Регион

Почнува реконструкцијата на џамијата Арнаудија во Бања Лука

Архивска фотографија на џамијата Арнаудија, пред нејзиното уривање во војната 1992-1995 во БиХ

Со години, од градските депонии околу Бања Лука и од реката Врбас, која тече низ овој административен центар на босанскиот ентитет Република Српска, трпеливо беа собирани делови од уништената џамија Арнаудија.

Овие делови сега се исчистени, подготвени и пренесени до местото на урнатата џамија, на кое ќе биде изградена нова, со идентичен изглед како и некогашната џамија, која српските сили ја сравнија со земја во мај 1993 година.

Од Меџлисот на Исламската заедница во Бања Лука, изјавија дека се е подготвено за поставување на камен-темелникот на џамијата, планирано за 22 април. Веднаш потоа почнува и нејзината реконструкција.

„Подготовките за церемонијата на поставување на камен-темелник се при крај, а на неа ќе присуствуваат голем број на верници, како и претставници на политичкиот и верскиот живот во Босна и Херцеговина и во Република Турција“, изјави за БИРН, Сенаид Зајимовиќ, директор на вакафската дирекција на Исламската заедница во БиХ.

Средствата за реконструкција ги обезбеди Генералната дирекција на вакафот на Република Турција.

Овој проект следи по минатогодишното отворање на историската џамија од времето на Отоманското царство, џамијата Ферхадија во Бања Лука, кое се одржа во мај. И оваа џамија во војната беше урната од српските сили.

„Реконструкцијата на џамијата Арнаудија е многу специфична, бидејќи околу неа има и многу други објекти кои треба да се обноват. Средствата во целост се обезбедени и затоа веруваме дека реконструкцијата на Арнаудија ќе напредува многу побрзо отколку реконструкцијата на Ферхадија“, вели Зајимовиќ.

Реконструкцијата ќе чини меѓу четири и пет милиони босанските марки (помеѓу 2 и 2,5 милиони евра), информира Зајимовиќ.

Денешниот изглед на локацијата на која некогаш се наоѓала Арнаудија. Фото: БИРН

„Нема да брзаме, мислам дека финансиите нема да бидат проблем, но со оглед дека е ова (проект) од највисока категорија, нема да ни пречи ако трае една или две години; важно е ова да се направи како што треба“, вели бањалучкиот муфтија, Осман ефендија Козлиќ.

Арнаудија е последна џамија во Бања Лука, од 15 кои беа уништени за време на војната, која ќе биде обновена.

„Останатите се или во изградба, или наскоро ќе бидат завршени и официјално отворени“, информира Козлиќ.

Џамијата Арнаудија е изградена во 1595 година, во близина на џамијата Ферхадија. Двете џамии до војната беа под заштита на УНЕСКО и двете беа срамнети со земја на ист ден, 7 мај 1993 година.

А 23 години по разурнувањето, на 7 мај 2016 година, обновената Ферхадија беше повторно отворена.

На свеченото отворање на џамијата присуствуваа највисоки претставници на БиХ и меѓународни достоинственици, меѓу кои и тогашниот премиер на Турција, Ахмет Давутоглу, како и околу 8.000 граѓани. Ова е една од џамиите кои пред да биде урната до темел, со векови била една од атракциите во Бања Лука.

Арнаудија е изградена во класичен отомански стил. Според историските податоци, ја изградил тогашниот министер за финансии на босанскиот пашалак, Хасан ефендија.

Таа ќе биде реконструирана по примерот на Ферхадија.

Мирсад Бехариќ, кој секојдневно попладне доаѓа во дворот на џамијата, вели дека таа е составен дел од пејзажот на Бања Лука.

„Ферхадија беше центар, а околу имаше дуќани, продавници, потоа болницата Хастахана и на крајот од улицата беше Арнаудија“, вели Бехариќ.

Зајимовиќ укажува дека реконструкциите на Ферхадија и на Арнаудија се значајни, бидејќи тоа е „доказ оти луѓето се движат кон соживотот и си помагаат едни на други“.

„Тие се споменици од големо значење за Бања Лука, Република Српска и за Босна и Херцеговина. Во интерес на сите нас е да се обноват спомениците по кои БиХ беше позната во целиот свет, како и да се поврзуваат луѓето и народите во регионот“, заклучува Зајимовиќ.

Тексот е објавен и на Балканска транзициска правда