Извештај

Петков осамен во оптимизмот за решение

Бугарското специјално обвинителство истражува три лица осомничени за шпионажа во корист на Русија. Акцијата следува ден по изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков дека „некои од работите коишто му ги пријавиле се дека има руски агенти кои работеле против односите на разбирање со Северна Македонија“.

На прашањето дали акцијата има врски со изјавата на Петков шефицата на бугарското Специјално обвинителство Валентина Маџарова на денешната прес конференција рече дека „засега нема такви податоци“ и одби понатаму да коментира на оваа тема.

Истовремено, оптимизмот на Петков за можноста Софија и Скопје наскоро да ги надминат несогласувања  дополнително ги разбуди духовите . Реагираа владини коалициони партнери и тамошни интелектуалци.

Имено Петков неделава во повеќе наврати, вклучително и вчера по средбата со градоначалници од двете земји што се одржа во Сандански, изрази надеж дека наскоро „ќе успееме да го отвориме патот на Република Северна Македонија кон Европската Унија“.

Вицепремиерката и министерка за економија Корнелија Нинова  од Бугарската социјалистичка партија (БСП) по ова имаше потреба да повтори дека позицијата на нејзината партија не е сменета и дека и натаму  се бара почитување на „историјата, прекин на јазикот на омраза и дискриминаторски третман на Бугарите во Република Северна Македонија“.

Нинова потсети дека оваа позиција е основа и на коалицискиот договор за формирање влада. Во договорот, имено, се наведува и дека владата составена од четири партии ќе остане на својата единствена позиција во однос на Македонија.

Истовремено, како што пренесува бугарската државна агенција БТА, група интелектуалци започнала акција за формирање „Себугарски комитет за заштита на националниот интерес во Македонија“.  На иницијативата се потпишани 19 луѓе меѓу кои и академици.

Еден од потписниците, академикот Георги Марков за агенцијата истакнал дека иницијаторите се крајно загрижени од изјавите на премиерот Петков на официјални европски и меѓународни форуми дека Бугарија треба да биде гарант за влегувањето на Албанија и на Македонија во ЕУ како дел од безусловната стабилност на Западен Балкан земајќи ја предвид војната во Украина.

„Овие млади луѓе од Харвард не ја знаат историјата, за жал, сакаат да и го завртат грбот и да се движат кон иднината, кон бизнисот, кон парите, кон инфраструктурата, а историјата им пречи“, ја цитира БТА изјавата на  Марков.

Ставот на овие интелектуалци како и на дел од коалициските партнери на Петков  концидира со најново испитување на јавното мислење во Бугарија кое го спроведе агенцијата Брима Галуп Балкан.

За „цврстата позиција“ на Бугарија во однос на Македонија се изјасниле  68,9 отсто од испитаниците, а само 22,5 отсто рекле дека Софија треба да има „помек“ став за Скопје. Во истражувањето, 71 отсто од испитаниците рекле дека им е поважно да се решат односите меѓу Софија и Скопје отколку членството на сосетката во ЕУ. 60,8 отсто сметаат дека поддршката за влегување во блокот треба да се даде само ако земјава ги исполни условите од договорот со Бугарија.

Испитувањето е спроведено телефонски  во февруари годинава.