Интервјуа

Пировска: Пониските ешалони во двете партии се исти

Ние се движиме во еден маѓепсан круг, кога станува збор за политичките партии, вели во интервју за БИРН, директорката на Хелсиншки

Организациите за заштита на човековите права секаде во светот работат во стари куќи, ни рече Уранија Пировска, долгогодишната извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, пречекувајќи нѐ во белата двокатна куќа во Дебар маало од периодот меѓу двете светски војни, која со години е седиште на организацијата. Нејзината мала директорска канцеларија има одвај половина прозорец од кој се гледаат само ѕидови.

Таа гледа многу „ѕидови“ и во хартиите и на мониторот пред неа, односно пречки кон остварувањето на човековите права во Македонија. Повод за нашиот разговор беше состојбата со правата во петтата година од владеењето на актуелната владина коалиција предводена од СДСМ, која во 2017 година ја симна од власт претходната гарнитура на чело со ВМРО-ДПМНЕ, често обвинувана и од домашни и од меѓународни извори за системски и за таргетирани кршења на човековите права.

Иако Пировска наоѓа многу причини за незадоволство од денешната состојба, таа, сепак, не е „исташ“, како што пејоративно се нарекуваат критичарите на СДСМ што ги обвинуваат дека се исти со ВМРО-ДПМНЕ. Но, ги детектира точките каде што сегашната власт е премногу слична со владата против која се бореше.

„Тоа што за пет години не се помести е манирот на владеење во кој се задржа клиентелизмот. Ова се должи на фактот дека политичката култура на партиското членство е на многу ниско ниво. Имам чувство дека партиските лидери, за да ја задржат обединетоста на своето членство, мораат нешто да дадат. Основниот проблем е во свеста дека ако се бориш за промена на власта, мора да бидеш награден. А наградата доаѓа од државниот буџет, односно значи државно вработување“, вели Пировска.

 Двојна штета од партиските кадри

Пировска во разговор за БИРН ги детектира сличностите и разликите меѓу партиите | Фото: Роберт Атанасовски

Партиските вработувања, сами по себе, значат прекршување на некои права, како правото на еднакви можности и на еднаквост пред институциите. Но, Пировска додава дека дополнителната штета од нив е што институциите се полнат со неквалитетен кадар без волја и без способности (понекогаш и без двете) да работи за граѓаните и за остварување на нивните права што произлегуваат од законите.

„Од аспект на законската регулатива не можеме да изразиме незадоволство, затоа што сите закони за кои се боревме за време на груевизмот и кои никако не можевме да издејствуваме да се донесат, сега се донесени“, вели таа, посочувајќи ги како пример Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за спречување на бременоста, ратификацијата на Истанбулската конвенција, реакциите на случаите „Јавна соба“ 1 и 2 поради кои се воведува ново кривично дело „демнење“ и други примери. Исто така, додава дека сега полесно се доаѓа до функционерите, се разговара со нив и се наидува на разбирање за проблемите што треба да бидат решени. Но, кадровската политика, вели, спречува сето тоа да се прелее во пракса.

Не е проблем само неквалитетот на кадрите, туку и нивниот светоглед. Податоците на Хелсиншкиот комитет покажуваат дека во времето на поранешната власт се атакуваше на ЛГБТИ заедницата, на жената, на националните малцинства. Тие беа главните таргет групи.

„Тоа сега не се случува оркестрирано. Но, многу често ние наидуваме на сексистички говор, родово базиран говор на омраза, хомофобно однесување или говор од членови на двете политички партии. И на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Не се разликува членството по однос на тие прашања, пониските ешалони. Не се разликува. Тоа е материјалот во Македонија. Тоа е свеста“, нагласува директорката.

Маѓепсан круг со политичките партии

Партискиот клиентелизам се задржа и со СДСМ на власт, вели Пировска | Фото: БИРН

Ова ги става луѓето што работат на унапредување на човековите права во позиција да немаат силни и доверливи партнери во политиката. Балансот е особено нарушен, објаснува Пировска, со непостоењето на конструктивна опозиција во ова поле.

