Арбер Кадриу, Дие Морина, Приштина
Васфије Красниќи Гудман, која за време на војната во Косово, која траеше од 1998 до1999 година, преживеала сексуално насилство, го прекина молкот за силувањата во војната и стана првата жена која јавно, во телевизиско интервју, проговори за тоа што го преживеала.
Красниќи Гудман правдата ја побарала пред судовите во Косово, но во 2014 година, Врховниот суд ги ослободи од сите обвиненија, двајцата српски полицајци, кои беа обвинети дека ја силувале.
Иако таа, зборувајќи за она низ што поминала, ги урна табуата и со своето јавно сведоштво инспирира многумина, организациите за човекови права предупредуваат дека се чини оти правдата за Васвија, но и за многу други кои преживеале силување во војната, останува надвор од дофатот.
„Многу е тешко сексуалното насилство да се докаже на суд, особено кога делото е сторено многу одамна … често нема форензички докази, недостигаат и други материјални докази, а можностите за наоѓање на какви било други докази или очевидци, се ограничени”, изјави за БИРН, Беким Блакај, директор на Фондот за хуманитарно право Косово(ФХПК).
Тој додава дека идентификувањето на сторителите е голем предизвик.
„Судиите се чувствителни на донесувањето пресуди во целосна согласност со највисоките стандарди за почитување на правата на обвинетиот и често, ‘основаното сомнение’, не е доволно да се осудат сторителите”, рече Блакај.
Ова значи, вели тој, дека извршителите на силување, честопати поминуваат неказнети.
„Во вакви случаи, особено кога станува збор за сексуално насилство, судиите не треба да бидат толку ригидни. Тие треба да вложат дополнителни напори и да побараат можни докази, што ќе им овозможат да донесат правична одлука“, истакнува Блакај.
Красниќи Гудман, кога сето тоа се случило, живеела во малото село, Долен Становац, во општина Вучитрн, со своите родители, браќа и сестри.
„На 14 април 1999 година, јас бев во дворот кога слушнав тропање на вратата … влегов внатре за да ѝ кажам на мајка ми, да ја отвори вратата. Не знаевме дали доаѓаат да нè убијат или да нѐ претресуваат“, изјави Красниќи Гудман во вторникот, за јавниот сервис на Косово, РТК.
Таа раскажа оти во куќата дошол српски полицаец, кој од нив побарал да му кажат каде се нејзиниот татко и брат.
„Мајка ми му кажа дека тие се во Германија, а тој рече: ‘Не, туку во војна’, а потоа влезе и ме одведе”, додаде таа.
Полицаецот на Красниќи Гудман ѝ кажал дека ја носи во полициска станица, за да даде изјава.
Наскоро сфатила дека не одат во полициската станица, бидејќи автомобилот скршнал и застанал во селото Бабин Мост, населено со Срби, каде што, како што рече, полицаецот ја силувал.
Според неа, полицаецот ѝ рекол: „Ќе платиш за она што го направија татко ти и брат ти”.
„Во тој момент сакав само да ме убијат со куршум”, нагласи Красниќи Гудман.
Во следните неколку часа, според нејзините зборови, таа била силувана од уште еден маж, Србин, кој не носел униформа.
Полицаецот потоа ја вратил дома. Прво мислела дека не може со никого да ја сподели својата мака, но подоцна случајот го пријавила на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
Красниќи Гудман имала среќа што нејзиното семејство ѝ дало поддршка, која, во едно конзервативно општество, повеќето од другите, според проценките околу 20.000 жртви на силување за време на војната во Косово, ја немале.
Во страв од стигматизација, па дури и целосно исклучување од општеството, илјадници силувани жени живеат во тишина, некои со сериозни здравствени проблеми.
Негативната перцепција во општеството и препреките да се добие соодветен медицински третман, во една сиромашна земја, како што е Косово, доведе до самоубиство на неколку жртви на военото силување.
Долгата правна битка заврши со пораз
Неоспорен факт, што беше потврден и од косовските судови, е дека униформирано лице, во април 1999 година, ја одвело Красниќи Гудман од нејзината куќа и оти таа била силувана два пати, на две различни локации во Бабин Мост, од две лица.
Својата борба за правда, таа ја започнала во 2012 година, кога Основното обвинителство во Приштина поднело обвинение за нејзиниот случај.
Обвинети биле двајца Срби од Косово, Јовица Дејановиќ и Ѓорѓе Бојковиќ, за воени злосторства извршени над цивили, особено за силување на Красниќи Гудман, која во времето на силување, била малолетник.
Пред Основниот суд во Митровица, на 4 април 2013 година, судскиот совет кој го сочинавале тројца судии на ЕУЛЕКС (Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Коосово), Тим Вуојолахти, Мариола Пасник и Дариј Сиелицкија, започнал судска ревизија.
Во рок од седум дена, биле сослушани 12 сведоци, од кои 9 биле повикани од страна на обвинителството.
