Регион

Почна судењето на Вишња Аќимовиќ, за убиство на бошњачки затвореници

Потерницата на Интерпол, која беше распишана по Вишња Аќимоиќ. Извор. Интерпол.

Судењето на Вишња Аќимовиќ, обвинетa за учество во убиство на 37 мажи, Бошњаци, во Мрачен Дол, во близина на логорот Сушица, во општина Власеница, во јуни 1992 година, започна денеска пред Вишиот суд во Белград.

Аќимовиќ пред судот изјави дека не е виновна и дека таа и нејзиното семејство престојувале во Бачка Топола, Србија, од крајот на мај до почетокот на јули 1992 година.

„Мојот најстар брат загина на 22 мај 1992 (во војната). Еден или два дена по погребот, јас и моите родители отидовме кај сестра ми во Бачка Топола и таму престојувавме околу 40 дена, пред да се вратиме во Власеница“, нагласи таа.

Според обвинението, Аќимовиќ, заедно со неколку припадници на Војската на Република Српска (ВРС), учествувала во убиството на 37-те мажи, откако група бошњачки затвореници со автобус биле донесени од затворот кој се наоѓал зад зградата на судот во Власеница.

„Обвинетата се товари дека пукајќи од огнено оружје, стрелала во жртвите, кои само неколку метри биле одалечени од автобусот“, објави Обвинителството на БиХ во 2017 година, при поднесувањето на обвинението.

Телата на жртвите биле откриени дури во 2000 година на локалитетот Мрачни Дол.

Во обвинението се тврди дека Аќимовиќ била припадничка на ВРС, но таа тоа го демантираше денеска пред судот.

Таа рече дека имала четири браќа и дека сите биле припадници на ВРС. Еден од нејзините браќа е Мирослав Краљевиќ, градоначалник на Власеница.

Случајот против Аќимовиќ, на Србија ѝ беше префрлен од БиХ, врз основа на протоколот за процесирање на воените злосторства, што го потпишаа двете земји.

Судењето треба да продолжи во јануари.