По природата на нештата, граѓанскиот сектор треба да соработува со опозициските партии, заедно со нив да врши притисок врз власта, но тоа е тешко остварливо, вели, кога граѓанските активисти се персони нон грати кај нив и кога сите работи за кои тие се борат (правото на абортус, родово-базираното насилство, правата на ЛГБТИ заедницата) опозицијата ги користи како средство за манипулирање на јавноста, оцрнување на владејачката гарнитура и за собирање поени.

„Ние се движиме во еден маѓепсан круг, кога станува збор за политичките партии. Од една страна се тие што упорно се борат за конзервативните политики само за да ја задоволат јавноста, а од друга се тие што гледаат некако да балансираат меѓу популизмот и задоволувањето на барањата на граѓанскиот сектор, затоа што знаат дека утре тој граѓански сектор ќе треба да даде оценка за нивната работа“, вели Пировска.

Ова балансирање можеше да се набљудува во односот на владејачката гарнитура кон нејзината министерка за образование и претходно за труд и социјална политика, Мила Царовска. Како поранешна активистка, Царовска цврсто се бореше за своите политики и не попушташе под јавниот притисок. Влегуваше во дуел со локалните жители што се противеа на отворање мали групни домови за деца со попречености при процесот на деинституционализација, не прифаќаше преместување на центрите за зависности во ненаселени места, иако тоа го бараа и градоначалници од нејзината партија, а до последен момент не отстапи ниту од дигитализацијата на образованието, и покрај повеќестраниот отпор против оваа иницијатива. Во поголемиот дел од овие битки изгледаше осамено.

Кај остатокот од владата се гледаше поголема попустливост, како на пример во случајот со планираниот прифатен центар за странци во Бардовци, чија изградба беше стопирана пред вториот круг од локалните избори, поради протестите на жителите.

„Не би рекла дека пристапот на Царовска беше и генерален пристап на владата, апсолутно не. Јас дури мислам дека Мила Царовска не беше разбрана ниту од членството на сопствената партија, и мислам дека нејзиниот пристап кон решавање на работите воопшто не личи на типичен македонски политичар. Таа доаѓа од граѓанскиот сектор. Мислам дека ќе биде запаметена како една од луѓето во власта, која имаше атипично однесување за министер и апсолутно не водеше сметка дали ќе ги задоволи широките народни маси, што многу често е случај кај нас, бидејќи политичарите повеќе се грижат за тоа како нивните зборови ќе влијаат врз јавноста, отколку што ќе значат нивните политики за општеството, па и за човековите права“.

Царовска, во меѓувреме, се откажа од партиската функција во СДСМ и реши да не биде дел од владата што ќе ја составува новиот лидер на СДСМ и иден мандатар Димитар Ковачевски. Не ги образложи причините за својата одлука. Пировска коментира дека таа се судри со тема што ѝ бодеше очи, не само на јавноста, туку и на политичките партии, па и на самото членство на владејачката партија.

Човековите права во „предавнички“ пакет

Евроскептицизмо беше видлив на протестите против промената на името | Фото: БИРН

Големите политички настани од изминативе пет години, како потпишувањето на Преспанскиот договор, уставните измени за промена на името во Република Северна Македонија, заострувањето на односите со Бугарија, иако не се директно поврзани, имаат влијание и врз борбата за човековите права. Како прво, ги истиснаа човековите права како тема во јавноста, а како второ, сѐ повеќе почнаа да се доживуваат како нешто наметнато од надвор.

„Мислам дека промената на името и целиот процес што водеше кон тоа доведе до јакнење на евроскептицизмот кај нас, приклонување кон партиите што имаат главно национал-шовинистичка агенда, што мене особено ме загрижува“, вели Пировска.

Тоа особено се засили, додава таа, кога стана јасно дека ветуваната награда за овие промени, во форма на датум за почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија, нема да се добие.