Меѓутоа, на 13 април, судот ги ослободил обвинетите, повикувајќи се на повреди на законот во истрагата, во делот на идентификација на обвинетите од страна на жртвата и на другите сведоци.
Судот образложил дека процесот на идентификација на обвинетите од фотографија, од страна на жртвите и на сведоците, содржел неправилности, што значи дека овој вид на идентификација не можел да се користи како доказ.
Обвинителството се жалело, по што Апелацискиот суд на Косово изрекол поинаква пресуда.
Според одлуката на Апелацискиот суд, донесена на 17 мај 2014 година, имало доволно докази за докажување на вината на Дејановиќ и Бојковиќ, па Дејановиќ беше осуден на 12, а Бојковиќ на 10 години затвор.
Апелацискиот суд оцени дека идентификацијата на обвинетите била регуларна и дека овој доказ бил доволен и убедлив.
Во одлуката на советот составен од двајца судии на ЕУЛЕКС, Мануел Соарес и Анмари Maјстер и еден локален судија, Џевдет Абази, се наведува дека судот во Митровица користел повисоки стандарди за идентификација на обвинетите, со помош на фотографија, во однос на она што го предвидува кривичниот закон на Косово.
Апелацискиот суд прифатил дека постоеле одредени неправилности во процесот на идентификација на обвинетите.
Сепак, за разлика од судот во Митровица, Апелацискиот суд не сметал дека овие неправилности ја намалуваат тежината на доказите.
Адвокатите на обвинетиот потоа поднеле жалба против оваа одлука.
Врховниот суд на Косово подоцна ја поништил оваа пресуда и ги ослободил обвинетите, од обвиненијата за воени злосторства.
Судскиот совет на Врховниот суд, бил составен, за прв пат, од еден локален судија, Несрин Лушта, и од двајца судии на ЕУЛЕКС, Вилијам Брауер и Есма Ертерзи.
Овој совет, исто така, се фокусирал на исказите на сведоците и на идентификацијата на обвинетите преку фотографии.
ФХПК го критикува постапувањето на судот, во случајот Красниќи Гудман
ФХПК го следеш случајот Красниќи Гудман, по што објави извештај во кој наведе дека имало повеќе законски повреди.
Извештајот „Судења од висок профил: Правдата одложена”, објавен во 2014 година, вели дека Основниот суд во Митровица лошо го решил овој случај.
„ФХП Косово ги смета за многу неодговорни третманот, важноста и времето што му се дадени на овој случај”.
„Ова е исклучително тешко кривично дело што се случи за време на војната и беше дел од систематски и претходно испланирани активности за заплашување на албанското население и негово отстранување од Косово”, се вели во извештајот.
ФХПК се фокусира на важноста на сведочењето на жртвата во постапката, што судот, како што се вели, не го разгледал правилно.
„Необјасниво е … дека судот не ги зеде предвид посветеноста на жртвата и на нејзиното семејство во потрага по вистината, без оглед на цената што би ја платиле во конзервативната средина која силувањето го смета за срам за жртвите и за нивните семејства”, се вели во извештајот.
Судиите биле на мислење дека „описите на сторителите се општи и нејасни”, поради што не можеле да утврдат дека обвинетите го сториле делото.
Во интервјуто за РТК, Красниќи Гудман нагласи дека ниту еден адвокат во Косово не сакал да ја застапува, бидејќи се плашеле оти нема да добијат заштита од ЕУЛЕКС, за да работат во северно Косово, каде што живеат Србите.
Красниќи Гудман додаде дека еден од нејзините силувачи сé уште живее во Косово „и работи за косовската полиција”.
Според портпарол на косовската полиција, Даут Хоџа, Дејановиќ, бил вработен во полицијата од 2001 до 2017, кога завршил неговиот договор.
Во извештајот на Амнести интернешнал се наведува дека само неколку лица, одговорни за силување за време на војната во Косово, досега биле кривично гонети.
Во извештајот се додава дека Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во 2009 година осудил тројца најистакнати српски политички, полициски и воени претставници за здружен злосторнички потфат, воени злосторства и злосторства против човештвото во Косово, вклучувајќи и за „сексуални напади”, како облик на прогон и како злосторство против човештвото.
Четвртиот висок функционер е осуден во 2014 година за „прогон преку сексуални напади, како злосторство против човештвото”.
Во Србија, две судења за случаи на силување во Косово, беа заклучени пред Специјалниот оддел за воени злосторства во Белград. Но, тие беа водени против косовски Албанци, поранешни припадници на ОВК. Еден од овие два случаи резултираше со пресуда.
Во Косово, беа судени три случаи и сите резултираа со ослободителна пресуда во жалбениот процес, затоа што судовите сметаа дека доказите за идентификација и за донесување на осудителна пресуда, биле недоволни.
„Ги издадоа УНМИК, а и ЕУЛЕКС, па затоа не изненадува што мал број на преживеани имаат доверба во правниот систем на Косово”, стови во извештајот на Амнести интернешнал.