Регион

Поднесено обвинение за помагање во геноцидот во Сребреница

Меморијалниот центар во Поточари. Фото: БИРН

Обвинителството на Босна и Херцеговина  поднесе обвинение против Зоран Малиниќ, поранешен командант на баталјонот на воената полиција на 65-от заштитен моторизиран полк на Главниот штаб на ВРС, обвинувајќи го за помагање во геноцидот во Сребреница.

Тој е обвинет за свесно помагање на учесници на заеднички злосторнички потфат да извршат геноцид, за време на широко распространетиот и систематски напад на ВРС и на полицијата, врз бошњачкото цивилно население, во заштитената зона на ООН, Сребреница, во јули 1995 година

„Обвинението наведува дека обвинетиот планирал, надгледувал и ги координирал активностите на припадниците на воената полиција во местото Нова Касаба и неговата околина, кои по падот на заштитената зона во Сребреница, постaвувале заседи, пресретнувале, заробувале и убивале цивили од бошњачка националност“, соопшти Обвинителството на БиХ.

Според обвинението, припадници на воената полиција убиле група од 12 заробени цивили, вклучувајќи жени и ранети, по наредба и одобрение на Малиниќ.

Обвинението против Малиниќ, исто така, се однесува и на апсење и матретирање на група од најмалку 20 затвореници, во училиштето во Нова Касаба, како и заробување на стотици цивили, кои биле држени во нехумани услови на стадионот во истото место.

Тие, наводно, биле пренесени во правец на Кравица и Братунац, чувани во објекти за притвор, а потоа биле убиени на различни локации.

Командантите на многу единици на воената полиција, кои учествувале во геноцидот, никогаш за ова не одговарале.

Обвинителството на Босна и Херцеговина верува дека Малиниќ, кој претходно сведочел пред Хашкиот трибунал во случаи поврзани со геноцидот во Сребреница, се наоѓа во Србија.

Обвинението против Малиниќ е проследено до Судот на БиХ на потврда.