Извештај

Сложни обвинители – едногласен избор

Обуките и семинарите излегоа пресудни за изборот на обвинители

Имале позитивни оценки и посетувале многу семинари и обуки. Ова е збирното образложение со кое петтемина обвинители што треба да гонат организиран криминал и корупција остануваат и во следните четири години во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Ивана Трајчева, Марија Ѓоргева, Валентина Бислимовска, Сузана Мирческа-Кузмановска и Енѓулуше Кадриу-Леши.

Членовите на Советот на јавни обвинители, утрово речиси беа како договорени откако поради „обврски“, претходната седница беше одложена. Го повторија изборот од јануари 2018, кога овие обвинители тогаш конкурираа да бидат во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Претседателот на Советот, на почетокот објаснуваше дека одолжениот избор се должи на тоа што шефицата на Обвинителството Вилма Русковска испратила за сите кандидати што конкурираат ист коментар, а различни бодови, па морало да го уважат приговорот на кандидатката и да бараат повторна оценка.

Меѓу првите говореше државниот обвинител, кој кажа дека нема да говори за секој кандидат одделно, туку дека сите се добри кандидати зашто посетувале многу обуки и семинари. Имало и такви што биле на обуки за гонење криминал со криптовалути.

„Инвестирано е во нивната подготвеност за предмети што се во надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал“, говореше Љубомир Јовески.

Спомна и дека кандидатите имаат позитивни оценки, а нивното неизбирање ќе ги пролонгирало постапките.

Кон тоа се приклучија и другите говорници.

Обвинителката Имран Османи имала негативни бодови, па за неа не се гласаше, а за обвинителот Златко Биковски, Советот пет години води дисциплинска постапка, која уште не е завршена, а токму тоа беше пресудно истиот кандидат да не може да биде избран за обвинител што ќе гони организиран криминал и корупција.

Тоа значи дека самиот Совет со недонесувањето одлука за дисциплинската постапка му оневозможил на Биковски да биде избран.

Кога почна гласањето, меѓу првите што испадна од изборот беше контроверзниот гостиварски обвинител Арсим Адеми, кој доби само три гласа од Фаик Арслани, Арбер Исаку и од Коле Штерјев.

Потоа се редеа преостанатите кандидати. „За“, „против“, „за“, „против“…

И овој избор на обвинители помина без дискусија за секој од кандидатите одделно, а општиот впечаток беше како да се избира обвинителски пакет.

Јавноста не слушна зошто кандидатите што не беа избрани, а имаа сосема исти бодови како избраните не заслужуваат да гонат организиран криминал.

Членовите на Советот беа едногласни (со по едвај еден воздржан кај некој од кандидатите).

Тоа повторно укажува дека вистинската седница не била денеска, туку претходно.