„Одеднаш револтот против тие промени стана исклучително голем, и во пакет со нив се ставија и сите други промени. Значи – правата на ЛГБТИ заедницата, правата на жената, правата на сите оние маргинализирани групи. Тоа се манифестираше и со отпор против дигитализацијата на образованието, сексуалното образование, да не заборавиме дека сите овие групи што протестираа и против тоа, и против вакцините, што исто така влегуваше во истиот пакет, се групи што излегуваат од еден политички естаблишмент, од ВМРО-ДПМНЕ и од другите конзервативни струи кај нас. Човековите права во најголем дел беа на удар“, вели директорката на Хелсиншкиот комитет.

Судски бумеранг за говорот на омраза

Јавното обвинителство и судовите не реагираат на говорот на омраза, смета Пировска | Фото: БИРН

Областа во која Пировска не гледа никаков напредок е борбата против говорот на омраза како кривично дело, работа што треба да ја извршат обвинителството и судовите. Тие, вели, едноставно се инертни и не покренуваат постапки.

„Ако ги отворите социјалните мрежи, во текот на денот можам да извадам сигурно 20-30 случаи на говор на омраза, а досега имаме само една пресуда, и тоа во случај во кој не беа вмешани познати личности“, вели таа.

Тие досега поднеле голем број пријави за говор на омраза, повеќето против ТВ-водителот Миленко Неделковски.

„Баш ја следевме неговата емисија по локалните избори, каде што повторно прави листи за отстрел. А ако видите колку луѓе го следат, тоа е страшно. Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кога ги разгледува случаите на говор на омраза, го зема предвид влијанието на личноста како главен елемент. Ако тој што шири говор на омраза има десет илјади следбеници, тоа е нешто што не смее да се пренебрегне“, смета таа.

Пасивноста на правосудните органи ја свртела ситуацијата во корист на Неделковски. Пировска вели дека тој ѝ доставил допис дека ќе ја тужи затоа што зборувала за него дека шири говор на омраза, а бидејќи нема таква пресуда против него, тоа значело дека таа лажела, односно го клеветела.

„Кога органите не го прават тоа што треба да го направат, го охрабруваат и него и сите други да продолжат со таквите дела. И затоа Миленко Неделковски по локалните избори си прави емисии, си прави листи, си зборува за луѓето секакви работи, кажува што ќе им се случи“, додава таа.

Каде, сепак, има напредок?

Со оглед на општата атмосфера, одржливоста на напредокот е несигурна, вели Пировска | Фото: Роберт Атанасовски

Најголемиот напредок, според директорката на Хелсиншки, е во тоа што веќе не се случуваат напади на основните граѓански и политички права, како слободата на изразување, на говор, на изречена критика, на здружување, на абортус, кои беа напаѓани од позиција на власт „во времето на груевизмот“.

„Ние тогаш се занимававме со основни човекови права, со кои е незамисливо да се занимаваат борци за права во напредните демократии. Ми се случуваше да станам наутро и да помислам – што ли ќе се случи денес? Кој ќе биде на отстрел“, се присетува Пировска.

Во отсуство на закани, како т.н. десоросоизација, во која 22 организации беа ставени под интензивна финансиска контрола од повеќе истражни органи, и во отсуство на јавни прозивки, таа оценува дека има промена во демократската атмосфера, подобар амбиент за работа на граѓанските организации, како и чувство на сигурност и на слобода барем да се искаже мислењето.

„Јас го паметам времето кога луѓето се плашеа да напишат статус на Фејсбук. Гледајте денес што се случува. И за најминорна повреда или прекршување на некое право или слобода, граѓаните гласно го изразуваат своето незадоволство, објавуваат содржини, и со тоа прават притисок врз власта“, додава Пировска.

Напредок има и во отвореноста и во соработката со институциите, формирањето на Советот за соработка меѓу граѓанските организации и Владата, можноста да се посетуваат затворите итн. Голем напредок се и донесените и сменети закони.

Сепак, со оглед на општата атмосфера, несменетиот менталитет кај администрацијата и генерално конзервативното гласачко тело, одржливоста на тој напредок е несигурна. Таа вели:

„Тешко дека ќе има голем отпор ако има обиди да се поништи овој напредок и да се врати општеството чекори назад“.