања, со што неговата партија ќе добие зголемени фондови за да троши на предизборни ветувања. Тоа е можеби проблем за Марки-Зај и за неговата опозициска коалиција, но само еден од многуте за кои овој новајлија во политиката е сигурен дека ќе ги надмине.

Едит Инотаи