Регион

Покрената истрага по телефонскиот разговор со Младиќ, во емисија на Хепи ТВ

Ратко Младиќ, во судницата на Хашкиот трибунал. Фото: Питер Дејонг/АП/Бета

Филип Рудиќ | БИРН | Белград

ММКТ објави дека испитува дали поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, прекршил некое правило, јавувајќи се во живо во емисија на Хепи ТВ, од притворот во Холандија.

Младиќ им се обрати на гостите во емисијата, откако неговиот син Дарко, кој во Белград ја промовира книгата за овој поранешен генерал, го повика по телефон.

Портпаролката на ММКТ, Хелена Еглестон, вели дека притворениците имаат право да комуницираат со членовите на нивните семејства, но оти секој контакт со медиумите, мора однапред да биде одобрен од страна на судскиот секретаријат.

„Од таа страна, разгледуваме дали дошло до повреда на правилникот за притвор, врзано за комуникацијата со притворениците”, изјави Еглестон за БИРН.

Таа не сакаше да шпекулира за можните санкции кои на Младиќ би можеле да му бидат наметнати.

„Тоа сега останува на секретаријатот, прво да се види дали воопшто постои повреда и ако е така, тогаш останува на единицата за притвор и на секретаријатот, да донесат одредена мерка”, додаде таа.

Синот на Младиќ, Дарко, беше гостин во емисија на српската провладина телевизија Хепи, заедно членот на руската Дума, Павел Дорохин, и воениот злосторник и националистички политичар, Воислав Шешељ.

Во еден момент, во текот на емисијата, Дарко Младиќ телефонски го повика својот татко, кој го поздрави Дорохин и неговата Комунистичка партија на Русија, го повика Шешељ да го посети во притвор и го советуваше да ја намали телесната тежина.

Во ноември 2017 година, Хашкиот трибунал, во првостепена постапка, со осуди Младиќ за геноцид и за други воени злосторства. Тој на пресудата со која беше осуден на доживотен затвор, најави жалба. Конечната пресуда ќе биде изречена следната година.