Осудениот воен злосторник и поранешен командант на логорот Сушица, Драган Николиќ, познат како Јенки, во средата беше закопан во босанскиот град Власеница.
Хашкиот трибунал во почетокот на 2005 година го осуди Николиќ на 20 години затвор, откако тој призна дека учествувал во убиствата, силувањето и тортурата на бошњачките затвореници во логорот Сушица, во Власеница, во 1992 година.
Николиќ во изјавата пред судиите во Хаг истакна оти „искрено се кае“ за злосторствата.
„Моето каење доаѓа лично од мене, бидејќи големо мнозинство од луѓето ги знаев од мали нозе. Заедно растевме, некои од нив ми беа соседи“, изјави Николиќ пред судот.
„Ќе ја искористам оваа можност, на сите жртви и на оние што директно ги повредив, на чии животи и судбини влијаев, да им се извинам, да им се извинам длабоко и на сите оние што беа во Сушица“, додаде тој.
По издржување на две третини од казната, во 2013 година, тој беше ослободен.