На Един Џеко (46) и на Сами Расема Јетисен, односно Расема Хандановиќ (45), би можело да им биде одземено државјанство на САД, бидејќи од американските власти ги сокриле информациите дека биле членови на босанска воена единица, која за време на војната во Босна и Херцеговина, 1992-1995, извршила воени злосторства.
Имено, нивната единица, во 1993 година, извршила масакр на босански Хрвати во селото Трусина.
Како што објави американското Министерство за правда, со тужбата се бара нивна денатурализација.
„Воените злосторници нема да наоѓаат сигурно засолниште во САД. Ние ќе бидеме цврсти во истрагите и гонењето на прекршителите на човекови права, на мачителите и на воените злосторници. Ова особено важи за оние кои добиле американско државјанство со измама. Долго време толериравме груби измами во нашата програма за бегалци, нашиот имиграциски систем и во процесот на натурализација“, се вели во соопштението на секретарот за правда, Џеф Сешнс.
Јетисен, по војната, во САД влегла како бегалец, при што навела оти бега од злосторствата кои, всушност, самата ги извршила, се вели во тужбата. Таа станала жител на САД во 1998, а државјанство добила во 2002 година.
Двајцата беа екстрадирани во БиХ во 2011 година, заради судење. Во април 2012 година, Јетисен се изјасни за виновна за воени злосторства, извршени над воени затвореници и цивили. Во замена за признавањето на вината, таа беше осудена на пет и пол години затвор.
Во јуни 2014 година, Џеко во БиХ беше осуден за воени злосторства над воени затвореници и цивили. Тој беше прогласен за одговорен за осум убиства, делумно врз основа на сведочењето на Јетисен.
Jетисен, по отслужување на казната, се врати во Орегон во САД, додека Џеко сè уште се наоѓа на издржување на казната во БиХ.